По рекордниот скок на цените на какаото во 2024 година, сликата лани беше сосем спротивна. Цените на суровината што се користи за производство на омиленото чоколадо во светот паднаа на рекордно ниски нивоа минатата година. Што значи ова за потрошувачите, зошто цените на какаото паѓаат и какви се перспективите за 2026 година?
Еден тон какао деновиве чини околу 5.800 долари, додека пред точно една година чинеше 11.800 долари.
Неизвесни временски услови
Прочитај повеќе
Цените на земјоделските суровини во светот паѓаат. Зошто кај нас храната не е поевтина?
Зошто цените на земјоделските суровини паѓаат и за колку и зошто тоа не се гледа при посетата на продавниците?
30.12.2025
Побарувачката за чоколадо се влошува иако паѓаат рекордните цени
Забавувањето во фабриките за какао низ целиот свет продолжува да се продлабочува, што укажува дека цената на слатките производи веројатно нема брзо да закрепне.
14.10.2025
Цената на какаото паѓа, но поевтино чоколадо ќе чекаме за Велигден
Откако постигна историски врв од над 12.000 долари за тон во 2024 година, годинава цената на какаото падна на пoд 7.000 долари за тон.
06.10.2025
Зголемените приноси на какао ветуваат излез од чоколадната криза
Се предвидува дека производството ќе ја надмине потрошувачката за околу 186.000 тони во сезоната 2025-2026, која започнува следниот месец.
24.09.2025
Во 2024 година какаото достигна рекордна цена од речиси 13.000 долари за тон. Рекордните цени на берзата беа главно предизвикани од фактори на животната средина, бидејќи болестите и екстремните временски услови ги погодија посевите на главните производители на какао, Брегот на Слоновата коска и Гана. Двете западноафрикански земји заедно снабдуваат околу 60 проценти од светските залихи на какао.
Метереолошкиот феноменот Ел Нињо донесе невообичаено обилни дождови во Гана и Брегот на Слоновата коска во последните години, проследени со суво и топло време. Во комбинација со болестите на земјоделските култури, ова доведе до пад од 11 проценти на главната жетва на какао преклани, со што 2024. стана четврта година по ред во која се консумираше повеќе какао отколку што се произведуваше.
Временските услови и прогнозите за жетвата се подобрија во 2025 година, што се одрази на пониските цени на какаото на берзата, но и на ослабената побарувачка. Цените на какаото во моментов се околу 50 проценти пониски отколку во 2024 година, што претставува најостар пад од 1960 година, според „Блумберг“.
Производство на какао во Западна Африка/Cyril Marcilhacy/Bloomberg
Тековен развој на пазарот
Фјучерсите за какао во последните денови од минатата година се тргуваа по цена од 5.800 долари за тон, малку повисоко од ноемвриските минимуми, потпомогнати од очекувањата за помал глобален вишок какао и шпекулативно купување на берзата. Ова беше поттикнато од вклучувањето на какаото во индексот на стоки на „Блумберг“ (BCOM) во 2026 година.
„Пазарот на какао доживеа силен шок на понудата во 2024 година. Цените беа неколку стотици проценти повисоки од просекот во претходните години. Главната причина беа лошите временски услови во земјите производители. Заедно со лошите временски услови, беа додадени и болести и штетници“, објаснува Матеј Госар од „НЛБ Склади“.
„Цената на какаото доживеа извонредни флуктуации во последните години“, вели Томаж Арих, портфолио менаџер во „Сава Инфонд“, опишувајќи го движењето на цените на оваа стока. „Со години беше релативно стабилна на околу 3.000 долари за тон, но потоа поради лошите жетви, временските екстреми и структурните проблеми во Западна Африка, нагло скокна во 2023 година и достигна околу рекордни 13.000 долари за тон на крајот на 2024 година. Таквиот скок значително ги зголеми трошоците за производителите на чоколадо.“
Арих вели дека лани имало пресврт на цените. „Цената на какаото падна за околу 45 проценти од почетокот на годината. Причините се главно подобрени перспективи за жетвата, делумна стабилизација на ситуацијата во главните земји производители (Гана и Брегот на Слоновата коска) и падот на индустриската побарувачка, бидејќи високите цени во минатото ја намалија преработката и потрошувачката на какао. Покрај тоа, некои шпекулативни инвеститори се повлекоа од пазарот, што создаде дополнителен притисок врз цените.“
Професорот по земјоделска економија Алеш Кухар вели дека какаото е стока со исклучително висока еластичност на понудата и побарувачката. Цената на какаото „е под влијание на синџирите на снабдување, тоа се стоки кои се котираат на берзите, а нервозата на пазарот е една од клучните карактеристики“, рече тој, додавајќи дека „тешко е да се каже нешто разумно бидејќи сме надвор од дофатот на рационалните или истражувачките рамки“.
Госар истакнува дека ситуацијата се стабилизирала во 2025 година, па во отсуство на нови временски проблеми, можеме да очекуваме цените да продолжат да се смируваат. „Помалата побарувачка, која се случи поради промените во навиките и процедурите за преработка како последица на високите цени во 2024 година, исто така придонесува за падот на цените“, додаде тој.
За култури како какаото, кои се многу чувствителни на временските промени, високата нестабилност на цените е константа, вели економистката Катја Зајц Кејжар од Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана. „Чоколадото е релативно прифатливо задоволство, што значи дека падот на побарувачката е значително помал од зголемувањето на цената.“
Какви се предвидувањата за 2026 година?
Цените на какаото остануваат нестабилни. Иако фјучерсите на какаото паднаа под 5.000 долари по тон во ноември, тие деновиве се движат околу 6.000 долари. Пазарите ги сметаат очекувањата за голем суфицит оваа сезона за помалку веројатни, објави „Блумберг“. Аналитичарите во „Рабобанк“ и „Ситигруп“ ги намалија своите прогнози за суфицит во 2026 година во последните недели.
Нестабилноста ќе продолжи бидејќи снабдувањето од Западна Африка останува неизвесно. Земјоделците во регионот се соочуваат и со финансиски тешкотии, недостаток на пристап до основни ѓубрива, болести и потенцијал за екстремни временски услови.
Питер Филд, извршен директор на една од најголемите светски компании за чоколадо, „Бери Калебо“ (Barry Callebaut) пред неколку недели истакна дека клучните структурни проблеми во производството на какао не се решени и покрај падот на цените и подобрените прогнози за жетвата. Производството на какао во Западна Африка има постојан инвестициски јаз, а чоколадото е потценето предолго, рече тој.
„За 2026 година, аналитичарите генерално очекуваат помирни цени отколку во рекордната 2024 година, но пазарот останува чувствителен на временските услови и политичките ризици, па затоа не можат да се исклучат големи флуктуации во иднина“, објаснува аналитичарот Арих. Западна Африка е исклучително политички нестабилен регион и неодамна беше погодена од бран разни државни удари.
Се очекува производството на какао да се зголеми за повеќе од 10 проценти следната година, поддржано од зголемувањето на производството во Брегот на Слоновата коска (пет проценти), најголемиот светски производител на оваа стока, и Гана (34 проценти).
Се очекува цените да паднат за шест проценти во 2026 година и дополнителни седум проценти во 2027 година, бидејќи понудата продолжува да се подобрува. Перспективата останува чувствителна на временските ризици, особено развојот на феноменот Ла Ниња, кој би можел да го зголеми производството во Западна Африка повеќе од моментално прогнозираните, според извештајот на Светската банка.
„Проблемите со снабдувањето во Западна Африка се далеку од решени и иако Латинска Америка го зголемува производството на какао, тоа не е доволно за да се пополни јазот. Доколку побарувачката остане непроменета, цените на какаото би можеле да пораснат во следните неколку години“, напиша во извештајот земјоделскиот економист Елио Муриљо. Тој очекува цените на какаото да се движат помеѓу 6.800 и 7.200 долари по тон до 2026 година.
Движењата на валутата, исто така, претставуваат дополнителен ризик. Какаото се тргува во американски долари, па затоа силниот долар обично врши притисок врз цените на какаото. Покрај тоа, промените во владините политики, особено во земјите производители, како што се нови даноци, контрола на цените или регулативи за извоз, можат брзо да влијаат на пазарот.
Cyril Marcilhacy/Bloomberg
Дали ниските цени на берзата ќе се одразат на полиците во продавниците?
И покрај рекордниот пад на цените на какаото, ова не значи дека чоколадото и слатките во продавниците наскоро ќе станат поевтини, објави „Блумберг“. Фјучерс договорите за какао се зголемија речиси за трипати минатата година, а производителите го префрлија зголемувањето на цената на купувачите.
Затоа, и покрај падот на фјучерс договорите, немаше намалување на малопродажните цени. Производителите сè уште ги трошат залихите од какао што ги купиле на врвот на растот на цените. Затоа, експертите очекуваат дека евентуалното намалување на малопродажните цени би можело да започне дури во втората половина од следната година, а тоа не е гарантирано. Како резултат на тоа, домаќинствата, веќе оптоварени со поскапи намирници, ќе продолжат да оценуваат дали чоколадото е прифатлива закуска.
Арих од „Сава Инфонд“ вели дека ако цените на чоколадото паднат толку брзо како цените на какаото, полиците веќе би биле празни. „Во пракса, ефектите од пониските малопродажни цени на суровините обично се одразуваат со задоцнување, бидејќи падот на цените на какаото постепено отвора простор за попусти, дури и за веќе воспоставени брендови.“
„Важно е да се напомене дека какаото, иако е основна суровина, само по себе не ја одредува конечната цена на чоколадото бидејќи производителите сè уште се оптоварени со високите трошоци за транспорт, работна сила и други фактори на производство“, заклучува Арих.
Некои од најголемите производители на чоколадо избегнуваат да прогнозираат какви било промени на цените, наведувајќи ја нестабилноста на пазарот на какао како причина. „Нестле“ соопшти дека иако неодамнешните промени на цените се охрабрувачки, прерано е да се зборува за конкретни промени, додека „Херши“ очекува „дефлација да се случи подоцна во 2026 година“.