Политичките лидери во Северна Ирска повикаа на смиреност и го осудија насилството што избувна во Белфаст по нападот со нож во понеделникот, за кој се верува дека бил извршен од маж со суданско потекло.
Неколку возила беа запалени, а беа пријавени и запалени куќи на повеќе локации низ Белфаст и други делови од Северна Ирска во вторникот вечер.
Премиерката Мишел О’Нил од „Шин Фејн“ го опиша насилството како „целосно хулиганство“ во објава на X. „Постојат опасни обиди тоа да се искористи за целење и напади врз невини луѓе, кои едноставно се обидуваат да живеат, работат и да ги растат своите семејства овде“, додаде таа.
Клер Хана, пратеничка од Белфаст и лидерка на Социјалдемократската и лабуристичка партија, изјави дека тоа е „расно мотивиран погром“. Таа за „Би-би-си“ изјави: „Гледаме мажи што одат од врата до врата барајќи странците да бидат избркани исклучиво врз основа на бојата на нивната кожа“.
Насилството избувна како реакција на напад со нож што се случи во Белфаст во понеделникот. Триесетгодишен маж, за кој се верува дека е од Судан, е обвинет за обид за убиство и треба да се појави пред суд в среда.
Немирите доаѓаат кратко по протестите во Саутемптон, Англија, по убиството на 18-годишниот Хенри Новак од страна на Сик, кој ја измамил полицијата тврдејќи дека бил расно навредуван од својата жртва. Екстремно десничарски групи повикаа луѓето да излезат на улица, а технолошкиот милијардер Илон Маск беше обвинет од премиерот Кир Стармер поради неговите коментари за инцидентите на социјалните мрежи.
Пратеничката на „Шин Фејн“ за Јужен Белфаст, Деирдре Харги, изјави за дека „имало намерно поттикнување од страна на британската крајна десница“.
„Социјалните мрежи беа преплавени со пораки што поттикнуваа протести, повикувајќи луѓето да излезат на улиците“, рече таа. Државниот секретар за Северна Ирска, Хилари Бен, изјави дека сцените на неред во вторникот „само ги оштетуваат заедниците и ставаат невини животи во опасност“.
Насилството избувна околу 19 часот, а видеа на социјалните мрежи прикажуваа маскирани демонстранти на улиците во неколку области на Белфаст и Северна Ирска. Во источен Белфаст беше украден автобус и запален. Видеата покажаа луѓе како бегаат од запалени куќи додека автомобили гореа на улиците.
Министерката за правда на Северна Ирска, Наоми Лонг, изјави дека неколку семејства морале да бидат изведени од нивните домови под полициска придружба. „Нема место за ова во нашето општество“, рече таа за РТЕ. Лонг рече дека разбира зошто луѓето се лути по „бруталниот“ напад во понеделникот, но додаде дека „тоа не е правилниот одговор“.
Противпожарната служба на Северна Ирска соопшти дека интервенирала за 62 инцидента.
Претседателката на британската Лабуристичка партија, Ана Турли, апелираше на смиреност во интервју за „Скај њуз“ во средата. „Мора да дозволиме полицијата и правосудниот систем да си ја завршат работата и никој не треба да го поттикнува ова или да внесува насилство на улиците каде било во Обединетото Кралство.“