Американската војска изврши напади врз повеќе цели во Иран втор ден по ред, откако претседателот Доналд Трамп ја обвини земјата дека ги одолжува разговорите за привремен мировен договор.
Централната команда на САД на X соопшти дека започнала „дополнителни самоодбранбени напади“ во 17:15 часот по њујоршко време во средата. Околу четири часа подоцна, во друга објава, командата прогласи дека операцијата е завршена и дека биле погодени системи за надзор, локации за противвоздушна одбрана и комуникациски мрежи.
Трамп во интервју за „Фокс“ (Fox News) изјави дека разговарал со високи ирански функционери во средата и дека тие побарале од него да го запре бомбардирањето. Тој рече дека тоа наскоро ќе престане, но додаде дека САД повторно ќе го нападнат Иран доколку неговите лидери не потпишат договор, објави „Фокс“.
Прочитај повеќе
Трамп најавува напади врз Иран и нарушување на примирјето
Претседателот на САД Доналд Трамп вети нови удари врз Иран откако ја обвини земјата дека ги одолговлекува разговорите за привремен мировен договор, дополнително оптоварувајќи го кревкото двомесечно примирје.
пред 12 часа
Првпат во историјата: Пилотите на урнатиот „апачи“ спасени со поморски дрон
Површински поморски дрон помогна во спасувањето двајца членови на екипажот од американскиот армиски хеликоптер „апачи“ што се урна крај брегот на Оман.
10.06.2026
САД го нападнаа Иран по соборување на американски хеликоптер, нов тест за мировните преговори
Централната команда на САД соопшти дека нејзините сили „ги нападнале иранските воздушни одбранбени станици.
10.06.2026
Нападите, кои следуваа по ударите во вторникот како одмазда за соборувањето на американски хеликоптер „апачи“, ја нагласија растечката фрустрација на Трамп поради тоа што двете страни досега не успеале да постигнат договор.
Ова наедно е нов доказ дека примирјето договорено во април речиси целосно пропадна, иако САД и Израел не се вратија на интензивната кампања на бомбардирање што ги обележи раните денови на конфликтот.
Полуофицијалната иранска новинска агенција „Тасним“ (Tasnim), повикувајќи се на воен извор, пред почетокот на нападите соопшти дека вооружените сили на земјата се „целосно подготвени“ за нови напади и дека имаат способност да погодат дополнителни американски цели.
Државната телевизија „Прес ТВ“ (Press TV) тврдеше дека Ормускиот Теснец е целосно затворен за сите видови пловни објекти, вклучувајќи ги и трговските бродови, повикувајќи се на Централниот штаб Хатам ал-Анбија. Морнарицата на исламската револуционерна гарда соопшти дека погодила два брода што се обиделе да поминат низ теснецот, пренесе „Прес ТВ“.
Американската команда во објава на X го отфрли иранското тврдење дека теснецот е затворен, наведувајќи дека „трговските бродови продолжуваат да влегуваат и излегуваат од Ормускиот Теснец“. Иранските новински организации објавија дека официјални лица во Техеран негирале директни разговори со американскиот претседател.
По соопштението на американската армија дека бранoт напади е завршен, цената на суровата нафта брент порасна за 1,4 отсто, на околу 95 долари за барел, откако на почетокот на тргувањето во четвртокот се искачи над тоа ниво. Златото поскапе за речиси 1 отсто, на 4.110 долари за унца.
Новите акции претставуваат најинтензивни судири меѓу САД и Иран во последните недели. Понатамошна ескалација ризикува да ги наруши повремените индиректни разговори меѓу Техеран и Вашингтон.
Трамп со недели балансира меѓу закани за засилени напади и тврдења дека мировен договор е на дофат. Сепак, ниту едното ниту другото сценарио не се реализира, а Ормускиот Теснец, клучен поморски пат за нафта и други стоки, остана во голема мера затворен и покрај американските напори да го намалат иранското задушување на сообраќајот.
Во последните недели некои производители пронајдоа начини да извезуваат нафта преку таканаречени „темни транзити“. Иако конвенционалните податоци за следење бродови покажуваат мала промена во испораките, високи претставници од бродската индустрија, азиски купувачи на нафта и сателитски снимки укажуваат дека сообраќајот низ Ормускиот Теснец станува постабилен и се зголемува по обем.
Но премините сè уште се далеку под предвоениот просек од околу 135 транзити дневно.
Трамп претходно во средата објави дека американската војска помогнала во преминувањето на „повеќе од 200 трговски брода“ низ клучниот поморски пат, што резултирало со „повеќе од 100 милиони барели нафта“ што стигнале на пазарот. Тој понатаму тврдеше дека САД го контролираат теснецот, „не Иран“.
Уште три пратки течен природен гас од Катар и Обединетите Арапски Емирати се чини дека го напуштиле Ормускиот Теснец во последните денови, што дополнително укажува на зголемување на протокот на нафта и енергенти додека ОАЕ, Кувајт и Катар почнуваат да управуваат со транзитот на своите бродови низ теснецот.
Уште некои информации за војната:
* Трамп изјави дека биле употребени 49 ракети „томахавк“ за напади врз цели во Иран, објави „Фокс“. Иранското Министерство за надворешни работи ги обвини САД дека погодиле цивилна инфраструктура во нападите во текот на оваа недела.
* Пред да зборува Трамп, претставник на Белата куќа изјави дека разговорите продолжуваат, но вети дека САД ќе вршат максимален притисок сè додека не се постигне договор.
* Ники Хејли, амбасадорка на Трамп во Обединетите нации за време на неговиот прв мандат, во интервју за „Блумберг“ во средата изрази скептицизам дека преговорите ќе успеат. „Иран никогаш немаше да склучи договор“, рече таа.
* Полуофицијалната Иранска студентска новинска агенција објави дека катарска делегација пристигнала во Техеран во средата за да разговара за дипломатски процес за завршување на војната.