Се очекува дека Федералните резерви (Фед) в среда дополнително ќе ги намалат трошоците за задолжување, додека учесниците на пазарот ги следат акциите на јапонскиот „Нисан“ (Nissan), кои пораснаа дури за 24 проценти, по веста за потенцијално спојување со „Хонда“ (Honda).
ЕКОНОМИЈА
Фед ги намалува каматите третпат по ред?
Во фокусот на инвеститорите е одлуката на американскиот Фед за каматната стапка, и тоа последната во оваа година.
Аналитичарите на ББА: До крајот на 2025 година каматната стапка на Фед ќе биде 3,75 проценти
И аналитичарите на „Блумберг Адрија“ очекуваат дека Фед ќе продолжи со постепено ублажување на монетарната рестриктивност, бидејќи пазарот на трудот покажува знаци на мало заладување.
Од друга страна, американската берза годинава е во силен подем, поставувајќи нови рекорди во приносите. Клучните фактори за овој раст се добрите заработки на компаниите, манијата околу вештачката интелигенција и слабоста на европската економија, што заедно ги насочува инвеститорите кон САД.
БИЗНИС
Спојување на „Нисан“ и „Хонда“?
На корпоративен план, акциите на јапонскиот „Нисан“ пораснаа дури за 24 проценти, по веста за потенцијално спојување со „Хонда“.
Ова е најголем раст на акциите на „Нисан“ во последните пет децении, бидејќи инвеститорите се надеваат дека ваквиот потег би можел да го спаси „Нисан“ од финансиска криза. Од „Хонда“ соопштија дека разгледуваат неколку опции - вклучувајќи спојување, капитално поврзување или основање холдинг-компанија.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово претежно се тргуваат во црвено, пред објавувањето на конечните податоци за инфлацијата во еврозоната за ноември. Економистите предвидуваат дека годишната инфлација минатиот месец забрзала на 2,3 проценти во однос на два процента од претходниот месец.
САД
Истовремено, фјучерсите на американските индекси бележат мешани резултати, пред одлуката на Фед за каматните стапки. Се очекува дека официјалните лица на Федералните резерви на денешниот состанок ќе ги намалат трошоците за задолжување третпат по ред и истовремено ќе навестат побавно темпо на намалување на каматите следната година.
Азија
НАФТА
Нафтата се стабилизира по дводневниот пад бидејќи извештајот за индустријата навести значително намалување на американските комерцијални резерви на сурова нафта.
Суровата нафта од типот брент беше над 73 долари за барел по падот од 1,8 проценти во текот на претходните две сесии, а ВТИ (West Texas Intermediate) беше близу 70 долари. Американскиот институт за нафта соопшти дека американските резерви минатата недела се намалиле за 4,7 милиони барели, што би било четврти последователен пад ако тоа го потврдат официјалните бројки подоцна в среда.