Уставниот суд го одложи носењето одлука за уставноста на Законот за употреба на јазиците и одлучи да се одржи подготвителна седница за консултации со странски експерти.
Ваквото решение го поддржаа пет члена на Уставниот суд. На седницата не беа присутни судиите Осман Кадриу и Насер Ајдини, а судијата Фатмир Скендер одлучи да не присуствува на расправата по оваа точка.
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, изрази несогласување со одлуката на Уставниот суд за одржување подготвителна седница. Тој изјави дека е недозволиво во мултиетничка држава највисокиот орган да одржува седници со моноетнички состав, особено на чувствителни теми.
„Прво сакаме да го осудиме продолжувањето на седницата на Уставниот суд со моноетнички состав. Пораката на тројцата уставни судии од етничките заедници со нивното неприсуство беше доволен сигнал за да прекине седницата веднаш. Секогаш ваквите моноетнички состаноци или седници биле најава на лоши периоди во мултиетнички држави“, рече Османи.
Тој уште рече дека единствената праведна одлука што Уставниот суд денеска требало да ја донесе е да ги отфрли сите 13 иницијативи и да го затвори ова прашање.
„Закажувањето подготвителни седници е продолжување за укинување на Законот за јазиците“, вели тој.
ДУИ тешко се навикнува на опозиција, не сме во 2001 година Александар Кржаловски, директор на МЦМС, во разговор за „Блумберг Адрија“ вели дека ваквите закани за „лоши периоди“ и дестабилизација се резултат на тоа дека ДУИ тешко се навикнува на опозиција. Според него, партијата треба да ја чита пораката од САД дека во земја членка на НАТО, дестабилизацијата не е начин на кој може да се постигнат политички промени. |
Тензиите околу Законот за употребата на јазиците се совпаднаа со одлуката на САД да ги стави на црната листа поранешниот вицепремиер од редовите на ДУИ Артан Груби и судијата во Апелацискиот суд Енвер Беџети.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски оформи предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.
Предметот е доставен на постапување на надлежно обвинителство, кое ќе издаде соодветни наредби до институциите за откривање на кривичните дела.
„Со оглед на сериозноста на наводите поради кои наведените лица беа назначени на листата, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази со кои ќе ја провериме евентуалната кривична одговорност на лицата што се доведуваат во врска со дејства на поткуп и трговија со влијание“, истакна Коцевски на брифинг со новинарите.
Сопартијците на Артан Груби преку писмено соопштение известија дека ја почитуваат одлуката на Стејт департментот на САД.
„Како партија, остануваме посветени на стратегиската соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста“, велат од ДУИ.
Партијата исто така соопшти дека продолжува со отпорот и дека народот ќе биде присутен кога Уставниот суд ќе ја продолжи седницата за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците.
Овој закон е предмет на 13 иницијативи од различни граѓани, партии и здруженија. Уставниот суд може да ги отфрли, да поведе постапка, привремено да запре примена или да го прати законот на доработка во парламентот.
Подносители се ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Светски македонски конгрес, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, Васко Лазески, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски.