Денеска завршува најголемиот светски собир на економисти, политичари и лидери - Светскиот економски форум во Давос. „Блумберг Адрија“ редовно ги следеше случувањата од елитното швајцарско туристичко место, за што повеќе можете да прочитате на нашиот портал. Клучен настан беше вчерашното видеообраќање на новиот американски претседател Доналд Трамп, кој даде разни најави и изјави, но најмногу одекна онаа упатена до ОПЕК, во која бара да се намали цената на нафтата. Поради тоа нафтата започна со својот прв неделен пад годинава. Брентот се тргуваше близу 78 долари за барел и падна за околу три проценти неделава, додека ВТИ (West Texas Intermediate) беше под 75 долари.
ПОЛИТИКА
Трамп ги критикува европските регулатори
Американскиот претседател Доналд Трамп сè уште е во центарот на вниманието на светската јавност. Во обраќањето до учесниците на Светскиот економски форум, на кои им се обрати преку видеоврска, Трамп меѓу другото изнесе многу критики на сметка на Европската Унија. Тој ги критикуваше европските регулатори поради, како што тврди, неправедниот начин на кој ги третираат американските технолошки компании, пред сè „Епл“ (Apple) и „Гугл“ (Google). Судските постапки против американските компании ги нарече „некој вид оданочување“.
Го критикуваше и остатокот од светот
За време на своето виртуелно обраќање, Трамп рече дека ќе побара од Саудиска Арабија и другите земји од ОПЕК да „ја намалат цената на нафтата“ и ја повтори својата закана дека ќе користи тарифи за враќање на производството во САД. Освен учеството на собирот во Давос, американскиот претседател во четвртокот потпиша и низа нови уредби со кои, меѓу другото, се наложува да се отстрани ознаката „доверливо“ од документите за убиството на Џон Ф. Кенеди, сенаторот Роберт Ф. Кенеди и Мартин Лутер Кинг Јуниор.
Потпишани се и уредби што предвидуваат Америка да стане центар за развој на вештачка интелигенција, но и да се основа работна група за криптовалути. Трамп даде и интервју за „Фокс њуз“ (Fox News), во кое рече дека би сакал да не мора да воведува тарифи за Кина, но дека тоа им дава предност на САД во склучувањето договори со Пекинг.
Централната банка на Јапонија ја зголеми каматната стапка
Додека Трамп повикува на итно намалување на каматните стапки, Централната банка на Јапонија ја зголеми референтната каматна стапка на највисоко ниво во последните 17 години. Така, каматната стапка е зголемена за четвртина процентен поен, на 0,5 отсто, што е во согласност со очекувањата на пазарот. Зголемени се и речиси сите процени за инфлацијата и беше порачано дека ќе се продолжи со зголемување на каматните стапки доколку се реализираат сите економски проекции.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат претежно со добивки, пред објавувањето на индексот PMI за еврозоната. Европските берзи и тргувањето во четвртокот го завршија во зелено, на крилата на позитивниот тренд регистриран во текот на целата измината недела.
САД
Од другата страна на океанот, фјучерсите на американските индекси се тргуваат мешано. Индексот S&P 500 во четвртокот достигна рекордни вредности, откако американскиот претседател повика на намалување на каматните стапки и пониски цени на нафтата.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, со нив се тргува во зелено, откако Трамп најави поблаг пристап за потенцијалното воведување тарифи за Кина. Во исто време јапонскиот јен порасна, откако Централната банка на Јапонија ги зголеми каматните стапки.