Патнички авион на „Американ ерлајнс“ (American Airlines), со 60 патници и четири члена на екипажот, се урна во реката Потомак во главниот град на САД, Вашингтон. До падот дојде по судир со воен хеликоптер, при слетување на меѓународниот аеродром „Роналд Реган“. Според полициските изјави, „Си-би-ес“ (CBS) извести дека од водата се извлечени 18 тела.
Регионалниот млазен авион ЦРЈ700 (CRJ700) пристигнувал од Вичита (Канзас), кога удрил во хеликоптерот „блек хок“ (Sikorsky H-60 Black Hawk) со три воени лица во него, додека се приближувал кон пистата нешто пред 21 часот по локално време. Спасувачките екипи се пробиваат низ остатоците, рекоа официјални лица на брифинг за новинари, но одбија да кажат дали некој ја преживеал несреќата, пишува „Блумберг“ (Bloomberg).
ЕКОНОМИЈА
Фед не брза со намалување на каматите
Американската централна банка на првиот состанок годинава одлучи да паузира со намалувањето на референтната каматна стапка, која остана во целниот опсег од 4,25 до 4,5 проценти. Силниот економски раст, во комбинација со стабилниот пазар на трудот, ги поттикна официјалните лица на Федералните резерви да почекаат со повторното приспособување на каматните стапки, се наведува во соопштението. Претседателот на централната банка Џером Пауел рече дека нема да брза со намалување на каматите, откако во последните месеци од минатата година беа намалени за цел процентен поен.
Паузата на Фед е потег што финансиските пазари во принцип го очекуваа, иако таквата одлука веројатно ќе создаде нови тензии во односите со американскиот претседател Доналд Трамп, кој и за време на својот прв мандат често вршеше притисок врз Фед да ги намали стапките. Трамп се огласи веднаш по одлуката на Фед, критикувајќи го пристапот на централната банка кон регулирањето на монетарниот пазар.
ЕЦБ ги намалува каматите за 25 базични поени?
Во центарот на вниманието на инвеститорите в четврток ќе биде одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ), која е на прагот повторно да ги намали каматните стапки. Пазарите веќе се подготвени и очекуваат намалување од 25 базични поени. Шансите за понатамошно намалување на каматите во март се релативно големи и изнесуваат над 85 проценти. Аналитичарите на „Блумберг Адрија“ потсетуваат дека инфлацијата во еврозоната е блиску до посакуваните два процента и дека постои доверба во понатамошното забавување на инфлацијата.
БИЗНИС
Закерберг: „Мета“ предничи во трката за вештачка интелигенција
Во фокусот на трговците се и корпоративните заработки на американските технолошки компании. Па така, акциите на компанијата „Мета“ (Meta Platforms) пораснаа за 4,5 проценти во електронското тргување, откако извршниот директор на компанијата Марк Закерберг најави дека 2025 година ќе биде „значајна година“ кога станува збор за понатамошниот развој на вештачката интелигенција.
Малку порано беа објавени и деловните резултати на „Мета“ за последното тримесечје од минатата година, кои покажаа приход поголем од 48 милијарди долари, со што ги надминаа очекувањата на Волстрит.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат претежно во зелено, пред одлуката на Европската централна банка за каматните стапки. Пазарите се обложуваат дека ЕЦБ ќе мора да го забрза намалувањето на стапките, бидејќи заканата од американските царини и политичките превирања во регионот ја оптоваруваат економијата на блокот.
САД
И фјучерсите на американските индекси се тргуваат со добивки, по одлуката на Фед да ги задржи каматните стапки на исто ниво. Во соопштението по состанокот, официјалните лица повторија дека инфлацијата сè уште е „донекаде зголемена“, но и дека стапката на невработеност се стабилизирала. Пауел изјави дека економијата постигнала „значителен напредок“ кон целите на Фед во изминатите две години и дека е прерано да се проценат последиците од најавената политика на Трамп.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие се тргуваат мешано, додека трговците го префрлаат фокусот на очекуваното обраќање на гувернерот на Банката на Јапонија (БоЈ). Да потсетиме, БоЈ минатата недела ги зголеми каматните стапки. Акциите во Јапонија бележат раст, додека другите берзи - во Хонгконг, континентална Кина и Јужна Кореја - се затворени поради лунарната Нова година.
НАФТА
Нафтата утрово мирува, додека инвеститорите чекаат разјаснување на плановите на американската администрација за трговската политика, при што избраникот на Трамп за министер за трговија рече дека Канада и Мексико би можеле да избегнат давачки. Брентот рано утрово беше над 76 долари за барел, додека ВТИ (West Texas Intermediate) беше близу 73 долари, откако растот на резервите во средата помогна американските фјучерси да се доведат до најниско ниво на затворање годинава.