text size
Акциите ги продолжија добивките бидејќи трговците ги намалија облозите на зголемување на каматните стапки, откако претседателот на Федералните резерви (Фед), Кевин Ворш, се воздржа од сигнализирање поголема итност за заострување на политиката и покрај податоците за инфлацијата оваа недела, кои беа повисоки од очекуваните. Доларот благо ослабе.
Индексот на акциите во азиско-пацифичкиот регион на MSCI Inc. порасна за 1,4 отсто, додека фјучерсите на американските берзански индекси пораснаа за 0,2 отсто. Се очекуваше европските акции да пораснат за 0,8 отсто на отворањето на берзите.
Умереното подобрување на расположението - акциите веќе беа во пораст бидејќи распродажбата на акциите на производителите на чипови се намали - дојде по коментарите на Ворш за придобивките од вештачката интелигенција за американската економија. Ворш не даде никакви забелешки за монетарната политика или за своите изгледи за американската економија, освен што повтори дека Фед ќе обезбеди стабилност на цените.
„Одбивањето на Ворш да се обврзе на уште едно зголемување на каматните стапки резултира со повлекување на некои облози за зголемување на каматните стапки од страна на Фед“, рече Чару Чанана, главен инвестициски стратег во „Саксо“ (Saxo Markets). „Неговиот коментар дека ‘не ги прејудицира состаноците’, по објавувањето силни податоци за инфлацијата, не му помага на доларот.“
Трговците ги намалија облозите дека Фед ќе ги зголеми каматните стапки овој месец на 15 отсто по говорот на Ворш, во споредба со повеќе од 25 отсто во четвртокот. Индикаторот за доларот на „Блумберг“ падна за 0,1 отсто, по падот од 0,3 отсто во претходната сесија, што беше најголемиот пад во повеќе од еден месец.
Цената на златото речиси и не се промени и изнесуваше 4.172 долари за унца. Цените на американските државни обврзници останаа пониски во текот на денот додека Ворш зборуваше, откако претходно пораснаа низ целата крива на приносите за време на тргувањето во САД. Цената на брентот, глобалната референтна сурова нафта, падна за 0,7 отсто, на 105,20 долари за барел.
S&P 500 закрепнува по тридневен пад
Bloomberg
Инвеститорите го следеа говорот на Ворш во Бангкок во потрага по појасни сигнали за насоката на монетарната политика, откако најбрзиот раст на американската инфлација во последните пет месеци ги зголеми очекувањата за дополнително заострување на политиката од страна на Фед. Американската инфлација остана упорна, поттикната од високите цени на нафтата откако избувна војната на Блискиот Исток.
„Многу јасно ставивме до знаење дека ќе обезбедиме стабилност на цените и пред околу еден месец отстранивме дел од стимулативните мерки“, рече Ворш во Бангкок. „Не ги прејудицирам состаноците. Не верувам во тоа сега да кажувам што би можел да направам на состаноците што ни претстојат во остатокот од годинава.“
Фед ги зголеми каматните стапки за четвртина процентен поен во септември, што беше првото зголемување од 2023 година. Одлуката беше поддржана од сите 19 креатори на политиката, а мнозинството сметаше и дека е веројатно уште едно зголемување оваа година.
Неколку клучни функционери во последните недели повторија дека можеби ќе бидат потребни дополнителни зголемувања на каматните стапки, но нагласија дека имаат време да соберат економски податоци пред повторно да дејствуваат.
„Пазарите се охрабрени што го слушаат Ворш како го повторува своето уверување дека вештачката интелигенција ќе ја зголеми продуктивноста на среден рок, што би можело да помогне во ублажувањето на инфлациските очекувања и во намалувањето на стравувањата од последователни зголемувања на каматните стапки од страна на Фед“, рече Веи Лијанг Чанг, макроекономски стратег во ДБС (DBS Bank).
Берзите веќе растеа во петокот, пред коментарите на Ворш, бидејќи распродажбата на акциите на производителите на чипови се намали. Во Азија акциите на „Самсунг“ (Samsung Electronics Co.) и „СК Хајникс“ (SK Hynix Inc.) пораснаа за повеќе од 4 отсто. Тоа му помогна на јужнокорејскиот индекс Kospi да порасне за 4 отсто, закрепнувајќи од падот во четвртокот, кој го спушти индексот до најниското ниво на затворање од април.
Индонезиските акции паднаа дури за 11 отсто, што е најголем пад од јануари 1998 година, откако MSCI соопшти дека земјата повеќе не го заслужува статусот на пазар во развој. Рупијата благо ослабе.
Одржливоста на закрепнувањето на акциите може да зависи од тоа дали растот ќе се прошири надвор од големите технолошки компании што поттикнаа голем дел од подемот годинава. Поширокото учество на различни сектори би помогнало да се намали зависноста на пазарот од акциите поврзани со вештачка интелигенција, откако нестабилноста оваа недела ги откри ризиците од таквата концентрација.
„Се чини дека гледаме техничко закрепнување, при што целокупниот пазар донекаде се стабилизира“, изјави Рјута Оцука, стратег во ТС (Toyo Securities). Нестабилноста би можела да остане релативно висока и следната недела, додека трговците ги следат финансиските резултати „во потрага по дно“, рече тој.