text size
Глобалните загуби на берзите се продлабочија, бидејќи обновените грижи во врска со инвестирањето во вештачката интелигенција (ВИ) ги натераа инвеститорите да се повлечат од еден од најжешките сегменти на пазарот оваа година. Државните обврзници на САД забележаа раст на цените поради побарувачката за сигурни инвестиции.
Индексот на азиско-пацифичките акции на MSCI Inc. падна за 1,6 отсто, со што се движеше кон најниското затворање од август. Индексот Kospi во Јужна Кореја - клучен показател за инвестирањето во вештачката интелигенција - падна за 6 отсто, бидејќи загриженоста поради кинеската конкуренција ги поттикна инвеститорите да ги пренасочат вложувањата надвор од технолошкиот сектор. Акциите на „СК Хајникс“ (SK Hynix Inc.) паднаа за 10 отсто, а на „Самсунг“ (Samsung Electronics Co.) за околу 8 отсто.
Фјучерсите на американските и европските берзански индекси исто така се повлекоа, укажувајќи на дополнителен притисок врз глобалните акции. Загубите во Азија следуваа по распродажбата на Волстрит, која го спушти индексот Nasdaq 100 на најниското ниво овој месец, а американскиот показател за акциите на производителите на чипови на најслабото ниво од средината на септември.
Падот на акциите и намалувањето на цените на нафтата ги поттикнаа обврзниците и фјучерсите на европските обврзници. Приносот на референтната 10-годишна американска државна обврзница падна за четири базични поени, на 5,20 отсто, откако продолжи тргувањето на готовинскиот пазар по празникот. Цената на суровата нафта брент падна за 0,9 отсто, на околу 105,70 долари за барел.
Со оглед на тоа што наскоро треба да започне сезоната на објавување на финансиските резултати на американските компании, ентузијазмот за акциите поврзани со вештачката интелигенција ослабна, бидејќи инвеститорите се прашуваат дали големите вложувања во оваа технологија ќе донесат доволно приноси, имајќи ги предвид високите трошоци за задолжување. По четиригодишниот растечки пазар, кој го зголеми индексот S&P 500 за речиси 120 отсто од неговото најниско ниво во 2022 година, високите вреднувања ги направија акциите сè поранливи на разочарувачки резултати.
„Се чини дека расположението на пазарот е негативно колку што не сме виделе подолго време, купувачите се повлекуваат настрана, а продавачите наидуваат на релативно мал отпор при туркањето на цените надолу“, напиша во белешка Крис Вестон, раководител на истражувања во „Пеперстоун“ (Pepperstone). „Мечките имаат предност во голем дел од сегментот поврзан со вештачката интелигенција.“
Предупредувањата во врска со инвестирањето во вештачката интелигенција се зголемуваат, а извршниот директор на „Бродком“ (Broadcom Inc.), Хок Тан, е последниот што изрази загриженост.
Бумот на вештачката интелигенција привлече инвеститори чии стратегии личат на стратегиите на коцкарите, изјави тој во понеделникот, сугерирајќи дека некои од нив имаат малку разбирање за тоа на што се обложуваат.
Што велат стратезите на „Блумберг“...
„Азиските акции изненадија во текот на годинава со силниот раст и покрај енергетските шокови предизвикани од војната со Иран. Додека конфликтот продолжува, а цените на нафтата растат, сомнежите што се вртат околу технолошкиот бум се закануваат повторно да ги спуштат водечките компании во регионот на нивото на преостанатите.“
- Гарфилд Рејнолдс, раководител на тимот „Маркетс лајв“.
Минатата недела милијардерот Реј Далио предупреди дека вештачката интелигенција претставува „класичен балон“, кој се приближува до точка на пукање поради растечките каматни стапки и потребата богатството да се претвори во готовина.
Зголемената конкуренција исто така врши притисок врз секторот. Во еден извештај се наведува дека кинескиот конкурент CXMT постигнал напредок во дизајнот на мемориски чип способен да складира повеќе податоци. Во меѓувреме „Мета“ (Meta Platforms Inc.) го претстави својот модел за вештачка интелигенција МВ (Muse Wonder).
Инвеститорите и понатаму се загрижени поради милијардите што технолошките компании ги собраа оваа година за да ги финансираат развојот и проширувањето на инфраструктурата за вештачка интелигенција.
Во вторникот „Тенсент“ (Tencent Holdings Ltd.) започна со понуда на обврзници во рамките на емисија со која би можел да собере околу 5 милијарди долари за поддршка на своите сè поголеми инвестиции во вештачката интелигенција.
Во меѓувреме индексот на доларот на „Блумберг“ забележа благо намалување, прекинувајќи го четиридневниот раст.
Распродажбата на акциите ги насочи инвеститорите кон обврзниците, зголемувајќи ги цените на американските државни обврзници со различни рокови на достасување. Државните должнички хартии од вредност во Австралија и во Нов Зеланд исто така забележаа раст.
„Денес станува збор за класичен потег на избегнување ризик“, изјави Чару Чанана, главен инвестициски стратег во „Саксо“ (Saxo Markets) во Сингапур. „Акциите се под притисок, а инвеститорите повторно бараат одредена сигурност.“