По неколкукратно одложување на воведувањето на системот за влез и излез на ЕУ – ЕЕС (Entry/Exit System - EES), Европската Унија има намера во октомври конечно да го лансира својот нов дигитален систем за контрола на границите. Идејата датира одамна, а почетокот првично беше планиран за 2022 година, но процесот не е едноставен, особено ако се има предвид интегрирањето, но и поединечното дејствување на секоја од земјите членки, па воведувањето на ЕЕС се одолжува сė додека државите не бидат целосно подготвени за координиран старт. Последното одложување беше минатата година. Европскиот систем за влез/излез требаше да профункционира во ноември 2024 година, но уште еднаш беше одложен бидејќи некои земји членки предупредија дека не се подготвени за лансирање. ЕЕС сега конечно треба да стапи во сила на 12 октомври, а ќе се воведува постепено во период од шест месеци, односно до 10 април 2026 година.
Во мај годинава Европскиот совет и Европскиот парламент се согласија да го имплементираат дигиталното управување со границите преку ЕЕС прогресивно во период од шест месеци наместо да го лансираат системот одеднаш низ земјите од шенген-зоната.
|
Една од причините за ваквата одлука е дека комплетно координирано лансирање може да претставува ризик за ИТ-инфраструктурата што го поддржува системот. Затоа, европските земји постепено ќе го воведат системот на своите надворешни граници.
Постепената имплементација им овозможува на земјите што се подготвени и претпочитаат веднаш да го воведат ЕЕС – да го сторат тоа, а истовремено на другите им остава простор комплетно да се подготват за ваквото гранично управување.
Прочитај повеќе

Европа останува без камионџии: Македонија на удар од транспортната криза
До 2029 година, 17 отсто од камионџиите во Европа ќе се пензионираат.
13.08.2025

Бугарија и Романија целосно влегуваат во шенген - нови проблеми за македонските транспортери
ЕУ денеска изгласа целосен влез за Бугарија и Романија во шенген-зоната, почнувајќи од 1 јануари.
12.12.2024

Што треба да знаат патниците за одложените гранични проверки на ЕУ?
Планот беше отфрлен во октомври, откако некои земји членки предупредија дека не се подготвени да го исполнат рокот до 10 ноември.
21.10.2024

Прогресивниот почеток на ЕЕС значи дека земјата што го имплементира системот ќе има цел да го користи на минимум 10 проценти од граничните премини во текот на првиот месец. Во првите два месеца земјите можат да го користат ЕЕС без биометриски функционалности. Според планот, по три месеци се очекува земјите да го користат ЕЕС со биометриски функционалности на минимум 35 проценти од нивните гранични премини. До крајот на шестмесечниот период по лансирањето на ЕЕС, земјите треба да постигнат целосна регистрација на сите лица што влегуваат и излегуваат на сите гранични премини. За време на транзицискиот период ќе продолжи рачното печатирање на патните документи.
Земјите што учествуваат во ЕЕС се: Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија. Ирска и Кипар се земји членки на ЕУ што не се дел од шенген и нема да спроведуваат автоматизирани гранични проверки. Патниците во Ирска и Кипар ќе продолжат да добиваат печати во нивните пасоши. |
Главната цел на воведувањето на електронскиот систем за влез и излез на ЕУ е да се промени и олесни начинот на кој Унијата се справува со влезот на стотици милиони луѓе што ја посетуваат секоја година. Крајната цел е ЕЕС комплетно да го замени рачното печатирање на пасошите со автоматска регистрација за повеќето патници што не се од ЕУ и лесно да контролира колку време тие престојуваат во шенген-зоната.
„Системот за електронска безбедност (ЕЕС) ќе го модернизира и подобри управувањето со надворешните граници. Со прецизно следење на податоците ќе помогне во спречувањето на нерегуларната имиграција, идентификувањето на лицата што го пречекориле дозволениот престој и намалувањето на измамите со идентитетот. Внатрешната безбедност ќе се подобри преку пристап во реално време до сигурни информации, овозможувајќи им на надлежните национални власти брзо да идентификуваат лица што претставуваат закана за безбедноста. Дополнително, со зголемената употреба на автоматизирани гранични проверки, патувањето ќе стане полесно и побезбедно за сите“, пишува на официјалната интернет-страница на Европската Унија.
Европските власти посочуваат дека ЕЕС ги исполнува највисоките стандарди за заштита на податоците и приватноста, осигурувајќи дека личните податоци на патниците остануваат заштитени и безбедни.
За кого е наменет новиот систем за влез/излез на ЕУ?
ЕЕС ќе се применува за сите државјани на земјите што не се членки на ЕУ, а им е дозволено да влезат во безграничната шенген-зона за патување и да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена. Шенген-зоната е регион во Европа во кој се елиминирани внатрешните граници, овозможувајќи слобода на движење помеѓу 25 од 27-те земји на ЕУ (исклучок се Кипар и Ирска), заедно со Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Последни во оваа група земји пристапија Романија и Бугарија, за што „Блумберг Адрија“ веќе пишуваше како ќе се одрази тоа во регионот.
Системот ќе ги опфати и имателите на виза и патниците на кои не им е потребна виза. При првото влегување на патникот, блокот ќе собира податоци, вклучувајќи отпечатоци од прсти, фотографии од лицето и информации од патните документи. Следните патувања во период од три години ќе бараат само биометриска потврда.
Depositphotos
Притоа, важно е да се напомене дека пред првиот влез во шенген-зоната патникот треба да пополни електронски формулар со своите основни податоци, а ќе треба да плати и такса за влез, која изнесува 20 евра (ќе треба да се плати со платежна картичка). ЕУ тројно го зголеми износот на оваа такса, која првично беше најавено дека ќе чини седум евра.
Ова не е само техничка процедура што треба да се спроведе туку претставува своевиден нов тип на воведување виза, бидејќи системот електронски во експресен временски период ќе го информира патникот дали му е одобрен влез во шенген-зоната или не. Притоа, важно е да се напомене дека таксата што се плаќа е неповратна, односно парите се плаќаат независно од тоа дали апликацијата на патникот ќе биде прифатена или, пак, одбиена.
Сепак, има и такви што нема да мора да платат. ЕУ вели: „Кандидатите што имаат под 18 или над 70 години се ослободени од ова плаќање. Исто така, ослободени се и членовите на семејството на граѓаните на ЕУ и членовите на семејството на државјани што не се членки на ЕУ, а кои имаат право слободно да се движат низ Европската Унија.“
Брзо минување на пасошката контрола или хаос на аеродромите?
Европските челници сметаат дека новите дигитални проверки ќе ја подобрат безбедноста и на крајот ќе го скратат времето на чекање на пасошката контрола. Сепак, секоја новина носи и ризик. А, голем број туристички здруженија од Европа предупредуваат да не се брза со воведувањето на новите електронски проверки, од страв дека тоа ќе доведе до хаос на аеродромите и другите гранични влезни точки. Слично размислуваат и домашните туристички агенции.
„Со оглед на тоа што овие процедури практично ќе се вршат само еднаш, сметам дека евентуални метежи или одвраќања на туристите може да се случат во првите месеци, октомври, ноември и декември. Ќе има мал пад поради овие причини и потоа веќе работите ќе одат полесно и сметам дека по Нова година веќе нема да има проблем“, вели Милко Ѓоров, сопственик на „Ескејп травел“.
Тука исто така е важен и финансискиот дел, вели тој. „Прво беше кажано дека ќе чини седум евра, а сега е 20 евра. Ние, на пример, продаваме и аранжмани од 130-150 евра, па тие 20 евра претставуваат дополнителен трошок од околу 15 проценти, што воопшто не е малку. Или, ако патува семејство од четворица, тоа значи дополнителни 80 евра што треба да се одвојат за таа намена. Но, секако, ова ќе биде само првичен шок и откако ќе се надмине, верувам дека нема да има проблеми“, вели Ѓоров, кој потенцира дека тие, како туристички работници, ќе се обидат колку што можат да им излезат во пресрет на клиентите со помош, на пример, при пополнувањето формулари или што и да биде потребно.
„Засега ни ние немаме конкретни информации, иако ни ветија дека ќе нė информираат навреме. Тоа е за делот на земјените гранични премини. Но, сė уште не знаеме како ќе функционира тоа на аеродромите“, вели Ѓоров.
Depositphotos
Освен тоа, со проблем ќе се соочат и транспортерите, за што „Блумберг Адрија“ пишуваше неодамна. Имено, примената на системот значи дека електронски ќе се бројат деновите на престој на возачите и ќе се издаваат потврди за престојот (ЕТИАС).
„Тоа значи дека одново ќе се вратиме на некој вид систем на визи“, вели Билјана Муратовска од Асоцијацијата на македонски транспортери „Макамтранс“, додавајќи дека за превозниците тоа ќе биде дополнителен финансиски товар и уште поголем недостиг од возачи во услови кога веќе за 30 отсто од камионите во земјава нема возачи.
Што ќе се промени за деловните патници и туристите?
Откако ЕЕС ќе биде во функција, патниците што влегуваат во земјите од шенген-зоната ќе бидат насочени кон областите за саморегистрација за да ги достават своите биометриски податоци и да одговорат на неколку прашања или да ги достават овие информации до службениците за пасошка контрола.
Зошто ЕУ воведува нов електронски граничен систем? Безбедноста е главниот двигател. Иако претставниците на ЕУ рекоа дека системот треба да го поедностави процесот на пристигнување, главни цели се спречување на криминалот, идентификување на луѓето што престојуваат подолго од нивните визи, борба против измамата со идентитетот и намалување на миграцијата - второто е растечка грижа за европските влади. Бројот на нелегални преминувања во ЕУ достигна вкупно 75.900 во првата половина од 2025 година, според „Фронтекс“, европската агенција за управување со границите. Тоа е за една петтина помалку од претходната година, иако преминувањата преку Централен и Западен Медитеран од страна на луѓе од земји како Бангладеш, Алжир и Сомалија се зголемија. |
Зошто почетокот на ЕЕС беше одложен?
На почетокот на септември минатата година од земјите членки на ЕУ се бараше да ја известат Европската комисија дали се подготвени да го воведат ЕЕС.
Во тоа време земјите од ЕУ со најпрометните аеродроми - Германија, Франција и Холандија, кои заедно имаат удел од околу 40 проценти од патничкиот сообраќај погоден од ЕЕС, ѝ соопштија на извршната власт на блокот дека системот не работи правилно, дека се потребни тестови и дека сето тоа не може да биде завршено навреме за официјалното лансирање. Холандија изјави дека централниот компјутерски систем за ЕЕС не е доволно стабилен, според портпаролот на холандското Министерство за азил и миграција.
Портпаролката на аеродромот во Франкфурт во тоа време изјави дека дефектот на ЕЕС може да го наруши целиот европски и глобален систем за воздушен сообраќај. Неколку здруженија за туристички бизниси исто така предупредија на нарушувања од премногу брзоплетото воведување и се пожалија на недостиг од јасност во врска со новите аранжмани.
Depositphotos
Дополнително, постоеше ризик од нарушувања во трансатлантската индустрија за крстосувања, која е особено подложна на доцнења на границите со оглед на илјадниците туристи што се истовараат за кратки посети на крајбрежните градови во Португалија, Италија и на други места.
Дали земјите од ЕУ конечно се подготвени за лансирање на новите дигитални гранични проверки?
„Блумберг“ веќе пишуваше за тоа дека Холандија минатиот месец информира дека е подготвена и смета дека ЕЕС „е стабилен и дека сите проблеми се решени“, изјави портпарол на тамошното Министерство за азил и имиграција. Тие додадоа дека фазното воведување на ЕЕС ќе овозможи флексибилност за системот и ќе остави простор за корекција доколку се појават какви било проблеми.
Француското Министерство за внатрешни работи исто така забележа дека фазното воведување ќе овозможи претпазлив почеток на граничните премини и рече дека ЕЕС претрпе значителни подобрувања. Франција продолжува да спроведува тестови и да ја финализира инсталацијата на уреди за претходна регистрација, за кои Министерството истакна дека ќе го ублажат зголемувањето на времето за контрола што произлегува од имплементацијата на ЕЕС на надворешните граници.
Аеродромот во Франкфурт слично го поздрави „мекиот почеток“ за ЕЕС. Германското Министерство за внатрешни работи соопшти дека сите технички и организациски подготовки ќе бидат завршени навреме за лансирање на системот.
Се очекуваат и други промени во граничните контроли на ЕУ
Се очекува ЕЕС да биде проследен со воведување на Европскиот систем за информации и авторизација за патување, или ЕТИАС (ETIAS) - програма за граѓани што не се членки на ЕУ, а се ослободени од виза и влегуваат во шенген-зоната.
ЕТИАС е сличен на американскиот Електронски систем за авторизација за патување, попознат како ЕСТА (ESTA). Носителите на овластување ЕТИАС ќе бидат евидентирани во ЕЕС секојпат кога ќе ја преминат надворешната граница на земја од шенген-зоната. Целниот датум на почеток за ЕТИАС е последниот квартал од 2026 година, а планот е да биде воведен од сите земји членки истовремено.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...