text size
Европскиот план за ограничување на увозот на хибридни автомобили ќе го забави, но нема да го запре ширењето на кинеските производители во регионот. Се очекува компаниите предводени од БЈД (BYD) да ги забрзаат плановите за локално производство.
Ограничувањето на увозот на хибридни автомобили во Европската Унија (ЕУ) на 350.000 возила годишно - значително под нивната очекувана продажба оваа година - повеќе ќе го погоди растот на кинеските производители отколку царините, кои не успеаја да го запрат продорот на нивните целосно електрични возила (ЕВ), оценија во понеделникот аналитичарите на „Блумберг интелиџенс“. Производството во фабриките во ЕУ ќе им помогне да го ублажат тој удар, наведоа тие.
„Производителите кои побрзо ќе воспостават производство во Европа треба да бидат во подобра позиција да ги ублажат овие ризици“, наведоа Џоана Чен и Џејсон Жао од „Блумберг интелиџенс“ во анализа.
Прочитај повеќе
Кина им дава поттик на европските автопроизводители во криза пред саемот во Париз
Саемот во Париз ќе ја покаже битката за цена, технологија и купувачи. Европските марки носат нови модели и понуда на електрични возила под 18.000 евра.
10.10.2026
ЕУ подготвува ограничувања за увозот на кинески хибридни возила
Европската Унија подготвува таканаречени заштитни мерки со кои би се ограничил увозот на кинески хибридни возила во блокот, во обид да го намали трговскиот дефицит.
07.10.2026
Брзиот раст на продажбата на кинеските хибриди во Европа го зголеми притисокот врз локалните производители, кои се соочуваат со слабеење на побарувачката за бензински автомобили, трошоци за реструктурирање и сè поостра ценовна конкуренција. Брендовите како БЈД и „Чери“ (Chery) зазедоа околу 26 отсто од западноевропскиот пазар на плагин хибриди во второто тримесечје, во споредба со само 2,2 отсто две години претходно, според податоците на ШАР (Schmidt Automotive Research).
На автомобилскиот саем во Париз оваа недела, кинеските производители ќе претстават бројни нови модели на плагин хибриди, покажувајќи колку цврсто се позиционирале на европскиот пазар.
БЈД го претставува компактниот модел „делфин Г“ (Dolphin G DM-i), приспособен за локалните возачи во градовите. Кинескиот партнер на „Стелантис“ (Stellantis), „Липмотор“ (Zhejiang Leapmotor Technology), го претставува моделот Д19 (D19), чиј бензински мотор ја дополнува батеријата и го зголемува досегот. Моделот овозможува повеќе од 300 километри возење исклучиво на електричен погон. „Гили“ (Geely Automobile Holdings), брендот „Аион“ (Aion) на компанијата ГАГ (Guangzhou Automobile Group) и „Чери“ (Chery Automobile), исто така, носат нови хибриди во Франција.
Овие модели ќе мора да се борат за своето место на пазарот, кој, според сите изгледи, ќе биде стеснет. Продажбата на кинеските хибриди во ЕУ оваа година ќе скокне на проценети 435.000 возила, наведоа во неделата аналитичарите на „Џефрис“ (Jefferies). Таа процена значително го надминува најавеното ограничување и се заснова на приближно 290.000 продадени возила во првите осум месеци.
Многу хибриди произведени во Кина се големи теренци, кои спаѓаат меѓу попрофитабилните возила, рече Ли Јанвеј, советник на кинеското здружение на трговци со автомобили. Ограничувањето би можело да изврши притисок врз профитот на компаниите, додаде тој.
„Ова сигурно ќе го забрза воспоставувањето на погони на кинеските производители на автомобили во Европа“, рече Ли.
Кинеските брендови се насочија кон хибридите делумно затоа што тие не беа опфатени со увозните царини што ЕУ ги воведе за нивните електрични возила во 2024 година. Тие царини не го забавија значително растот на кинеските производители во Европа, а ги поттикнаа да воспостават производство во регионот.
„Липмотор“ треба овој месец да почне да испорачува автомобили од фабриката на „Стелантис“ во Шпанија. БЈД планира годинава да го започне производството во својата нова фабрика во Унгарија. Локалните конкуренти, вклучително и „Фолксваген“, порачаа дека се отворени за споделување на недоволно искористените фабрики со кинеските производители.
Меѓу кинеските производители ќе победат „оние што имаат најразвиено работење во Европа“, наведоа аналитичарите на „Џефрис“, меѓу кои е и Сјаои Леј, додавајќи дека производството е само првиот чекор.
„Добавувачите, продажните канали, финансирањето и усогласеноста со прописите се подеднакво важни“, порачаа аналитичарите.