Луксузот и голфот, два поима што често одат рака под рака, носат неодолива комбинација во светот на патувањата и луксузните недвижности. Сѐ повеќе дестинации го соединуваат врвниот комфор со овој спорт.
Престижни станбени комплекси, восхитувачки хотели и населби со совршено одржувани терени за голф создаваат оази за сите оние што имаат страст за овој спорт.
Но експанзијата на голфот поттикнува и други инвестиции во развојот на индустријата за голф, како што е случајот со „Свингерс“ (Swingers), искуство со минијатурен голф, пијалаци и улична храна, кое своите корени ги имало како привремен објект во источен Лондон, известува Сара Рапапорт за „Блумберг“
Тие неодамна собраа импресивни 52 милиона долара за финансирање на глобалното проширување, планирајќи отворање нови локации во Лас Вегас и во Дубаи. Дури и место како Лас Вегас, познато по своите казина и забава, станува домаќин на овој голф-феномен, покажувајќи колку спортот стана привлечен и разновиден.
Водечката локација од 40.000 квадратни метри би требало да се отвори во 2024 година во ресортот Мандалеј Беј. Таа ќе се состои од пет терени распоредени на три ката, со коктели и улична храна во партнерство со рестораните во Вегас. Од диџејските кабини ќе се слушаат соул, фанк и дископесни.
Во Дубаи се планира локација на островот Блувотерс во 2024 година и се очекува да има дозвола за алкохол и богата понуда без алкохол за оние што не пијат. „Свингерс се ширеше брзо во последните неколку години“, објаснува Рапапорт. Во 2022 година ја отвори својата прва локација во Њујорк, во „Номад“ (NoMad), под брендот „Вирџин хотел“ (Virgin Hotel), а сега има втора локација во Вашингтон. Свингерс има пет локации, три во САД и две во Лондон, а планира да го прошири своето присуство и надвор од Дубаи и Лас Вегас за да достигне вкупно 15 локации до крајот на 2026 година.
Славните денови на голфот не се ограничени само на забавниот сегмент туку се рефлектираат и во зголемувањето на интересот на младите за голфот. Како што известува дописникот на „Блумберг“ за голф, Мајкл Кроли, порастот на младите голфери го претвора овој спорт во семејно искуство во САД.
„Програмите за младите голфери стануваат сѐ повеќебројни, но трошоците, пристапот до терените и сложеноста на изборот на вистинската опрема сè уште се пречка за многу семејства“, вели Кроли. Сепак, постојат голем број иницијативи што се обидуваат да ги надминат овие предизвици. „Јут он курс“ (Youth On Course), непрофитна организација, соработува со над 2.000 терени низ САД за да им понуди на младите прифатлива цена за голф-рунди, што не само што го прави спортот попристапен туку исто така промовира и разновидност во светот на голфот. Една од програмите ги спојува тинејџерите што сакаат голф со помлади играчи со различни бои на кожата, за да додадат елементи на социјализација, менторство и градење заедница на своето искуство со голфот.
И во регионот Адрија се прават напори да се популаризира голфот меѓу младите. Здружението за голф на Србија, на пример, од 2012 година спроведува училишна програма за преку голфот да ги промовира здравиот начин на живот и вредностите за спортски дух. Програмата е осмислена да им помогне на наставниците во спроведувањето тренинзи по голф со деца на возраст од 7 до 14 години. Програмата „Голф алфабет“, во која учествуваа 22 основни училишта од Белград и 7.000 деца, прерасна во училишна голф-лига, а одличниот одзив на училиштата и заинтересираноста на наставниците придонесоа за организирање градски училишни турнири во другите поголеми градови, како и голем финален турнир.
За повеќе информации за голфот, занимливости, како и детали за претстојните светски натпревари, информирајте се преку веб-страницата.
Доколку сте познавач на спортот, тогаш сигурно ќе ве интересираат најдобрите хотели и терени за голф во регионот Адрија, како и аранжманите за уживање во нив.