Ова може да биде сцена од Светското првенство од 2006 или 2026 година: Кристијано Роналдо се подготвува да изведе пенал за да ја одведе Португалија понатаму; Лионел Меси постигнува гол за Аргентина; Лука Модриќ го предводи нападот на Хрватска.
Играчите во средината на триесеттите години и постари порано беа реткост. Во 2026 година тие сочинуваат околу шест отсто од составите на 48. репрезентации. А повеќе од кога било досега се на прагот на средна возраст, која широко се смета дека започнува на 40 години. Осум од 20-те најстари играчи што некогаш настапиле на натпревар од Светско првенство излегоа на терен во 2026 година, според статистиката на ФИФА.
Поттикнати од напредокот во науката и медицината - и мотивирани од профитабилни договори и спонзорства - играчите прават сè што можат за да останат во игра уште малку подолго. Гледано пошироко, процентот на играчи што навлегле во своите триесетти години исто така се зголемил со текот на времето.
Прочитај повеќе
ФИФА излегува уште побогата од Светското првенство полно со контроверзии
Турнирот во 2026 година беше критикуван од речиси секој агол.
07.07.2026
Како да се освои Светското првенство
На прв поглед, одговорот е едноставен - треба да имате најдобри играчи, добар селектор, малку среќа на ждрепката и голман што во четврт-финалето ќе одбрани пенал. Но добра генерација ретко доаѓа сама од себе.
03.07.2026
Меси сруши рекорд – стана најдобриот стрелец на светските првенства
На истиот ден пред 40 години Марадона ги постигна своите два историски голови против Англија
22.06.2026
Хрватска е втора во светот по производство на врвни фудбалери - како?
Бројката што објаснува сè е 4,81. Толку славни фудбалери на милион жители произведе Хрватска во последните 165 години.
17.06.2026
Тоа обично е елитна група. Роналдо, Меси и Модриќ доминираа со наградата „Златна топка“, најпрестижната индивидуална награда во спортот, во две децении откако првпат се појавија на најголемиот спортски настан во светот. Но имаше и постари играчи што ненадејно блеснаа за време на турнирот.
Bloomberg Mercury
Најзабележителен беше 40-годишниот голман на Зелен ’Рт, познат како Возиња или Мала Баба на португалски јазик. Тој стана вирален на социјалните мрежи откако ја спречи Шпанија да постигне гол при дебито на неговата земја на Светското првенство, во битка како Давид против Голијат, а потоа одигра уште една извонредна партија кога Зелен ’Рт ја доведе Аргентина, исто така фаворит на турнирот, до продолженија пред да загуби во првата елиминациска рунда.
Играчите се свесни за годините. Меси, кој наполни 39 години за време на турнирот, пред почетокот изјави дека неговата физичка состојба ќе ја одреди улогата што ќе ја има за Аргентина, бранителот на титулата. Тој и неговиот соиграч Николас Отаменди (38) се единствените „сениорски“ играчи што сè уште се во натпреварувањето.
Се покажа дека тоа е клучна улога. Меси - лидер во трката за она што би било негова прва „Златна копачка“ на Светско првенство, награда што му се доделува на играчот што постигнал најмногу голови - ја направи асистенцијата што ја оживеа Аргентина во 79. минута, кога тимот губеше од Египет во осминафиналето. Тој го постигна израмнувачкиот гол помалку од пет минути подоцна.
Спектакуларната игра на Меси ги изненади дури и неговите најверни поддржувачи. Тој урна неколку рекорди за време на неговиот последен настап, вклучувајќи го и тоа што стана првиот играч што постигнал гол на осум последователни натпревари на Светско првенство, а сега го држи рекордот за најмногу постигнати голови во историјата на натпреварувањето. Овие достигнувања наведуваат некои набљудувачи, вклучувајќи ја и пензионираната шведска суперѕвезда Златан Ибрахимовиќ, аналитичар на турнирот за „Фокс спортс“ (Fox Sports), да шпекулираат за можно враќање на Меси во 2030 година.
Врвни перформанси
Подобрувањата може да им се припишат на неколку клучни промени во последните години. Тренингот сега се заснова на потребите на индивидуалниот играч. Времето поминато во натпреварување и последователното закрепнување се строго контролирани за да им помогнат да ја достигнат следната фаза во врвна форма.
„Го гледате начинот на кој игра Меси, понекогаш тој оди по теренот“, изјави Пабло Забалета, поранешен аргентински професионален фудбалер, кој играше со Меси во финалето на Светското првенство во 2014 година. Меси не оди затоа што има 39 години, рече Забалета на брифинг на Техничката студиска група на ФИФА. „Тој само оди за да го најде вистинскиот простор за да ја добие топката во најдобрата можна позиција и потоа, веројатно, да направи разлика од таму.“
Уделот на постари играчи на Светското првенство се зголемува
Речиси една третина од фудбалерите на теренот оваа година имаат најмалку 30 години
Bloomberg Mercury
Наместо филозофијата „трчај додека не паднеш“ од 1980-тите години, стратегиите денес промовираат регенерирање на ткивата и обновување на енергијата по интензивен тренинг, изјави Рајли Вилијамс, директор на Медицинскиот центар за извонредност на ФИФА во Болницата за специјална хирургија.
„Овие играчи со високи перформанси се многу вредни, па сакате да ги следите, сакате да ги зачувате, сакате да им давате повратни информации од ден на ден за тоа како најдобро да ја зачуваме нивната способност“, рече Вилијамс.
Правилниот пристап може да додаде од три до пет години на кариерата на професионален спортист, изјави Енди Галпин, спортски научник и тренер што работи со елитни спортисти. Неговиот тим поставува сензори во чевлите и на облеката на спортистите, на нивните срца и глави, во нивните тоалети и спални соби. Тие можат да ги следат срцевиот ритам, циклусите на спиење, потењето, хормоните и многу повеќе за да најдат начини за подобрување на перформансите.
ГПС-елеците за следење од компании како „Катапулт спортс“ (Catapult Sports) ги следат брзината на спортистите и поминатото растојание. Технологијата им овозможува на тренерите прецизно да го приспособат времето на игра и може да им помогне на лекарите порано да откријат потенцијални инфекции, изјави Клаудиус Милер, спортски научник во „Катапулт“, компанија што работи со повеќе од половина од тимовите на Светското првенство.
Напредокот во хирургијата и физикалната терапија исто така имаат влијание. Искинатите лигаменти и повредите на Ахиловата тетива, кои порано беа разорни, можат да се надминат со насочена рехабилитација за да се спречи губење на мускулната маса за време на закрепнувањето, рече Вилијамс.
„Списокот на повреди што ја завршуваат кариерата значително се намали во последните 20 години“, рече тој.
Дисциплиниран пристап
Помалку елитни спортисти денес се придржуваат до културата „работи напорно, забавувај се напорно“, која често се промовира во популарните медиуми.
„Сцената со забавите е многу намалена“, вели Мајкл Џојнер, истражувач што се специјализира во физиологијата на елитните спортисти. Играчите тренираат во текот на целата година со тренери, готвачи и масери, кои им помагаат да ги контролираат исхраната и тренингот, рече тој.
Најстари фудбалери на Светското првенство 2026
Bloomberg Mercury
Долгата кариера се исплати. Роналдо, кој со 41 година беше најстариот играч што настапил на натпревар од Светското првенство во 2026 година, стана првиот фудбалски милијардер во октомври по договорот со саудискиот тим Ал-Наср. Меси наскоро потоа се приклучи во редот на милијардерите, благодарение на низа спонзорства и договори.
„Спортистите посветуваат повеќе внимание на тоа што внесуваат во своето тело, како јадат, како закрепнуваат, како спијат и како се фокусираат на своето тело како инвестиција“, рече Александар Вебер, ортопедски хирург на Медицинскиот факултет „Кек“ при Универзитетот во Јужна Калифорнија. „Сега, младите играчи што влегуваат во лигата, огромното мнозинство од нив, или многу ретко пијат алкохол или воопшто не пијат.“
И додека крајот доаѓа за сите нас, можеби има уште простор за игра кај некои елитни спортисти.
„Ако некој во 2006 година ви кажеше дека Роналдо ќе игра и ќе биде стартер за Португалија дваесет години подоцна и дека ќе има три гола во групната фаза, ќе речевте: Што зборуваш?“, рече Вилијамс. Можеби има простор за уште постари спортисти на теренот.
„Никогаш не велете никогаш“, нагласи тој.