text size
И покрај долгата историја на приватниот капитал, оваа индустрија дури во последните години почна сериозно да навлегува во спортот. Во 2006 година три американски фонда за приватен капитал купија мнозински удел во денес светски познатиот фудбалски клуб „Пари Сен Жермен“, а неколку години подоцна му го продадоа на државниот инвестициски фонд на Катар.
И покрај тоа што „Колони капитал“ (Colony Capital), водечкиот фонд што им го продаде клубот на катарските инвеститори, во меѓувреме забележа вкупна нето-загуба, токму оваа аквизиција од средината на првата деценија на овој век му го отвори патот, пред сè на американскиот капитал, кон најважната споредна работа на светот - фудбалот.
Две децении подоцна, светската фудбалска организација ФИФА контроверзно размислува за целосна промена на деловниот модел на организацијата, која формално е непрофитна. Со тоа на приватниот капитал практично би му ја понудила иднината на најпопуларниот спортски настан во светот - Светското првенство во фудбал - како и на другите натпреварувања под капата на ФИФА.
Прочитај повеќе
УЕФА ќе го бојкотира Светското првенство ако продолжат бизнис плановите на Инфантино
Планот на Џани Инфантино да продаде дел од комерцијалните права на Мундијалот предизвика жестока реакција од УЕФА, која се закани со бојкот на турнирите на ФИФА.
пред 21 час
ЕУ предупредува дека инвестицискиот план на ФИФА може да предизвика загриженост за конкуренцијата
ФИФА размислува да собере дури 4,2 милијарди долари од надворешни инвеститори.
30.07.2026
ФИФА го отвора Мундијалот за приватниот капитал, УЕФА порачува дека фудбалот не е на продажба
ФИФА планира да формира компанија вредна 20 милијарди долари, во која би ги префрлила комерцијалните права и деловните активности поврзани со своите најголеми натпреварувања, а потоа дел од сопственоста би продала на приватни инвеститори.
28.07.2026
Некогаш 50 натпревари беа премногу, денес ни 70 никого не изненадуваат
Пред две децении, 50 натпревари во една сезона се сметаа за сериозен ризик за здравјето на играчите и за квалитетот на фудбалот.
29.07.2026
Светското првенство постави рекорд со 62 милиони гледачи во САД
Мундијалот во САД, Канада и Мексико се покажа како голем успех за телевизиите и стриминг-платформите, со рекордна публика, милиони нови претплатници и огромни рекламни приходи.
23.07.2026
ФИФА ги брои парите по завршувањето на Светското првенство
Тешко е да се оспори дека Светското првенство не беше успешно, дури и по преседанот кога американскиот претседател Доналд Трамп интервенираше и го доведе во прашање интегритетот на турнирот.
20.07.2026
Комерцијализација на фудбалот
Како што веќе пишувавме, ФИФА пред неколку дена ги откри плановите поголемиот дел од своите комерцијални активности и организацијата на турнирите да ги префрли во нов финансиски субјект, чија вредност ја проценува на 20 милијарди долари. Потоа дел од сопственоста би им понудила на приватни инвеститори и со продажба на удел би собрала до 4,2 милијарди долари.
Новата компанија би се викала „ФИФА форвард ентерпрајз“ - ФФЕ (FIFA Forward Enterprise - FFE). Таа би управувала со комерцијалните активности поврзани со Светското првенство, Светското клупско првенство, како и со другите машки, женски и младински натпреварувања под капата на ФИФА. Под еден покрив би ги обединила приходите од телевизиските права, спонзорствата, продажбата на билети, угостителските и ВИП-услугите, лиценцирањето, а наедно би била задолжена и за оперативната организација на турнирите.
Потезите на ФИФА предизвикуваат уште поголеми контроверзии поради вклучувањето инвеститори поврзани со американскиот претседател Доналд Трамп, меѓу кои се братот на зетот на Трамп, Џошуа Кушнер, и неговата компанија „Трајв етернал“ (Thrive Eternal). За финансиски совети околу проектот ФИФА се обратила до „ЏП Морган“ (JPMorgan), а во подготовката на плановите, наводно, учествува и Грег Мафеи, поранешен претседател и главен извршен директор на „Либерти медија“ (Liberty Media), кој одигра значајна улога во комерцијалната трансформација на Формула 1.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, смета дека новиот деловен модел би овозможил повеќе инвестиции во земјите што немаат пристап до големи комерцијални приходи. Според него, задачата на ФИФА е да обезбеди од растот да има корист целокупниот фудбалски екосистем, а не само најголемите клубови и федерации.
Американскиот претседател Доналд Трамп и Џани Инфантино/Bloomberg
„Поткуп“ на фудбалските асоцијации
За плановите на Инфантино е потребно одобрение од сите 211 членки на ФИФА. Гласањето на Конгресот на ФИФА се заснова на принципот „една асоцијација, еден глас“, што значи дека секоја од 211-те членки има еднакво право на глас, без оглед на големината на државата, бројот на жители или економската важност на нејзиниот фудбал.
Така, фудбалската асоцијација на мал карипски остров има исто право на глас при изборот на претседателот на ФИФА, измените на статутот и другите клучни одлуки како и Германската фудбалска асоцијација, која претставува еден од најголемите и најбогати фудбалски пазари во светот. Овој систем на помалите држави им обезбедува формална рамноправност, но истовремено ја зголемува политичката тежина на регионалните блокови и на развојните програми преку кои ФИФА ја обезбедува поддршката од многу помали членки. Токму врз тие помали членки Инфантино ја гради својата гласачка база.
По објавувањето на планот, претседателот на ФИФА ги повика сите 211 членки до 19 септември да ја поддржат продажбата на удел од 20 до 30 отсто во комерцијалните права на Светското првенство на приватни инвеститори. За возврат им ветува нов финансиски пакет во вредност до 10 милијарди долари, кој би бил достапен од почетокот на 2027 година, како и до 40 милиони долари за секоја национална фудбалска асоцијација преку програмата ФИФА ФЕ.
Во писмото Инфантино предупредил дека членките што нема да го поддржат предлогот нема да бидат вклучени во новиот модел на финансирање, дури и ако планот добие потребно мнозинство. Во тој случај, тие би останале во рамките на сегашното проширување на програмата ФИФА ФЕ, чија вкупна вредност изнесува 2,7 милијарди долари. Според британските медиуми, тоа би можело да создаде двостепен систем и дополнително да ги зголеми финансиските разлики меѓу националните фудбалски асоцијации.
Предлогот треба да добие поддршка од повеќе од половина од членките на ФИФА, а потоа мора да биде одобрен и од Советот на ФИФА. Планот, за кој, според британските медиуми, многу од големите национални асоцијации претходно воопшто не биле информирани, предизвика остри критики. Еден од противниците го оцени како „чист поткуп“. Во меѓувреме, ФИФА нагласува дека одлуката ќе биде донесена по демократска постапка и дека целосно ќе биде во рацете на нејзините членки.
Новиот крал на фудбалот
Реорганизацијата на светскиот фудбал би можела да го круниса Инфантино и како „нов крал“ на овој спорт. Според британскиот весник „Тајмс“ (The Times), по истекот на неговиот последен претседателски мандат на чело на ФИФА во 2031 година - сегашниот му завршува во 2027 година, а и поради фактот засега е единствениот кандидат на претстојните избори - тој би можел да ја преземе водечката функција во новата компанија.
Весникот наведува дека една од можностите е Инфантино да стане комесар или главен извршен директор на новата фудбалска компанија, која би управувала со комерцијалните права на ФИФА. Тоа би му донело исклучително високи приходи.
Иако висината на неговата евентуална плата сè уште не е утврдена, според британскиот весник таа би можела да достигне околу 64 милиони долари годишно. Толку, на пример, заработува комесарот на НФЛ, а тоа е повеќе од платата на Адам Силвер, комесарот на НБА.
Како претседател на ФИФА, Инфантино моментално прима годишна плата од околу шест милиони долари. Според официјалните податоци на ФИФА, неговата основна плата изнесува околу 3,3 милиони долари, на што се додаваат уште приближно 2,8 милиони долари бонус за успешност. Со формирањето на новата компанија, Швајцарецот би можел да си ја зголеми платата дури десеткратно.
Згрозеност во европскиот фудбал
Очекувано, планот предизвика остри реакции, пред сè кај земјите од Стариот Континент и кај Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), чии односи со ФИФА веќе подолго време се многу затегнати. УЕФА ја обвинува ФИФА дека сè повеќе навлегува во нејзината сфера на надлежност. Резервирани реакции стигнаа и од некои неевропски фудбалски асоцијации, кои изјавија дека за плановите на ФИФА дознале дури преку медиумите.
УЕФА, со седиште во Швајцарија, оваа недела свика повеќе кризни состаноци и со своите членки одржа внатрешни консултации за тоа како да одговори на плановите на ФИФА. Меѓу најрадикалните потези што се разгледуваат е бојкот на натпреварувањата на ФИФА, почнувајќи од Светското првенство во 2030 година, чии домаќини се и две членки на УЕФА. За тоа подетално подолу.
УЕФА ја обвини ФИФА дека го користи фудбалот „за сопствено богатење и за богатење на своите пријатели“
Во УЕФА стравуваат дека влезот на приватниот капитал ќе го зголеми притисокот врз ФИФА да создава сè поголеми приходи, повеќе натпревари и нови можности за спонзорства. Тоа би можело дополнително да го забрза проширувањето на натпреварувањата и да ги продлабочи и онака сериозните проблеми со пренатрупаниот календар и преоптовареноста на фудбалерите.
Пренатрупаниот натпреварувачки календар станува сè поконтроверзно прашање. Во последните години сè погласни се синдикатите на фудбалерите, особено европските, кои предупредуваат на преоптовареноста предизвикана од постојаното проширување на календарот на натпреварувања. Клубовите, кои го носат товарот на исплатата на платите, во меѓувреме се залагаат за ограничување на бројот на меѓународни турнири, бидејќи тие ги зголемуваат уморот на играчите и ризикот од повреди.
Иако УЕФА обединува само околу една четвртина од вкупно 211-те членки на ФИФА, во неа членуваат повеќето од најуспешните фудбалски репрезентации во светот. На годинашното Светско првенство шест од осумте четвртфиналисти беа европски селекции, вклучувајќи го и шампионот Шпанија, а сличен удел Европа имаше и на претходните светски првенства. Затоа УЕФА е свесна дека вредноста на секое натпреварување на ФИФА би била значително помала без учеството на европските репрезентации. Тоа ѝ дава силен преговарачки адут.
Голем дел од стравувањата на европските фудбалски асоцијации пред почетокот на годинашното Светско првенство беа поврзани токму со проектот на Инфантино за проширување на турнирот. На претходното Светско првенство во Катар учествуваа 32 репрезентации, а годинава нивниот број се зголеми на 48. Критичарите тврдеа дека тоа значително ќе влијае врз квалитетот на фудбалот.
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин/Фото: Бобо
На тоа предупреди и претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, кој одлуката за проширување ја оцени како лоша.
„Имаме огромен број натпревари што се целосно неинтересни. Европа на Светското првенство во Катар имаше 13 репрезентации, а сега има 16. Тоа е мала разлика, додека на Светското првенство се пласираа репрезентации што во Европа не би победиле ниту на еден натпревар“, изјави тој.
Сепак, очигледно ФИФА не планира да застане со проширувањето на турнирот на 48 репрезентации. Меѓу нејзините предлози за Светското првенство во 2030 година, кое ќе се одржи во Мароко, Шпанија и Португалија, е и зголемување на бројот на учесници на дури 64 репрезентации.
Европските асоцијации најавија бојкот
Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) во четвртокот го поддржа бојкотот на натпреварувањата под капата на ФИФА доколку Инфантино продолжи со плановите за продажба на удели. Само неколку часа подоцна, предлогот го отфрли и КОНКАКАФ, конфедерацијата што ги обединува фудбалските асоцијации од Северна и Средна Америка и Карибите. На состанокот со 41 членка, меѓу кои се и САД и Мексико, многумина изразија загриженост поради, според нив, вештачки наметнатиот краток рок, како и поради тоа што предлогот претходно не бил разгледан од надлежните тела на ФИФА. Членките прашаа и зошто на ФИФА воопшто ѝ е потребен капитал од приватни инвестициски фондови по финансиски најуспешното Светско првенство досега.
УЕФА ја донесе одлуката на виртуелен кризен состанок посветен на разгледување на спорниот план за продажба на удели. „Светското првенство не може да се третира како инвестициски производ“, соопшти УЕФА. „Ниту една репрезентација членка на УЕФА нема да учествува на ниту едно натпреварување на ФИФА сè додека овие предлози останат во сила.“
Потоа УЕФА почна внатрешни разговори за можноста клубовите и националните асоцијации да ги бојкотираат натпреварувањата на ФИФА. Освен Светското првенство, тоа би можело да го опфати и Светското клупско првенство, проширеното натпреварување под капата на ФИФА, кое би можело да стане конкурент на профитабилната Лига на шампионите на УЕФА.
Според светските медиуми, Чеферин го бојкотирал финалето на Светското првенство поради повеќе причини, меѓу кои и одлуката на ФИФА да го поништи црвениот картон на американскиот напаѓач Фоларин Балогун.
На одлуките на ФИФА се спротивставува и Европската Унија. Европскиот комесар за спорт Глен Микалеф, истакна дека правилата во спортот подлежат на правото на Европската Унија кога имаат економски последици. Тоа би можело да го отвори патот Европската комисија да побара укинување на исклучокот во антимонополското законодавство.
„Бојкотот би имал огромна тежина бидејќи УЕФА има најголема финансиска независност и најсилна комерцијална моќ. Покрај УЕФА, предлогот веќе го отфрли и КОНКАКАФ, додека другите конфедерации се воздржани, со исклучок на Африка и Јужна Америка, кои официјално сè уште не се изјасниле. Ако не дојде до усогласување и ФИФА остане на своите позиции, светскиот фудбал лесно би можел да се подели на повеќе одделни натпреварувања – односно Светско првенство без Европа и Европско првенство на секои две години“, објаснува Вид Дежман од „Арена спорт“ (Arena Sport).
Дежман посочува и на дополнителен проблем за ФИФА: „Бојкотот од Европа би значел и заминување на клучните глобални спонзори и телевизиските права, бидејќи европскиот пазар е комерцијално најсилен. Без УЕФА, Светското првенство во фудбал би било значително помалку вредно и за огласувачите и за гледачите“, вели тој.
Тензиите растат пред изборите следната година
Следната година во седиштето на ФИФА ќе се одржат и изборите за претседател на светската фудбалска организација. Според „Гардијан“ (The Guardian), и покрај контроверзиите, Инфантино официјално ја има поддршката од повеќе од 200 членки на ФИФА.
Според весникот, само мал број од вкупно 211-те членки на ФИФА сè уште не испратиле писма со поддршка за Инфантино, кој е на добар пат на Конгресот во март со убедливо мнозинство да биде избран за четврти мандат. Кандидатурите треба да бидат поднесени до 18 ноември, а дотогаш писмата со поддршка може да бидат повлечени или пренесени на друг кандидат. Засега Инфантино е единствениот кандидат.
Порталот „Политико“ во четвртокот објави дека европските фудбалски челници како можен противкандидат на Швајцарецот го споменуваат катарскиот бизнисмен Насер ал Хелаифи, претседател на „Пари Сен Жермен“, кој воедно ја предводи и Асоцијацијата на европски клубови.
Сепак, иако според дел од европските функционери тој би бил сериозен кандидат со силна политичка и финансиска поддршка од Катар, негов портпарол соопштил дека Ал Хелаифи нема ниту амбиција ниту интерес да се кандидира за претседател на ФИФА, наведува „Политико“.