text size
Противењето на плановите на ФИФА за издвојување дел од своето работење достигна и до моќни клубови како Јувентус и Реал Мадрид, што претставува потенцијален удар за натпреварувања како Светското клупско првенство.
Овие клубови, заедно со други екипи, сметаат дека ФИФА нема овластување да го издвои својот комерцијален бизнис и да му продаде удел на надворешен инвеститор, тврдејќи дека не е сопственик на спортот и дека нејзиниот бизнис зависи од клубовите, велат лица запознаени со ова прашање.
Клубовите тврдат дека тие ги поседуваат правата на играчите, ги финансираат нивните плати и ги преземаат ризиците поврзани со повредите на фудбалерите. Како одговор, претставници на Реал Мадрид и Јувентус разговарале со други европски клубови и со европската фудбалска федерација УЕФА, додаваат изворите, кои побарале да останат анонимни бидејќи станува збор за доверливи информации.
Прочитај повеќе
УЕФА ќе го бојкотира Светското првенство ако продолжат бизнис плановите на Инфантино
Планот на Џани Инфантино да продаде дел од комерцијалните права на Мундијалот предизвика жестока реакција од УЕФА, која се закани со бојкот на турнирите на ФИФА.
пред 20 часа
ФИФА го отвора Мундијалот за приватниот капитал, УЕФА порачува дека фудбалот не е на продажба
ФИФА планира да формира компанија вредна 20 милијарди долари, во која би ги префрлила комерцијалните права и деловните активности поврзани со своите најголеми натпреварувања, а потоа дел од сопственоста би продала на приватни инвеститори.
28.07.2026
Двата клуба им се придружуваат на германските великани Баерн Минхен и Борусија Дортмунд, кои веќе јавно го критикуваа планот. УЕФА, европската фудбалска федерација, го предводи отпорот против ФИФА и се закани со бојкот на турнирите организирани од светската куќа на фудбалот.
Главниот извор на приходи на ФИФА е Светското првенство, но клубовите имаат малку или воопшто немаат директна корист од него, бидејќи им ги отстапуваат своите играчи на националните репрезентации без никаков финансиски надомест. На ФИФА ѝ е потребна поддршката од клубовите за организирање на Светското клупско првенство, кое претставува еден од нејзините главни проекти за раст и дел од стратегијата за зголемување на приходите надвор од годините кога се одржува Светското првенство.
Проширеното Светско клупско првенство, кое се одржа во 2025 година, имаше награден фонд од една милијарда долари, распределен меѓу 32 клуба. Со новиот формат, турнирот влезе во директна конкуренција со Лигата на шампионите на УЕФА, едно од најпрофитабилните фудбалски натпреварувања.
Дополнителна причина за несогласувањата е тоа што распоредот на играчите во последните години е значително преоптоварен со зголемениот број натпревари, што предизвика критики и од синдикатите на фудбалерите. Клубовите, кои ги исплаќаат платите на играчите, бараат ограничување на бројот на меѓународни турнири, бидејќи тие доведуваат до замор и поголем ризик од повреди.
„Постои силен консензус меѓу земјите членки по ова прашање“, изјави претходно Ханс-Јоахим Вацке, претседател на Борусија Дортмунд и една од највлијателните личности во германскиот фудбал. „Доколку европскиот фудбал остане обединет во спротивставувањето на овие планови, тоа ќе има голема тежина.“
Вацке додаде дека во последните денови разговарал со претседателот на УЕФА, Александар Чеферин. „Многумина во европскиот фудбал ги гледаат плановите на ФИФА како директен напад врз спортот“, рече тој. „И јас го делам тоа мислење.“
Според предлогот на ФИФА, најголемиот дел од комерцијалните активности и организацијата на турнирите треба да бидат префрлени во нов субјект наречен Фифа форвард ентерпрајз (ФФЕ). Новиот ентитет првично би бил проценет на околу 20 милијарди долари, а ФИФА планира да обезбеди до 4,2 милијарди долари од надворешни инвеститори, притоа задржувајќи целосна контрола преку мнозинско учество во управниот одбор.
Во 2021 година, кога шпанската Ла лига ги продаде своите комерцијални и телевизиски права на инвестицискиот фонд CVC Capital Partners, Реал Мадрид - клубот со најмногу титули во Лигата на шампионите - и неговиот голем ривал Барселона беа главни противници на договорот. Двата клуба тврдеа дека нема логика однапред да се продаваат правата пред тие да бидат распределени.