Кога кинескиот „Дипсик“ (DeepSeek) минатиот јануари го претстави конкурентниот нов модел за вештачка интелигенција наречен Р1, за кој се тврдеше дека е создаден со пониски трошоци од многу ривали, дел од јавноста стравуваше дека тоа достигнување претставува закана за американското водство во областа на вештачката интелигенција.
Повеќе од една година подоцна, „Дипсик“ претстави пробни верзии од долгоочекуваниот нов водечки модел В4, кој е поевтин за користење од многу алтернативи, но не ја намалува значително американската предност во ВИ способностите. Речиси можеше да се почувствува воздивка на олеснување од Вашингтон и Силициумската долина.
„Тој не е конкурентен на водечките американски модели и не делува дека го затвора јазот со САД во областа на ВИ“, изјави Крис Мекгваер, виш соработник за Кина и нови технологии во Советот за надворешни односи.
Прочитај повеќе
Кинескиот „Дипсик“ најавува нов пробив во вештачката интелигенција
Кинескиот стартап нема пристап до врвни чипови, но најавува технологија што може да ги надмине „Опен еј-ај“ и „Гугл“. Дали „Дипсик“ го подготвува следниот голем пресврт во светот на вештачката интелигенција?
02.01.2026
Кина ќе ја средува домашната „хаотична конкуренција“ во бумот со ВИ
Кина наведе дека ќе спречи прекумерна конкуренција во секторот на вештачка интелигенција (ВИ), кој е во полн ек.
29.08.2025
„Дипсик“ и Цингхуа развиваат самоприспособлив модел на вештачка интелигенција
„Дипсик“ и Цингхуа развиваат вештачка интелигенција што се подобрува додека работи.
09.04.2025
Борба на моделите: Кој води во светот на вештачката интелигенција?
Малку повеќе од две години по дебито на ЧетГПТ, сцената со вештачка интелигенција е значително поразвиена, а алатките базирани на вештачка интелигенција станаа вообичаени. Чија е најдобра?
13.02.2025
Дин Бол, поранешен советник за вештачка интелигенција во администрацијата на Трамп, го повтори тој став.
„Р1 останува најблиску што сум видел кинеските модели да му се доближат на американскиот врв“, напиша тој на социјалните мрежи. „В4 е подалеку од тоа.“
„Дипсик“ во петокот ги претстави сериите В4 Флеш и В4 Про, истакнувајќи врвни резултати на тестови за програмирање и големи подобрувања во задачи за расудување и агентско делување. Сепак, во документот објавен со претставувањето, кинеската компанија призна дека во одредени аспекти новиот модел заостанува зад најнапредниот ВИ софтвер во САД.
„Дипсик-В4-Про-Макс покажува подобри резултати од ГПТ-5.2 и Гемини-3.0-Про на стандардни тестови за расудување“, наведе компанијата, повикувајќи се на модели стари неколку месеци од „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Гугл“ (Google), дел од „Алфабет“ (Alphabet Inc.).
„Сепак, неговите перформанси се малку под ГПТ-5.4 и Гемини-3.1-Про, што укажува на развојна патека што заостанува зад најсовремените модели за приближно три до шест месеци“, додава компанијата.
Моделот на „Дипсик“ веројатно уште повеќе заостанува зад ГПТ-5.5 на „Опен еј-ај“, понов производ објавен ден пред В4, осмислен подобро да извршува задачи без многу насочување.
Иако ќе биде потребно време корисниците да го прифатат моделот и да го тестираат, почетните детали може да донесат извесно олеснување кај американските директори и претставници кои се подготвуваа за следното издание на „Дипсик“.
Американските технолошки компании ги обвинија „Дипсик“ и други кинески фирми дека своите четботови ги темелат барем делумно врз американски ВИ модели — практика позната како пренесување знаење од поголем во помал модел. Законодавци во Претставничкиот дом се залагаа за санкции кон кинеските компании, а Белата куќа најави сопствени напори за ограничување на таквата практика.
Во февруари годинава, „Опен еј-ај“ испрати меморандум до Конгресот во кој наведе дека забележал континуирани и софистицирани обиди за такво преземање знаење од актери од Кина и Русија.
„Следниот модел на Дипсик, без оглед на неговата форма, треба да се гледа во контекст на постојаните напори бесплатно да ги користи способностите развиени од „Опен еј-ај“ и другите водечки американски лаборатории“, напиша компанијата во меморандумот.
Дури и ако новиот модел на „Дипсик“ не успее да го надмине најнапредниот софтвер на „Опен еј-ај“, „Антропик“ (Anthropic PBC) и „Гугл“, тој и натаму би можел да претставува ризик за нивните бизниси преку притисок врз цените.
„Дипсик“, како и неговите кинески конкуренти, се фокусираше на модели со отворени тежини, што значи дека делови од основниот ВИ систем се јавно достапни за корисниците за слободно преземање и користење на сопствени платформи, па затоа е и поевтин за употреба.
Американските претставници проценуваат дека неовластеното преземање знаење ги чини лабораториите од Силициумската долина милијарди долари годишен профит, објави „Блумберг њуз“ (Bloomberg News).
Во блог-објава во петокот, развивачот Сајмон Вилисон го опиша В4 на „Дипсик“ како „речиси на самиот врв, за дел од цената“.
За „Дипсик“, тоа можеби е сосема доволно.