Две и пол години по лансирањето на ГПТ 4 (GPT-4), „Опен еј-ај“ (OpenAI) официјално го претстави ГПТ 5 (GPT-5), модел што компанијата го опишува како значителен технолошки скок. Според „Опен еј-ај“, новиот систем е побрз, попрецизен и помалку склон кон измислување информации од своите претходници. Извршниот директор Сем Алтман го нарече „најдобриот модел во светот“ за кодирање, пишување, здравство и „долга листа на други задачи“.
Главната стратешка цел на ГПТ 5 е да доминира во областа на софтверското програмирање, сектор што се покажа како еден од најпрофитабилните за генеративната вештачка интелигенција (ВИ). „Концептот на ‘софтвер на барање’ ќе биде обележје на новата ГПТ 5 ера“, изјави Алтман.
Овој пристап директно го позиционира „Опен еј-ај“ против својот најголем ривал – „Антропик“ (Anthropic), чии модели Клод (Claude) веќе стекнаа репутација како врвни алатки за помош при кодирање и дебагирање. Компании како „Курсор“ (Cursor) и „Виндсурф“ (Windsurf) значително се потпираат на Клод, што му овозможи на „Антропик“ да забележи брз раст и годишен приход од околу пет милијарди долари.
„Опен еј-ај“ веќе има искуство во оваа област со Кодекс (Codex), специјализиран ВИ-агент за програмирање, и дури водеше преговори за купување на Виндсурф (Windsurf) за 3 милијарди долари – договор што пропадна, по што „Гугл“ презеде дел од тимот.
Со ГПТ 5, „Опен еј-ај“ се надева да ги придобие „пребирливите“ софтверски инженери преку функции како можност за враќање на чекори во размислувањето и самокорекција на грешки. Во исто време, „Антропик“ не мирува – неделава го претстави Опус 4.1 (Opus 4.1), нова верзија на својот најмоќен модел, наменет за работа со големи кодови и прецизни модификации.
Долгогодишно ривалство
Влоговите се огромни. „Антропик“ е во преговори за финансирање до 5 милијарди долари, што би ја проценило компанијата на 170 милијарди. „Опен еј-ај“, пак, разгледува продажба на акции на постојни и поранешни вработени, што би ја поставило пазарната вредност околу 500 милијарди долари.
Ова не е прво соочување меѓу двете компании. „Антропик“ беше основан во 2021година од поранешни вработени во „Опен еј-ај“, со акцент на безбедноста и доверливоста. Лансирањето на ЧетГПТ во 2022 година делумно беше забрзано поради стравувања дека „Антропик“ ќе претстави сопствен четбот.
Оттогаш и двете фирми нудат слични производи – од ВИ-агенти до модели што имитираат човечко резонирање – со цел да изградат системи што ќе ги надминат човечките способности во повеќето задачи. Исходот од оваа скапа трка може да го одреди токму онаа страна што ќе успее да освои најмногу инвеститори и програмери.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...