Компанијата на Илон Маск „Екс еј-ај“ (XAI) ја ограничи алатката за генерирање слики на четботот Грок (Grok) само на претплатени корисници на социјалната платформа X, откако алатката предизвика осуди за генерирање на слики на разголени жени и деца.
Од Грок им соопштија на корисниците на X дека генерирањето и уредувањето слики се достапни само за претплатени корисиници. Тие функции првично беа воведени на X бесплатно, со дневни ограничувања. Самостојната апликација на Грок, која функционира одделно од социјалната мрежа, сè уште им дозволува на корисниците да генерираат слики без да се претплатат.
Капацитетите за генерирање слики на Грок стекнаа лоша репутација во последниве неколку недели откако корисниците започнаа да бараат од алатката да уредува фотографии на луѓе — најчесто жени — за да ги прикаже во бикини. Повеќе корисници ја искористија оваа функција за да создадат сексуализирани слики на жени и деца на X. Алатката беше користена за генерирање илјадници слики од разголени луѓе на час, многу од нив без согласност на засегнатите лица.
ИВФ (Internet Watch Foundation), тело назначено од британската влада за идентификување на материјали за сексуално злоставување на деца, соопшти дека пронашла „криминални“ слики на темната мрежа наводно генерирани од Грок. Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, ги опиша сликите како „срамни“ и рече дека британскиот регулатор „Офком“ (Ofcom) има „полна поддршка од владата за преземање мерки“.
Извршната власт на Европската Унија му нареди на X да ги задржи внатрешните документи кои се однесуваат на Грок до крајот на годината, изјави портпарол на прес-конференција во четврток. Европската Унија осуди некои од експлицитните слики на деца на платформата како илегални.
Маск во пост на X минатата недела посочи дека „секој што го користи Грок за создавање нелегална содржина ќе ги сноси истите последици како да објавува нелегална содржина“. Содржината што вклучува сексуализација и експлоатација на деца е исто така забранета на X според неговите актуелни услови за користење.
X не одговори со нешто значајно кога беше контактиран за коментар.