text size
Замислете да ве повика непознат број. Наместо вие да одговорите, телефонот го прави тоа сам, поставува прашање кој се јавува и зошто, и ви прикажува транскрипт во реално време додека вие молчите. Истиот тој телефон може да го замолите да нарача вечера - тој отвора апликација, наоѓа ресторан, избира јадења и ја подготвува нарачката, а од вас бара само клик на „потврди плаќање“. Ова не е опис на уред од 2030 година. Ова е „самсунг галакси С26“, кој се продава од март 2026 година.
Од асистент до агент
Она што се промени не е само технологијата туку и самата категорија на уреди. Со години гласовните асистенти ни одговараа на прашања и ни поставуваа аларми. Гемини, системот на „Гугл“ за вештачка интелигенција вграден во „галакси С26“, го прескокнува разговорот и преминува директно на акција: сам отвора апликации, избира опции и пополнува форми наместо вас. „Гугл“ го нарекува ова автоматизација на екранот (англ. Screen Automation).