„Т-мобајл САД“ (T-Mobile US Inc.) го купува „Минт мобајл“ (Mint Mobile), безжичен провајдер со ниски цени, познат по тоа што делумно е во сопственост на холивудскиот актер Рајан Рејнолдс, за дури 1,35 милијарда долари, во обид да го зајакне својот бизнис со припејд-телефони и да допре до повеќе клиенти со пониски приходи.
Вториот најголем американски провајдер за безжична мрежа ја презема матичната компанија на „Минт“, „Каена“ (Ka'ena Corp.), со комбинација од 39 отсто готовина и 61 отсто акции, се наведува во соопштението од средата. Крајната куповна цена ќе се заснова на тоа колку „Минт“ ќе задоволи одредени перформанси, и пред и по затворањето на трансакцијата. Разговорите за продажба првпат беа објавени од „Блумберг њуз“ во јануари.
Прочитајте повеќе: „Т-мобајл“ размислува да ја купи компанијата на Рајан Рејнолдс
„Рејнолдс, кој поседува непрецизиран но ’значителен’ удел во ’Минт’, ќе продолжи да се појавува во комерцијални цели во име на компанијата’, рече коосновачот Дејвид Гликман во интервју, додавајќи дека актерот има желба да „продолжи со години“. Гликман и неговиот партнер Ризван Касим ќе му се приклучат на „Т-мобајл“ и ќе управуваат со бизнисот, кој ја вклучува и „Ултрамобајл“ (Ultra Mobile), меѓународна телефонска услуга.
„Mинт“ нуди мобилни планови по едни од најниските цени во земјата, почнувајќи од 15 долари месечно за 4 гигабајти безжични податоци. Компаниите не го открија бројот на претплатници на „Mинт“. „Неговиот годишен раст на претплатници во изминатите четири години беше 50 отсто, а растот на приходите на годишно ниво беше 70 отсто или повеќе“, рече Гликман.
Бизнисот нема продавници и продава телефони и мобилни планови целосно преку интернет. Услугата веќе е обезбедена од „Т-мобајл“ како дел од договорот за големопродажба и споделување мрежа.
„Формулата на 'Минт' функционира, брендот брзо расте и можеме да ги размрдаме работите доколку ја изедначиме куповната моќ за телефони и маркетинг“, рече Мајк Кац, претседател на маркетинг во „Т-мобајл“. Операторот со седиште во Вашингтон исто така управува со сопствен припејд-бренд наречен „Метро“ (Metro).