Јапонските компании „Итоки“ (Itoki Corp.) и „Којоџу Гохан“ (Koyoju Gohan KK) соработуваат за да издадат вертикални „кутии за дремка“ за да помогнат да се создаде поздрава канцелариска култура во земјата.
Партнерството настанало како резултат на совпаѓање на бизнис интересите при што „Итоки“ од Токио, специјалист за мебел, стапил во контакт со снабдувачот на иверица „Којоџу Гохан“. Двете фирми потпишале договор за лиценца и сега во тек е процесот на дизајнирање на кутијата за дремка. Цената и достапноста на производот сè уште не се разгледувани.
Прекувремената работа е познат проблем во Јапонија, а земјата дури има термин за луѓето што спијат во текот на денот за да поминат долга вечерна смена или патување: „инемури“.
„Во Јапонија, има многу луѓе кои ќе се затворат во тоалет некое време, што мислам дека не е здраво. Подобро е да спиете на удобна локација“, вели Саеко Кавашима, директор за комуникации во „Итоки“.
Корисникот на кутијата за дремка е предвидено да спие во „мешунката“ како фламинго, односно исправено. Почетниот дизајн е направен за да се осигури дека главата, колената и задниот дел се удобно поддржани така што лицето нема да падне. Со оглед на тоа што истражувањата укажуваат дека краткиот одмор ја зголемува продуктивноста, овој нов изум може да ги поттикне вработените во Јапонија да парават кратки ефективни дремки во текот на денот.
„Мислам дека многу Јапонци имаат тенденција да работат континуирано без паузи“, вели Кавашима. „Се надеваме дека компаниите ќе можат да го искористат ова како пофлексибилен пристап за одмор“, додаде тој.