Анализа

ББА-анализа: Песимизам кај потрошувачите, лоши денови за трговијата на мало

Автор: Владимир Николоски

13 февруари 2023, 07:30

Растот на каматите на кредитите ќе ги намали потрошувачките кредити

Иако намалена, инфлацијата ќе ја оптоварува потрошувачката и во 2023 година

Целата анализа симнете ја како посебен документ во текстот

Depositphotos

Најголемиот дел од регионот Адрија во четвртиот квартал од 2022 година почна да ја чувствува болката од неизбежното рецесиско опкружување што се одрази и на податоците за реалната трговија на мало, кои се движеа соодветно. Миксот од забавувањето на економската активност, падот на реалните нивоа на платите, зголемувањето на каматните стапки и постојаното зголемување на цените, значително ги намали годишните стапки на раст во малопродажбата во Србија, Словенија и Хрватска, дополнително го продлабочи падот во Македонија, додека во Босна и Херцеговина тој сè уште е во нагорна насока, укажуваат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа на трговијата на мало во регионот, во која даваат осврт на трендовите во 2022 година и прогнози за 2023 година. 

Тие посочуваат дека Хрватска забележа значително забавување на годишната стапка на раст (од 0,3 проценти) на реалната трговија на мало во последниот квартал од 2022 година наспроти претходните три квартали (просек од 2,7 проценти годишно), што главно беше под влијание на континуираниот пад на реалните расположливи приходи на домаќинствата, како и на базниот ефект од претходниот период.

„Здравиот развој на пазарот на трудот (вработеноста е зголемена за 2,2 процента и нивото на невработеност е намалено за 7,7 проценти годишно), како и посилните резултати во туризмот (зголемување од 39 проценти кај вкупните пристигнувања и 26 проценти кај вкупните ноќевања на годишно ниво), не може да го надомести падот на реалните нето-плати (-4,6 проценти на годишно ниво, според податоците од октомври-ноември-2022 година)“, велат нашите аналитичари.

„Растот во четвртиот квартал главно беше поттикнат од повисоките продажби на гориво (годишен раст од 17,2 проценти) и во помала мера од повисоката продажба на непрехранбени производи од 2,5 проценти на годишно ниво, со исклучок на горивата. Продажбата на храна во исто време падна (-4 проценти на годишно ниво), што е најмногу од почетокот на пандемијата, кога во вториот квартал од 2020 година имаше пад од -4,4 проценти годишно. Силно влијание на падот имаа зголемените цени на храната“, велат аналитичарите.

„Сепак, како и во другите земји од регионот, растот беше побавен во однос на просекот за првите три квартали од 2022 година, кога изнесуваше 14,2 проценти на годишно ниво. Истовремено, номиналната стапка на раст во четвртиот квартал беше релативно иста како и во претходниот квартал (18,5 проценти наспроти 18,3 проценти на годишно ниво, соодветно). Забрзаната реална стапка на раст во четвртиот квартал во однос на третиот квартал беше остварена и покрај силните покачувања на цените на многу производи, што очигледно доаѓа како заостанат ефект од економското закрепнување. Во БиХ имаше раст и покрај тоа што немаше владина поддршка за заштита на домаќинствата од зголемените трошоци“, укажуваат од нашиот аналитички тим.

Во анализата се констатира дека реалниот раст во трговијата на мало во Србија забави на 2 процента на годишно ниво во четвртиот квартал на 2022 година (номинален раст од 19,9 проценти на годишно ниво).

„Просечниот раст во првите три квартали од 2022 година изнесуваше 7,3 проценти (номиналниот раст беше 22,7 проценти на годишно ниво). Продажбата на гориво сè уште се зголемува, иако има мало забавување на 12,1 проценти на годишно ниво во четвртиот квартал од 2022 година во споредба со просечниот годишен раст од 13,3 проценти во остатокот од 2022 година. Всушност, ако се исклучи трговијата на мало со гориво, растот во малопродажбата е помал во четвртиот квартал на 2022 година, бидејќи другите категории забележаа негативни стапки на годишен раст. Продажбата на храна падна за 0,9 проценти годишно во четвртиот квартал, забележувајќи го највисокиот годишен пад во последните седум години (делумно поради релативно лошата земјоделска сезона во 2022 година)“, велат аналитичарите.

„Во четвртиот квартал, реалната трговија на мало забележа пад од -1 процент на годишно ниво (или 15,6 проценти номинално), во споредба со просечниот годишен реален раст од 1,5 процент во првите три квартали од годината (или 17,5 проценти номинално), што е втор последователен квартал со пад на продажбата на годишно ниво. Ако ги елиминираме горивото, моторните возила и мотоциклите, реалниот пад на продажбата на мало е уште поголем и изнесува 6,2 проценти на годишно ниво во четвртиот квартал. Трговијата на мало со храна постојано опаѓаше во текот на 2022 година, забележувајќи пад од 6,2 проценти на годишно ниво во четвртиот квартал“, посочуваат аналитичарите.

Инаку, според резултатите од анкетата на Европската комисија за деловните субјекти и потрошувачите, показателите за довербата во малопродажбата во регионот Адрија се генерално позитивни.

„Неодамнешните податоци од јануари 2023 година покажуваат дека сите трговци на мало во регионот имаат поголема доверба во споредба со просекот од 2021-2022 година, поради закрепнувањето на расположението во последните месеци. Само во Словенија има знаци на пад на довербата од месец на месец, што е во корелација со кварталниот пад на БДП од 1,4 процент во третиот квартал на 2022 година и има слаби изгледи за раст до крајот на 2023 година“, велат нашите аналитичари.

„Дополнително, довербата на потрошувачите се намали во споредба со просекот од 2021 до 2022 година, освен во Македонија, каде што податоците за јануари 2023 година се во рамките на споменатиот просек (најмногу поради ниските нивоа на доверба во текот на 2021 и 2022 година)“, објаснуваат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.

Според нив, за целосна слика на севкупните трендови во потрошувачката мора да се земат предвид базичните трендови во основите на капацитетот за трошење.

„Нашата теза е дека трендовите во потрошувачката на домаќинствата во последните месеци се повеќе поттикнати од влошување на расположението, односно од таканаречените меки сили“, велат аналитичарите.

Што се однесува до 2023 година, тие очекуваат трговијата на мало во регионот Адрија значително да се влоши поради неколку факти.

„Високите стапки на инфлација насекаде ќе продолжат да ја оптоваруваат потрошувачката на домаќинствата, иако ценовните притисоци се очекува да бидат послаби во однос на 2022 година. Развојот на пазарот на трудот се очекува да се движи во согласност со забавената вкупна економска активност, што значи дека растот на вработеноста ќе забави“, велат нашите аналитичари.

Во однос на туристичката активност, тие сметаат дека неочекувано силниот исход во 2022 година ќе биде значително забавен во 2023 година, со оглед на повторното отворање на далечните дестинации, бидејќи се очекува намалување на цените на горивото во однос на 2022 година, што ќе го поддржи воздушниот сообраќај. Друг фактор ќе биде продолжувањето на неповолната безбедносна ситуација во Европа, бидејќи конфликтот во Источна Европа се одолжува веќе втора година.

„Дополнително, се наметнуваат прашањата за ограничената понуда на работна сила, како и за евентуално намалување на инвестициите од главните играчи, со оглед на воведувањето на неочекуваниот данок на екстра-профит. Исто така, високите цени на енергијата принудија некои сместувачки капацитети да го затворат својот бизнис во првиот квартал од 2023 година“, сметаат аналитичарите.

Се очекува затегнување на потрошувачкото кредитирање во целиот регион, во согласност со насоките на монетарната политика, која ќе го одржи растот на каматните стапки.

„Очекуваме да се намалат дознаките во однос на 2022 година, бидејќи економското забавување и кризата на трошоците на животот земаат данок во најголемите европски економии (најважно за динамиката на дознаките)“, велат нашите аналитичари.

На позитивната страна за 2023 година, тие сметаат дека големите заштеди во регионот ќе ги амортизираат, односно ќе ги задоволат потребите за потрошувачка во услови на пад на нивото на реалната плата.

„Се очекува стапките на невработеност да се намалат (Србија, Македонија, Босна и Херцеговина) или да бидат на рекордно ниско ниво (Хрватска, Словенија), со оглед на неповолната миграциска/демографска ситуација во регионот, дополнително засилена со олеснување на барањата за работна дозвола за некои од главните земји на ЕУ.“, прогнозира аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.