Фудбалер на напаѓачка позиција, репрезентативец што 22 години ги бранеше боите на Македонија на фудбалските терени, рекордер во бројот на настапи и постигнати голови за нашата селекција. Веќе е сосема јасно, зборуваме со Горан Пандев, поранешниот капитен на македонската селекција, кој во националниот дрес настапи дури на 122 натпревара, а постигна 38 гола.
Професионалната кариера ја започна од македонскиот клуб Беласица, од каде што само по две сезони отпатува за Италија и, со мал исклучок, буквално остана во таа медитеранска земја. Од вкупно 139 постигнати гола за клубовите во професионалната кариера, 126 ги постигнал во италијанското Калчо, со што стана миленик на тамошната публика. Беше дел од Интер, Лацио, Специја, Анкона, Наполи, Џенова и Парма. Само една сезона одигра во дресот на турски Галатасарај. Стана неформален амбасадор и промотор на македонскиот фудбал и заслужено го носи прекарот Гранде Пандев.
Македонската фудбалска ѕвезда, која запиша низа рекорди и на репрезентативно и на клупско ниво, неодамна стави крај на својата професионална кариера.
Не можам да кажам дека ми беше едноставно да ги составам прашањата и дека немав трема додека ги пишував. Не затоа што не знаев што да прашам, туку затоа што знаев кого прашувам. Ми претставува особена чест што еден од великаните во македонскиот спорт одвои време за ова интервју.
Блумберг Адрија (ББА): На почетокот, честитки за извонредно успешната кариера и достигнувањата и со клубовите и со репрезентацијата. Придонесовте и за огромна афирмација на државата во фудбалскиот свет, а имавте огромен удел и меѓу репрезентативците, кои во Вас гледаат лидер и се огледаат на Вашиот пример. Модел на спортист и човек што им е идол на сите генерации. Како Ви поминуваат деновите сега, без професионалниот фудбалски ангажман? Со кого играте фудбал?
Горан Пандев: Благодарам за убавите зборови и чест ми е што може да направиме интервју за „Блумберг Адрија“. Без професионален фудбал, без секојдневни тренинзи, без притисок за викенд малку е чудно, но се навикнувам. Сега имам повеќе време за моето семејство, се дружиме со пријателите и играме мал фудбал.
ББА: Се занимавате ли рекреативно и со некој друг спорт?
Горан Пандев: Да, со мојот добар пријател двапати во неделата возиме велосипед и навистина е прекрасно да се видат и да се ужива во убавините на Лигурија.
ББА: Професионално останувате во фудбалот, ангажиран преку „Академија Пандев“, која може да се каже дека одамна го најде својот пат во фудбалскиот свет. Каде целите со клубот?
Горан Пандев: Да, професионално останувам во фудбалот и моментално работам на новиот проект на „Академија Пандев“. Се запишав и на курс за спортски директор во Коверчано. Имам цел мојот клуб да го издигнам на многу повисоко ниво од тоа што беше досега.
ББА: Може ли „Академија Пандев“ да прерасне во вистински расадник на фудбалски таленти? Каква е заинтересираноста за фудбалот меѓу новите генерации?
Горан Пандев: Да ви кажам искрено, „Академија Пандев“ навистина е расадник на млади таленти, бидејќи ѝ дава повеќе од 15 млади репрезентативци на Македонија. Желбата за фудбалот кај децата е голема и ние сме среќни што нашата школа има повеќе од 300 дечиња.
ББА: Какви се условите за работа? Имате ли доволно поддршка од општеството и властите кога станува збор за инвестициите во спортот?
Горан Пандев: Условите за работа се нормални, иако мислам дека може да бидат и подобри, но знаеме и свесни сме во какво време живееме и се трудиме на децата да им помогнеме во нивниот развој и да им го покажеме вистинскиот пат во нивниот живот. Немаме некоја значајна помош од институциите, но заедно со родителите се трудиме децата да бидат среќни и задоволни.
ББА: Каков е Вашиот ангажман во „Брера холдингс“ (Brera Holdings), кој од неодамна стана партнер во „Академија Пандев“?
Горан Пандев: Мојот ангажман во „Брера холдингс“ е исклучиво на спортски план. Од пред еден месец сум член во Бордот на директори и за мене е големо искуство тоа што можам да се соочам со луѓе не само од спортот туку и од други бизнис-сфери и да научам некои нови работи.
ББА: „Брера холдингс“ неодамна излезе на американската берза Nasdaq. Колку финансиски средства планира да собере холдингот преку излегување на берзата и во што ќе се инвестираат тие пари? Какви се плановите?
Горан Пандев: „Брера холдингс“ планира да собере од берзата повеќе од осум милиони евра и има проект да се купат повеќе клубови во светот. Нашата цел е да ја направиме „Брера холдингс“ позната по вложувањата во фудбалски клубови низ целиот свет и мислам дека сме на добар пат да го оствариме тоа, бидејќи зад овој проект стојат многу моќни луѓе.
ББА: Дали најавеното ребрендирање на „Академија Пандев“ е резултат на инвестициите од „Брера холдингс“?
Горан Пандев: Планот за ребрендирање на „Академија Пандев“ е најважниот дел од нивниот проект. Луѓето што се дел од Бордот на директори го гледаат мојот клуб како најголема афирмација во Европа и се надеваме дека од јануари „Академија Пандев“ ќе ѝ продаде 70 проценти од своите акции на „Брера холдингс“ и клубот ќе зачекори по нов пат.
ББА: Дали може да очекуваме „Академија Пандев“ да се прошири и надвор од Македонија?
Горан Пандев: Мојата и целта на луѓето од „Брера холдингс“ е нашиот проект, а со тоа и брендот, да се прошири низ цела Европа, како со купување нови клубови, така и со отворање фудбалски школи.
ББА: Со оглед на тоа дека македонската јавност многу Ве поддржува, дали покрај „Академија Пандев“ може да очекуваме и поинаков ангажман од Вас?
Горан Пандев: Јас секогаш сум подготвен да му помогнам на македонскиот фудбал, но моменталната ситуација во федерацијата е катастрофално исполитизирана и навистина ми е жал што фудбалот не може да го издигнеме на многу повисоко ниво од сегашното. Но луѓето што се во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), кои работат само за лични интереси и на ФФМ за да се збогатат, фудбалот ќе го вратат 50 години назад.
ББА: Сегашната генерација репрезентативци во најголем дел играат надвор од Македонија и укажуваат на сериозна разлика меѓу европските и македонските терени, што дури е очигледно. Фудбалерите велат дека тоа значајно влијае и на квалитетот на играта. Се согласувате ли со тој став? Како ги коментирате инвестициите и одржувањето на фудбалските терени во Македонија?
Горан Пандев: За инфраструктурата и условите во Македонија и да не зборуваме колку се очајни, ако може да кажам и жални. Ги нема најосновните работи за да може репрезентативецот да се чувствува добро. Видете на каков терен игра и тренира нашата најдобра репрезентација. Никому не му е гајле за играчот дали ќе се повреди или не, дали ги има сите услови или не. Замислете, па, на какви терени играат и тренираат нашите деца и екипи од македонското првенство. Тоа е ужас и никој не собра сили нешто да направи. Со еден куп милиони од УЕФА, нашите господа од ФФМ само шетаат, земаат плати, дневници и си ставаат пари во џеб. Додека не се најдат правите луѓе што ќе ја преземат федерацијата и кои му мислат добро на македонскиот фудбал, ние уште многу години ќе бидеме завиени во ова црнило.
ББА: Ја крунисавте Вашата кариера со прв пласман на сениорската фудбалска репрезентација на Македонија на Европско првенство, прво во нашата историја. Фудбалските навивачи силно веруваат дека може да се повтори успехот и дека репрезентативците не се најдоа случајно во тоа елитно натпреварување. Верувате ли и Вие во континуитет на настапите на европската сцена и, уште повеќе, во пласман на Мундијалот, сон што буквално за влакно остана неостварен?
Горан Пандев: Пласманот на Европското првенство беше мојот најголем успех во мојата кариера. Мојот сон и сонот на многу генерации се исполни, а тоа е Македонија да настапи на едно големо натпреварување. Многупати сум кажал дека оваа генерација е најдобра генерација во историјата на македонскиот фудбал, но сега некои луѓе сакаат да ја уништат и таа генерација, лечат свои лични комплекси на грбот на репрезентацијата. Навистина ми е жал што се случуваат некои работи околу репрезентацијата. Убеден сум дека ако се средат некои работи и се врати атмосферата во репрезентацијата, момците повторно ќе нè израдуваат со пласман на едно големо натпреварување.
ББА: Во меѓувреме, додека ја чекаме нашата репрезентација на Мундијалот, за која селекција навивате на ова Светско првенство?
Горан Пандев: Навивам за Србија и Хрватска. 😊 😊