text size
До Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) е доствено известување за концентрација со која „Проекс Интернационал Л.Л.Ц“ со седиште во Косово, има намера да стекнe контрола врз друштвото за трговија на мало „Тинекс маркет“.
„Врз основа на писмо за намери и рамка за трансакцијата од 02.07.2026 година склучено помеѓу „Тинекс-МТ“ како продавач и „Проекс Интернационал“ како купувач, се согласиле за главните комерцијални услови и структурата на предвидената трансакција поврзана со стекнување од страна на купувачот на малопродажниот бизнис на супермаркети што моментално го управува „Тинекс-МТ“, меѓу другото, под називите ‚Тинекс‘, ‚СуперТинекс‘, ‚Тинекс Деликатес‘, ‚Конто‘ и ‚Спот‘“, наведуваат од КЗК.
Оттаму објаснуваат дека „Тинекс-МТ“ по потпишувањето на писмото за намери и рамка на трансакцијата, на 14.07.2026 година го регистрирал „Тинекс маркет“ кој е наменет да служи како средство за стекнување и работење на бизнисот.
„На ‚Тинекс маркет‘ ќе му се стави на располагање бизнисот или релевантните делови од бизнисот во согласност со главните услови договорени во писмото и како што ќе бидат дополнително регулирани во преддоговорот за купопродажба на удел и дефинитивната документација за трансакцијата“, наведуваат од КЗК.
Од КЗК информираат дека главна дејност на „Проекс Интернационал Л.Л.Ц“ е трговија на мало во неспецијализирани продавници претежно со храна, пијалаци и тутунски производи.
„Врз основа на прелиминарното испитување Комисијата утврди дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана“, соопшти КЗК.
Комисијата ги повикува заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења за оваа концентрација до Комисијата.