text size
Првиот човек на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, поднесе оставка само неколку дена по обелоденувањето на неговата љубовна афера со Алис Хуанг. „Блумберг“ објави дека одборот го отстранил Хуанг од функцијата, а за привремена извршна директорка ја именувал досегашната финансиска директорка Колет Крес.
„Енвидија“ ќе разгледува кандидати од компанијата и надвор од неа за траен наследник на Хуанг. Компанијата го именуваше Харви Џонс за прв претседател на одборот во својата историја.
Акциите на „Енвидија“ го продлабочија падот на околу 10 отсто во тргувањето пред отворањето на берзата. ЕТФ што го следи американскиот индекс на полупроводнички компании падна за три отсто. Ако загубите се задржат и по отворањето на берзата, пазарната вредност на „Енвидија“ ќе се спушти под четири билиони долари.
Џон Вин од „Кибанк капитал маркетс“, еден од аналитичарите што ја намалија оценката за акциите на „Енвидија“, рече дека заминувањето на Хуанг значително ги зголемува ризиците поврзани со стратегијата на компанијата, нејзината организација и спроведувањето на плановите. Според него, тоа оправдува повисока премија за ризик и понизок коефициент на вреднување на акциите.
Блумберг претходно објави дека Алис Хуанг, за која постои сомневање дека шпионирала за Кина, живее во Пекинг и дека безбедносните служби знаат дека таа е таму. Полицијата во Сингапур соопшти дека од февруари ѝ е забранет влез во земјата и дека истрагата за „Мегаспид“ и уште шест лица е во тек. Според полицијата, нема доволно докази дека таа сторила прекршок додека работела во компанијата.
„Мегаспид“ не е широко позната компанија. Станува збор за „неоклауд“ компанија со седиште во Сингапур што на клиентите им нуди компјутерски капацитет во своите центри за податоци за надомест. Алис Хуанг, позната и како Хуанг Ле, ја основала компанијата во 2023 година, кога таа се издвоила од кинескиот производител на видеоигри „Севен роуд“ (7Road). Подоцна истата година „Мегаспид“ добила статус на партнер на „Енвидија“ за облачни услуги.
Оттогаш „Мегаспид“ увезла производи на „Енвидија“ во вредност од повеќе од 4,6 милијарди долари, а дел од чиповите му ги изнајмува на кинескиот технолошки гигант „Алибаба“ (Alibaba Group). „Мегаспид“ стана најголемиот купувач на чипови на „Енвидија“ во Југоисточна Азија. Една од грижите на американските власти е дека регионот стана важна рута преку која шверцерите внесуваат напреден хардвер на „Енвидија“ во Кина, каде што продажбата на таква опрема е ограничена. „Мегаспид“ негираше дека сторила каква било повреда и соопшти дека ги почитува прописите за извоз.