Компанијата „Агри Европа“ (Agri Europe Cyprus Ltd.) на познатиот српски бизнисмен Миодраг Костиќ објави понуда за преземање на 17 отсто од акциите во „Адико банка АГ“ (чие седиште е во Виена), по цена од 16,24 евра по акција по исплата на дивиденда. Претставникот за медиуми на „Агри“ првично одби да ја коментира контрапонудата на словенечката „НЛБ банка“ за која пишувавме денеска, објави „Блумберг“.
Понуда за преземање на удел во „Адико банка“ денеска објави и „Нова љубљанска банка“ (НЛБ). Како што е наведено во јавната понуда, целта е „стекнување контрола врз ’Адико банка’ за сите издадени и отворени акции“, односно за сите расположливи акции на берзата што сопствениците се подготвени да ги продадат. Размислуваат за понуда од 20 евра по акција.
Како што претходно објави „Блумберг Адрија“, двајца српски бизнисмени се натпреваруваат за купување на акциите на оваа австриска банка: Миодраг Костиќ преку „Агри“ и Давор Мацура, кој раководи со „Алта пеј“.
„НЛБ моментално нема акции во ’Адико’ и има намера да стекне значителен мнозински удел во банката со лансирање на понудата“, се наведува во соопштението. Тие додаваат дека понудената цена на акцијата од 20 евра претставува „многу атрактивен и редок настан за ликвидност за сите акционери на ’Адико’ да излезат и да ги продадат своите акции“.
Понудената цена на акцијата подразбира премија од 22,15 отсто наспроти шестмесечната просечна цена на акцијата од 16,37 евра. Тоа подразбира и премија од 4,99 отсто во однос на цената на затворањето на берзата на 15 мај 2024 година (последниот трговски ден пред објавувањето на НЛБ дека ќе започне понуда за преземање) и премија од 32,01 отсто во однос на затвораната цена на акција од 15,15 евра на 22 март годинава (последната цена на затворање на акцијата пред „Агри“ да објави на 25 март дека има намера да лансира понуда за преземање на акциите на „Адико“).
Компанијата на Миодраг Костиќ прво требаше до 10 април да го извести регулаторното тело во Виена за својата понуда да преземе дел од акциите на „Адико банка“, потоа рокот беше продолжен до 24 април, а потоа до 16 мај поради променети околности и потреба на новата сопственичка структура на „Адико банка“ да се оценува во дополнителна подготвителна постапка. Ова се случи по објавувањето на намерата на „Алта пеј“ да стекне речиси 30 отсто во оваа австриска банка.
Тогаш „Агри“ објави дека не дејствува во координација со српската „Алта пеј груп“, ниту со нејзините поврзани компании, ниту со сопственикот на компанијата Давор Мацура.