Откако неодамна беше назначен за претседател на Бордот на директори на НЛБ Банка Приштина, Антонио Аргир презеде и дополнителна одговорност во НЛБ групацијата. Поранешниот прв човек на НЛБ во Македонија и актуелен член на Управниот одбор на НЛБ д.д. во Љубљана, отсега ќе ја врши и функцијата претседател на Надзорниот одбор на НЛБ Банка Подгорица.
„Претседавањето со надзорните тела е улога од критична важност, која бара фокус на ефективно управување, стратешки надзор и поддршка на локалните менаџерски тимови за постигнување одржлив раст. Исто така, обезбедува усогласување помеѓу визијата на Групацијата и потребите на локалните пазари кои се развиваат, објави Аргир на Линкдин.
Аргир е поранешен генерален директор на НЛБ Банка во Скопје, а од јануари 2022 година и официјално стана член на Управниот одбор на НЛБ Групацијата во Љубљана.
Во третиот квартал годинава НЛБ оствари приход од речиси 320 милиони евра, додека нето-добивката изнесува 135,5 милиони евра. Во текот на првите три квартали од годинашното работење, банката остварила вкупно 427,5 милиони евра нето-добивка, што е за 10 проценти повеќе во однос на истиот период лани.
Групацијата продолжува да расте со осум проценти органски раст на кредити во споредба со крајот на 2023 година, а потенцијалот за понатамошен раст е дополнително зголемен во септември со успешното преземање на „СЛС група“ (SLS Group) со подружници лизинг-компании во Словенија („Самит лизинг Словенија“, Љубљана) и во Хрватска („Мобил лизинг“, Загреб), се наведува во извештајот за финансиското работење.
Покрај лизингот, дополнително се зајакнуваат управувањето со имотот и банкарското осигурување. „Уште поголем придонес кон резултатите и влијанието имаат банките членки на Групацијата од пазарот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), каде што сите банки бележат добивка и придонес во заедничкиот резултат на Групацијата од 57 проценти“, се посочува во извештајот.