„Уникредит“ (UniCredit SpA) даде понуда од 10 милијарди евра за сите акции на домашниот ривал „Банко БПМ“ (Banco BPM), отворајќи втор голем фронт за преземање, додека извршниот директор Андреа Орсел исто така преговара за преземање на „Комерцбанк“ (Commerzbank AG).
Според понудата, инвеститорите на „Банко БПМ“ ќе добијат 0,175 нови акции на „Уникредит“ за секоја акција на „Банко БПМ“ што ја поседуваат, се наведува во соопштението за јавноста. Ова ја зголемува вредноста на банката на 6,657 евра по акција, што претставува премија од 0,5 проценти во однос на цената на акциите постигната при затворањето на тргувањето во петокот.
Акциите на „Банко БПМ“ пораснаа за 6,2 проценти во 9.11 часот во Милано, додека „Уникредит“ падна за 2,9 проценти. „Комерцбанк“ падна дури за 7,2 проценти во Франкфурт.
Прочитај повеќе
На Европа ѝ треба унифициран банкарски пазар, вели директорот на „Блекрок“
Извршниот директор на „Блекрок“, Лари Финк, ги повика европските земји да продолжат со обединување на банкарскиот пазар.
01.10.2024
„Уникредит“ ќе побара од ЕЦБ дозвола да купи 30 отсто од „Комерцбанк“
Италијанскиот кредитор во следните неколку дена најверојатно ќе поднесе барање до ЕЦБ, која е главен регулатор на банкарскиот сектор во еврозоната.
17.09.2024
„Комерцбанк“ подготвува одбрана за можното преземање од страна на „Уникредит“
Се очекува претставниците на вработените да направат заеднички напори за да изградат политичка поддршка за отфрлање на обидот за преземање.
12.09.2024
„Уникредит“ со повисоки исплати за акционерите оствари профит тројно поголем од очекуваното
Заемодавецот успеа да го зголеми износот што ќе им го исплати на акционерите на 8,6 милијарди евра.
05.02.2024
Преземањето на „Банко БПМ“, една од долго посакуваните цели на Орсел, би ја направило „Уникредит“ најголема банка во Италија според вкупната актива и би го забрзало бранувањето во спојувањата на европските банки годинава. Оваа понуда доаѓа за време на затишје во напорите на „Уникредит“ да го купи својот германски ривал, што се соочува со остро противење од владата во Берлин.
„Не можеме да изостанеме од консолидацијата на банките во Италија“, рече Орсел за време на конференциски повик.
Италијанската влада сè уште нема коментирано за понудата. Неколку официјални лица со кои „Блумберг“ (Bloomberg) приватно контактираше изразија збунетост поради неочекуваниот потег на Орсел.
Француската банка „Кредит агрикол“ (Credit Agricole SA), која има удел од приближно девет проценти во „Банко БПМ“, одби да коментира. „Банко БПМ“ исто така не даде веднаш коментар.
Како што наведуваат аналитичарите, „Банко БПМ“, која има речиси 200 милијарди евра актива, долго време беше цел на „Уникредит“, а целта е проширување во богатата област Ломбардија и внесување дополнителни профитабилни сегменти во работењето. Договорот би вклучувал трошоци за интеграција од околу две милијарди евра во текот на првата година, се наведува во соопштението на „Уникредит“ од понеделникот. Орсел на конференцискиот повик рече дека тоа нема да влијае на дивидендите за 2024 година и дека банката е посветена да го задржи непроменет трендот на исплата на дивиденда по акција.
Како ќе заврши сагата околу „Комерцбанк“
Орсел по повод прашањето за купување на „Комерцбанк“ рече дека новиот потег ја намалува итноста да се заврши работата во Германија. Тој ги повтори претходните изјави дека ќе биде „трпелив“ во врска со „Комерцбанк“.
„Со оглед на приемот што го имавме на одредени места, мора да бидеме трпеливи“, рече тој, очигледно мислејќи на острата реакција од германската влада на пристапот на „Уникредит“.
Да потсетиме, во текот на првата половина на септември беше објавено дека „Уникредит“ сака да ја преземе „Комерцбанк“ и дека поседува удел до девет проценти. Иако германската влада се противеше на таквиот потег, „Уникредит“ до крајот на септември го зголеми својот удел во „Комерцбанк“ на 21 процент.
Тогаш својот став го изнесе и канцеларот Олаф Шолц: „Непријателските напади и непријателските преземања не се добра работа за банките, поради што германската влада зазеде став и јасно стави до знаење дека ова не го сметаме за соодветен пат“, рече тој.
Орсел го зголеми својот удел во „Комерцбанк“ со помош на „Барклис“ (Barclays Plc) и Банката на Америка (Bank of America Corp). „Барклис“, според анонимни извори, организираше деривати поврзани со „Комерцбанк“ за италијанскиот кредитор во неделите пред Берлин да го продаде уделот. Од италијанската влада тогаш приватно го критикуваа фактот дека Берлин се залага за поголема европска интеграција, а потоа се спротивставува на можноста за преземање на франкфуртската банка.
Иако финансиските придобивки од оваа аквизиција може да бидат скромни за италијанската банка, овој потег може да се објасни и со друг вид бенефиција, а тоа е пристапот на „Уникредит“ до германскиот и полскиот пазар, на кој „Комерцбанк“ моментално работи. Некои економисти сметаат дека овој потег би бил пожелен за италијанската банка, која минатата година заработи 8,6 милијарди евра, додека преку откуп на акции и дивиденди успеа да одговори и на барањата на инвеститорите.