Акциите на „Монстер бевериџ“ (Monster Beverage Corp.) пораснаа откако резултатите од третиот квартал ги надминаа очекувањата, потпомогнати од силната глобална побарувачка за растечкото портфолио на енергетски пијалаци на оваа компанија.
„Глобалната категорија на енергетски пијалаци продолжува да покажува солиден раст“, изјави вчера Хилтон Шлосберг, главен извршен директор на „Монстер“.
Нето-продажбата на клиенти надвор од САД достигна рекордно висока стапка, рече Шлосберг, сочинувајќи околу 43 отсто од вкупната нето-продажба, во споредба со приближно 40 проценти една година претходно.
Најновите резултати потврдуваат дека пошироката индустрија за енергетски пијалаци има корист од тоа што љубителите на кафе ги напуштаат ладните пијалаци за „подобар“ кофеин и се фокусираат на странските пазари, каде што потрошувачката и натаму останува под безалкохолните пијалаци.
Акциите пораснаа дури за 5,4 проценти во постпазарното тргување, а од почетокот на годинава до затворањето на тргувањето вчера се искачија за 26 отсто, надминувајќи го зголемувањето од 14 проценти на индексот S&P 500 во истиот период.
Продажбата во третиот квартал се зголеми за 17 проценти споредено на годишно ниво, на 2,2 милијарди долари, што е повеќе од очекувањата на аналитичарите анкетирани од „Блумберг“, кои проценуваа дека продажбата ќе изнесува 2,1 милијарди долари. Приспособената заработка по акција се зголеми на 56 центи, надминувајќи ја процената од 48 центи.
„Монстер“ се стреми кон лансирање нови производи за да ја одржи својата понуда свежа и работи на одбрана на просторот на полиците од конкурентите што воведуваат повеќе иновации, напиша аналитичарот на „Еверкор“ (Evercore), Роберт Отенштајн, пред објавувањето на заработката на компанијата.
Успехот на компанијата се одрази во лансирањата нови производи, рече Шлосберг, а есенва се воведуваат и неколку нови пијалаци, нешто што ќе се случува и во 2026 година. Меѓу нив е и ФЛРТ (FLRT), бренд фокусиран на жени, кој би требало да биде лансиран кон крајот на првиот квартал од следната година, со четири вкуса.
Новиот бренд веројатно ќе се натпреварува со „Целзиус холдингс“ (Celsius Holdings Inc.), чиј бренд со исто име и производите „Алани Ну“ (Alani Nu) се популарни меѓу жените.
И „Целзиус“, кој ги објави своите резултати пред отворањето на пазарот во четвртокот, објави приходи што ги надминаа прогнозите на аналитичарите. Сепак, загриженоста на инвеститорите во врска со тековната транзиција на дистрибуцијата на брендот „Алани Ну“ влијаеше врз расположението. Акциите на „Целзиус“ ја завршија сесијата на тргување со пад од дури 25 проценти.
„Се очекува царините за алуминиум и понатаму да имаат скромно влијание врз резултатите од четвртиот квартал и 2026 година“, наведе Шлосберг во соопштението за заработката.