Албанската компанија „Aгна“ има намера да стекне единствената контрола врз друштво за трговија на големо и мало „Мако маркет“, соопшти Комисијата за заштита на конкуренцијата.
„Агна“ е приватно акционерско друштво во сопственост на Васил Наци, Кристо Наци и Коста Сотири. Компанијата се занимава со трговија на големо и дистрибуција на стоки за широка потрошувачка и тоа прехранбени производи, производи за лична хигиена, производи од тутун, безалкохолни и алкохолни пијалоци. Како дополнителни дејности се производство и продажба на безалкохолни и алкохолни пијалоци, логистика и транспорт на стоки, како и дејности поврзани со градежништвото, вклучувајќи инвестиции во изградба, купување и продажба на земјиште, туристички комплекси, хотели и слични инфраструктурни проекти. Компанијата во Македонија е веќе присутна преку својата подружница „Агна инветсментс“ која се занимава со издавање, управување и инвестирање во недвижен имот и сопственик на „Певец интернационал“.
„Мако маркет“ обезбедува услуги на трговија на големо со стоки за широка потрошувачка (храна, пијалоци, кондиторски производи, средства за лична хигиена и средства за чистење), како и производство на кондиторски производи и пуканки. Друштвото е присутно на целата територија на Македонија преку логистички центар, производствен погон и развиена дистрибутивна и продажна мрежа, со сопствен продажен тим и сопствена логистичка и дистрибутивна мрежа со сопствени возила, преку кои врши директна дистрибуција до своите купувачи.