Само минатиот месец акциите на „Ново Нордиск“ (Novo Nordisk A/S) изгледаа како да влегуваат во подобра фаза. Аналитичарите беа оптимисти околу таблетарната верзија на блокбастер-инјекцијата за слабеење „вегови“, додека инвеститорите, според сè, веќе ги имаа пресметано сите слабости во продажните изгледи на поранешната миленичка на пазарот.
Оваа недела наративот целосно се сврте. Акциите на „Ново Нордиск“ паднаа за 21 отсто, пред сѐ погодени од насоки што укажаа на пад на приходите што е многу подлабок од очекуваниот, а потоа и од лансирањето поевтина копија од таблетата за слабеење „вегови“ од страна на здравствената компанија „Химс енд херс хелт“ (Hims & Hers Health Inc.). И покрај благото закрепнување во петокот, акциите и натаму се на пат кон најлошата недела во последните шест месеци.
Овие удари се најнови во низата проблеми за данската компанија, која од врвот на пазарната вредност од 659 милијарди долари во јуни 2024 година, виде како годините на вртоглав раст практично се избришани. Не многу одамна „Ново Нордиск“ беше највредната котирана компанија во Европа, но брзо испадна од првите десет и сега вреди нешто повеќе од 200 милијарди долари. Драматичниот пад натера некои да се запрашаат дали навлегувањето во третманите за слабеење воопшто се исплатеше.
Прочитај повеќе
Копија од 49 долари на лекот за слабеење „вегови“ го потресе пазарот
Копија на лекот за слабеење „вегови“ се појави на пазарот за многу пониска цена, предизвикувајќи пад на акциите на „Ново Нордиск“. Дали поевтината верзија ќе го промени пазарот на лекови за слабеење?
пред 23 часа
„Ели Лили“ очекува силен раст на продажбата, ривалот „Ново Нордиск“ разочара
„Ели Лили“ ја зацврстува лидерската позиција со „зепбаунд“ и „маунџаро“, очекувајќи силен раст и нови терапии во огромниот пазар за слабеење.
04.02.2026
„Ново Нордиск“ доби одобрение во САД за таблетарна верзија на лекот „вегови“
Американските регулатори ѝ дадоа зелено светло на „Ново Нордиск“ за таблетата „вегови“, што ги крена акциите на компанијата и ѝ даде кратка предност пред „Ели Лили“.
23.12.2025
„Фајзер“ ја победи „Ново Нордиск“ во лицитациска војна за стартап за лекови за слабеење
„Фајзер“ се согласи да го купи стартапот за лекови за слабеење „Метсера“ во договор вреден 10 милијарди долари, по бурното лицитирање со „Ново Нордиск“.
08.11.2025
„Рош“ ја презема биофармацевтската фирма „89био“ за 3,5 милијарди долари
„Рош“ ќе ја купи „89био“ за 3,5 милијарди долари, обезбедувајќи пристап до нови терапии против дебелина и засилувајќи ја конкуренцијата со „Ново“ и „Ели Лили“.
18.09.2025
Ново Нордиск укинува 9.000 работни места и ја намалува прогнозата за профит
Данскиот фармацевтски гигант, „Ново Нордиск“ отпушта 11 отсто од работната сила и ја ревидира добивката, обидувајќи се да ја врати предноста пред „Лили“ на пазарот за лекови за дебелина.
10.09.2025
„Воопшто не се сомневам дека акциите на ‘Ново Нордиск’ денеска ќе беа повисоки доколку компанијата никогаш не влезеше во сегментот на дебелината“, изјави здравствениот специјалист во „Мизухо“ (Mizuho) Џаред Холц.
Годините на натпросечни приноси на „Ново Нордиск“ се избришани
Bloomberg
Компанијата, која со години беше позната како производител на инсулин, привлече пошироко внимание кога нејзината инјекција „оземпик“, првично наменета за лекување дијабетес, стана популарна меѓу холивудските ѕвезди што сакаа да ја одржат линијата.
Компанијата ја презеде активната состојка на „оземпик“, семаглутид, и ја ребрендираше како „вегови“, наменета исклучиво за слабеење. Американските регулатори ја одобрија инјекцијата „вегови“ во јуни 2021 година, што придонесе за брзиот раст на акцијата.
Но, и покрај предноста што ја имаше како прв играч на пазарот, „Ново Нордиск“ погрешно ги процени брзината и размерот на конкуренцијата. Компанијата го губи чекорот во однос на американскиот ривал „Ели Лили“ (Eli Lilly & Co.), кој започна со продажба на својот лек за слабеење „зепбаунд“ кон крајот на 2023 година, а истовремено е под притисок и од поевтини копии на производите и на „Ели Лили“ и на „Ново Нордиск“.
„Цената е клучен фактор што одредува колкав обем може да се постигне во овој бизнис, без никаков сомнеж“, им изјави во четвртокот на аналитичарите извршниот директор на „Ново Нордиск“, Мајк Дустдар. „Тоа најпрво го видовме кај производителите на поевтини, алтернативни верзии на лековите.“
Според Дустдар, луѓето купувале копии „не затоа што не го сакаат оригиналот, туку затоа што не можеле да си го дозволат оригиналот. А потоа видовме колку брзо и во колкав обем успеаја да навлезат“.
Акциите на „Ново Нордиск“ ја имаа најлошата година во историјата во 2025 година, поради жестоката конкуренција на пазарот на лекови против дебелина, разочарувачките резултати од клиничките испитувања и повеќекратните предупредувања за пад на добивката. Тоа доведе акцијата да се тргува како никогаш да не постоела еуфорија за лековите против дебелина.
Акциите на „Ново Нордиск“ на пат кон најлошата недела од август
Bloomberg
Лансирањето на таблетата „вегови“ требаше да ѝ донесе предност на „Ново Нордиск“ (Novo Nordisk), а јануарското закрепнување на акцијата беше најголемиот раст во последните пет месеци. Но потоа следуваше слабата прогноза за продажбата, а веднаш по неа и објавата во четвртокот од „Химс енд херс хелт“ (Hims & Hers Health) за поевтина копија од таблетата, понудена по пониска цена од производот на „Ново Нордиск“. Данската компанија соопшти дека планира да преземе правни и регулаторни чекори. До моментот кога „Ново Нордиск“ ја даде изјавата, акциите веќе беа паднати за 10 отсто во текот на денот, иако аналитичарот на „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase & Co.), Ричард Восер, смета дека падот на крајот ќе се поништи. „Постојат силни правни патишта по кои ‘Ново Нордиск’ може да тргне за да го отстрани производот од пазарот“, напиша тој, додавајќи дека копијата на „Химс“ е „јасно спротивна на регулативата што ги уредува лековите во САД“.
Во објава на платформата X во четвртокот вечер комесарот на Агенцијата за храна и лекови Марти Макари изјави дека агенцијата ќе преземе „брзи мерки против компаниите што масовно пласираат нелегални копии на лекови, тврдејќи дека се слични на производи одобрени од ФДА“.
Акциите на „Ново Нордиск“ пораснаа до 5,8 отсто во петокот, надоместувајќи дел од овонеделните загуби, но допрва претстои долг пат за закрепнување. Помалку од половина од 34 аналитичари што ги следи „Блумберг“ имаат препорака за купување или еквивалент, а дури ни најоптимистичните меѓу нив не очекуваат акцијата да се врати на рекордното ниво во следните 12 месеци.
„Она што ни се случи лани беше голема лекција дека пазарот на лекови против дебелина е многу подинамичен отколку што барем ние чувствувавме или знаевме“, изјави Дустдар.