Пазарните структури го олеснуваат разбирањето на карактеристиките на различните пазари и нивната организација. Тие ги опишуваат интеракциите помеѓу купувачите и продавачите и ги објаснуваат динамиката на конкуренцијата и добиениот степен на контрола на пазарот на поединечно претпријатие, во зависност од тоа на која пазарна структура ѝ припаѓа. Знаеме четири основни пазарни структури: совршена конкуренција, монополска конкуренција, олигопол и монопол. Во продолжение ќе ја разгледаме теоретската рамка на различните пазарни структури и ќе дадеме практични примери за подобро разбирање.
Пазарните структури може да се разликуваат врз основа на неколку клучни фактори, вклучувајќи ги бројот на доставувачи на пазарот, степенот на диференцијација на производите, контролата на цената и бариерите за влез на пазарот.
Совршена конкуренција
Прочитај повеќе
Кина ја критикува истрагата на ЕУ за електричните автомобили
Истрагата на Европа за спротивставување на Кина е дел од стратегијата на владите да го доближат производството до дома.
14.09.2023
Криптопазарот во пад, потезите на регулаторите предизвикаа страв
Помалите криптовалути паднаа со нагла распродажба, бидејќи акцијата на американската Комисија за хартии од вредност ги потресе инвеститорите.
11.06.2023
Совршената конкуренција се карактеризира со тоа што на пазарот има многу купувачи и продавачи, при што ниту една поединечна компанија нема поголемо пазарно учество и не може да влијае на цените на пазарот. Компаниите мора да ја прифатат пазарната цена, која е одредена од силите на понудата и побарувачката. Производите што ги нудат компаниите се хомогени. Тоа значи дека купувачите не ги воочуваат разликите помеѓу поединечните производи, па со други зборови велиме дека овие типови производи се совршени супститути, што значи дека се целосно заменливи. Често користени примери на совршени замени во учебниците по економија се маргаринот и путерот, бидејќи и двата можат да се користат во готвењето и се меѓусебно заменливи.
Една од клучните карактеристики на совршено конкурентен пазар е комплетноста на информациите на пазарот, вклучувајќи ги цените, квалитетот на производот и достапноста. Компаниите влегуваат и излегуваат од пазарот без тешкотии, а истото тоа важи и за мобилноста на капиталот и работната сила, кои лесно може да се движат помеѓу различни фирми и индустрии. Последна важна карактеристика на компаниите на совршено конкурентен пазар е нивниот стремеж за максимизирање на профитот.
Кога зборуваме за совршена конкуренција на пазарот, мора да нагласиме дека тоа е апстрактен, теоретски модел. Во практиката е невозможно да се најдат компании што совршено ги отелотворуваат карактеристиките на совршената конкуренција. Сепак, можеме да најдеме приближување на овој теоретски модел. Хомогеноста на производите, која се смета за една од главните претпоставки за совршена конкуренција, е тешко да се примени во пазарната економија, бидејќи практично сите производи се разликуваат еден од друг барем до одреден степен. На пример, амбалажираната вода, иако во основа е хомоген производ, купувачите ќе ја разликуваат според производителот и големината на шишето. Истото тоа важи и за индустријата на суровини, каде што продавачите нудат слични производи, кои, сепак, донекаде се разликуваат по квалитетот.
Монополска конкуренција
Дури и во монополската конкуренција, на пазарот има многу компании што се разликуваат од совршено конкурентните по тоа што нудат диференцирани производи, кои последователно не се совршени супститути. Поединечна компанија ги разликува своите производи од другите преку рекламирањето и создавањето сопствен бренд, квалитетот на производот, со индивидуалните карактеристики на производот што го прават различен. Поради диференцијацијата на производите, секоја компанија во монополска конкуренција има одреден степен на пазарна моќ, што ѝ овозможува да ја одреди цената на своите производи на пазарот до одреден степен. Влезот и излезот од пазарот на монополската конкуренција остануваат релативно лесни.
Побарувачката во оваа пазарна структура е релативно еластична, што значи дека промените во цените значително влијаат на побарувачката и на потрошувачите за одреден производ. Тоа значи дека, на пример, купувачите може да одлучат да купат „пепси“ пред да купат „кока-кола“, бидејќи само тоа се продава по пониска цена.
Примери за монополска конкуренција на пазарот се производителите на телефони „Епл“ и „Самсунг“, производителите на облека „Зара“ и „Ејч енд ем“ и производителите на автомобили „Форд“ и БМВ. Сите наведени компании во својата индустрија произведуваат слични крајни производи или услуги, кои, сепак, меѓусебно се разликуваат во однос на брендот, дизајнот и функциите што ги нудат и на тој начин се разликуваат од конкуренцијата. На пример, во БМВ се обидуваат да се разликуваат од конкуренцијата со производството на луксузни возила и со нивната висока функционалност, додека „Форд“ се колне во својата репутација и над стогодишна традиција на производство на сигурни и издржливи возила.
Монопол
Монополот претставува друга крајност на пазарните структури. За разлика од совршената конкуренција, во монополот има само една, доминантна компанија на пазарот. Таа компанија има контрола врз производството и понудата на одреден производ на пазарот, што се карактеризира со недостиг од конкуренција и недостапност на супститути за производот што се продава на пазарот.
За монополите е карактеристично тоа што бариерите за влез на пазарот се исклучително високи, што го отежнува влезот на компаниите на пазарот и конкуренцијата. Монополските компании имаат корист од економиите на обем, што значи дека просечните производствени трошоци на компанијата се намалуваат со секоја наредна произведена единица поради високото производство. Поради тоа, тие имаат пониски просечни трошоци за производство од конкурентските компании, што го отежнува влезот на конкурентите на пазарот. Монополските компании исто така може да имаат контрола и врз клучните ресурси потребни за производство на одреден производ. Монополите исто така можат да стекнат предност и во однос на конкуренцијата преку законските и регулаторните бариери што го отежнуваат влезот на нови компании на пазарот. Таквите бариери вклучуваат патенти, авторски права или права на интелектуална сопственост и владини регулативи.
Во монополот продавачот има контрола на цената, што значи дека тој може да ја одреди цената на својот производ со која го максимизира својот профит. Тоа се случува кога маргиналниот приход на монополистот (промената во вкупниот приход кога се продава една дополнителна единица од производот) е еднаков на маргиналниот трошок (промената во вкупниот трошок што се случува кога се произведува дополнителна единица на производот).
Во практика работењето на монополот често е ограничено со антимонополското законодавство на земјите, со кое се настојува да се промовира конкуренцијата и во исто време да се заштитат потрошувачите и да се обезбедат еднакви услови за деловно работење. Затоа, тешко е да се најдат примери во учебниците за монополи, но можеме да истакнеме некои светски компании што речиси целосно ги држат конците во свои раце во својата област. На пример, „Гугл“, дел од холдингот „Алфабет“, има доминантна позиција на пазарот на веб-прелистувачи, што му овозможува да ги контролира онлајн пребарувањето и рекламирањето. Долги години на пазарот на софтвер доминираше „Мајкрософт“ со својот оперативен систем „Мајкрософт виндоус“ (Microsoft Windows), а денес покрај него стојат оперативниот систем мекОС (macOS) на „Епл“ и системот „Линукс“ (Linux) со отворен код. Историски гледано, исто така практично монополска позиција имаше и компанијата „Де Бирс“, која контролираше поголем дел од производството и дистрибуцијата на дијаманти до почетокот на 21 век, тој удел наводно е некаде помеѓу 80 и 85 проценти.
Олигопол
Олигополот се карактеризира со тоа што пазарната структура е формирана од неколку доминантни компании, обично од две до десет компании што контролираат голем дел од пазарот. Поради помалиот број компании што доминираат на пазарот, многу тешко влегуваат нови компании. Како и кај монополот, контролата на компаниите што го сочинуваат олигополот врз одредени инпути, производство и цени ги обесхрабрува новите компании да влезат во индустријата. И покрај тоа што доминираат само неколку компании, на пазарот можат да бидат присутни и помали компании. Најголемите компании имаат доволно моќ и влијание да ја одредат цената на пазарот, додека помалите компании ја следат таа цена. Позитивната работа во овој начин на одредување на цените е избегнувањето ценовни војни и, како резултат на тоа, поголемата стабилност на цените внатре во секторот.
Бидејќи обично само неколку компании работат во олигопол, тие се карактеризираат со меѓусебна меѓузависност. Тоа значи дека при донесувањето на своите одлуки, компанијата мора да ги земе предвид и одлуките на другите компании во рамките на олигополот. Тоа вклучува предвидување на одговорот на компаниите за промена на цената, што значи дека компаниите мора да ги предвидат можните реакции на другите компании во иднина и, врз основа на тоа, да формулираат различни стратегии кога да ја променат цената на производите или да ја остават непроменета.
Добар пример се фармацевтските компании, каде што неколку водечки производители, меѓу кои спаѓаат „Фајзер“, „Новартис“, „Рош“, „Џонсон и Џонсон“, „Мерк“, го контролираат најголемиот дел од развојот, производството и дистрибуцијата на лекови.
Во Словенија има неколку сектори каде што пазарот е контролиран од мал број компании и имаат карактеристики на олигопол. Во телекомуникацискиот сектор најголема компанија е „Телеком Словенија“, а потоа следуваат „А1 Словенија“, „Телемах“ и „Т-2“. Во банкарскиот сектор, каде што во последните години дојде до консолидација, во моментов има 11 банки што работат во Словенија, а на пазарот доминираат две големи банкарски групи, ОТП и „Нова Љубљанска банка“ (НЛБ), секоја со приближно 30 отсто пазарен удел.
Кога станува збор за олигополите, секако и кај нас во Македонија има сектори во кои мал број компании доминираат на пазарот и имаат карактеристики на олигопол. Во телекомуникацискиот сектор такви се на пример „Македонски телеком“ и А1, додека пак во нафтениот сектор доминираат „Макпетрол“, „Окта“ и „Лукоил“ со назнака дека горивата се со регулирани цени. Слична е состојбата и во банкарскиот сектор, каде што на пазарот доминираат „Стопанска банка“, „Комерцијална банка“ и НЛБ.