Најлоша комбинација на политики е кога фискалната експанзија предизвикува монетарна рестрикција што ќе донесе раст на каматните стапки, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ академик Абдулменаф Беџети, коментирајќи ја прераспределбата на буџетот, односно трендот на раст на платите во јавниот сектор и зголемувањето на минималната плата.
„Ние сме далеку во делот на пропорционалното поврзување на растот на платите со продуктивноста, а тоа двојно би влијаело негативно и во делот на поттикнувањето на инфлацијата, инфлациската стапка. Така што, во секој случај, не дека на долг рок се неодржливи, туку овие трендови се неодржливи и на кратки рокови. Најавата, особено сега, за повторно покачување на минималната плата на над 23.000 денари апсолутно ќе биде дисторзивна не само за приватниот сектор туку и за самиот јавен сектор. Гледате дека тоа предизвикува синџир на реакции, нови штрајкови и нови барања, каде што таа спирала нема крај.
Ние конечно треба да се вратиме во индексирањето на платите поврзано со индексирање на продуктивноста. Доколку не се вратиме на таа релација, ние постојано ќе ја поттикнуваме базичната инфлација и крајно ќе поттикнеме раст на буџетски дефицит или прекројување на буџетската структура во делот на потрошувачката, односно во делот на расходите, која и така не е рационална. Така што доминантно насочување и реалокација на буџетските средства за вакви намени се апсолутно штетни. Разбирливо ми е дека тоа се прави пред сè поради политички циклуси, политички причини, но тоа може да се прави еднаш на четири години, ама ако тоа се прави два-три пати годишно, тоа е влегување во еден систем на бесконечна спирала“, вели Беџети.
Bloomberg Adria
„Реалните каматни стапки денес се над 6 отсто, што е неподносливо како цена на капитал во нашата економија, која е со ниска акумулативна моќ“, вели Беџети.
Тој додава дека државата треба да биде внимателни во „авантурите“ со покачувањето на платите, особено кога сите параметри во однос на продуктивноста се опаѓачки.
„Сепак мислам дека се направија доста напори во овие турбулентни времиња да бидат координирани фискалната и монетарната политика, бидејќи има разумни управувачки структури и во двата сектора. Меѓутоа, сепак тоа не е само желба на институциите, Министерството за финансии подлегнува на барањето на Владата да презема мерки што потоа ја поттикнуваат Народната банка да преземе контрамерки за да ја одржи стабилноста на цените. И токму тоа е лоша спирала ако влегуваме во такво „натпреварување“, бидејќи нам ни е свежа историјата од минатото.
Bloomberg Adria
Ако се навратиме назад десетина-дванаесетина години, кога имавме таква нерационална комбинација на политики, тоа нè доведе нас до историски највисока каматна стапка, во тоа време стигнавме над 9 отсто. И може да претпоставите што значи тоа за економијата и колку влијае и на компаниите и на граѓаните...“, посочува Беџети.
Забавувањето на економијата, пак, и падот на БДП за 1 отсто во вториот квартал од годинава, Беџети ги поврзува и со стагнацијата на германската економија.
Bloomberg Adria
„Вториот квартал кај нас би требало да биде зајакнување на економијата и пораст на БДП, но за ова што го гледаме, забавување од 1 отсто, мислам дека е причина големото забавување на германската економија, со оглед на тоа што нашата економија е многу поврзана со европската економија, пред сè со германската економија во поглед на извозот. Се разбира дека има и други причини, како забавување на реализацијата на капиталните инвестиции, бидејќи во овој период обично не е почнат тој циклус на инвестиции. Така што очекувам во наредниот квартал да имаме поголем раст. Не мислам дека би дошле до ситуација на рецесија како пропорционално пренесување на германската рецесија, но секако има влијание и ќе има влијание“, вели тој.
Најавите на Владата за повторно ставање под „мраз“ на цените на одредени прехранбени производи, Беџети смета дека нема да имаат ефект во борбата со инфлацијата.
„Мислам дека во последниве две години се покажа дека таквите одлуки се ирационални. Добра желба е Владата да интервенира за да се зачува стандардот на ранливите категории на граѓани, но мислам дека се покажа дека ние немаме капацитет за да го управуваме тоа. Немаме институционален капацитет да се санкционираат трговците што правеле злоупотреби итн., а сето тоа ќе оди на штета на производителите. Мислам дека ова решение не функционира и не би требало да се навлегува во тоа кога нема капацитет да се спроведе“, вели Беџети.