Здодевна претседателска кампања, без поголеми изненадувања и реторика - вака во емисијата „Зум ин“ заклучија соговорниците Васко Наумовски, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, и Гордан Георгиев, претседател на Форумот за разумни политики.
Според Наумовски, политичките партии како да сакале претседателските избори да бидат во втор план, а доминацијата да биде токму на лидерите на политичките партии и на подготовката за парламентарните избори. Тој додава и дека било очекувано темите за кои се разговара да не бидат оние каде што претседателот на Републиката има надлежност во согласност со Уставот и законите, туку да се фокусираат на прашања од дневната политика, што повторно оди во контекст на политичките партии и нивните приоритети.
Според Георгиев, кампањата е здодевна затоа што не видовме ништо ново или никакви изненадувања, ниту позитивни, па дури ниту негативни.
„Во албанскиот блок кампањата има поголема динамика, затоа што првпат имаме, да речеме, релативно изедначени кандидати и практично од нивните гласови ќе зависи, односно ќе видиме каде ќе се прелеат тие гласови во вториот круг, кај Стево Пендаровски или кај Гордана Силјановска, кои најверојатно ќе влезат во вториот круг“, вели Георгиев.
Двајцата соговорници очекуваат мирни претседателски и парламентарни избори. Но прашање е дали по парламентарните избори ќе се формира стабилна влада или ќе се оди на предвремени парламентарни избори.
„Искрено, не очекувам да имаме стабилна влада. Таа можеби ќе биде стабилна во бројот на пратеници, но има други предизвици, мислам и на македонско-албанските етнички комбинаторики. Мислам дека барањата ќе бидат преголеми и тешко ќе биде да се согласат, па затоа можеби ќе има и предвремени парламентарни избори во октомври 2025 година, заедно со локалните избори“, вели Георгиев.
Истиот став го дели и Наумовски.
„За парламентарните избори сметам дека ќе имаме една ситуација во која нема да биде лесно да се направи мнозинство, имајќи ги предвид различните позиции на многу од помалите политички партии, и ќе биде тешко да се најде некаков заеднички содржател за сите нив. Останува можноста, и тука би се согласил со Георгиев, дека може да се формира некоја форма на владејачка коалиција што ќе ја извршува таа функција сè до одржувањето на локалните избори, кога повторно ќе направиме парламентарни избори“, вели Наумовски.