Tежок период за хрватскиот професор што обу чевли на министер.
Со заминувањето на Здравко Мариќ, местото на хрватски министер за финансии го презеде Марко Приморац, инаку професор на Економскиот факултет на Универзитетот во Загреб, чии области на експертиза се финансискиот менаџмент во јавниот сектор, даночната политика и фискалната децентрализација.
Макроекономските околности веднаш го втурнаа Приморац во оган, а го дочека и непопуларната улога на воведување нов данок. Законот за додаден данок на добивка, популарно познат како данок на екстра-профит, крена голема бура во јавноста и наиде на едногласно неодобрување кај претприемачите.
Тие го гледаат спорниот данок како казна за успешните и го сметаат за непотребен, особено кога ќе се земе предвид дека за 2023 година се најавени голема криза и рецесија. Сепак, министерот Приморац ја отфрла тезата дека некој е казнет со новиот данок. „Станува збор за претприемачи што остваруваат значително зголемени нивоа на профит во однос на претходниот четиригодишен период“, рече тој.
Бизнисмените особено го критикуваа тоа што Хрватска со својот предлог за данокот излезе надвор од рамката на бриселската препорака и со него ги опфати сите компании, а не само енергетските. Приморац го правдаше тоа со фактот дека Хрватска всушност нема компании што би потпаднале под критериумите што ги препорача Брисел, па се искористи можноста за донесување експанзивни национални мерки.
Судејќи според првите чекори, на Приморац му претстои многу предизвикувачки мандат, во кој, и покрај сѐ поголемите потреси на светските пазари, ќе мора да ги стабилизира државните финансии.