Светските лидери и официјални лица, од американскиот претседател Џо Бајден до јапонскиот император Нарухито, пристигнаа во Лондон за да присуствуваат на погребот на кралицата Елизабета Втора, најдолговечниот монарх во Обединетото Кралство.
Церемонијата е закажана за 11 часот во Вестминстерската опатија по кратката поворка со која телото на кралицата ќе биде пренесено од Вестминстерската палата каде што беше во последните четири дена. Стотици илјади луѓе чекаа во километарски редици за да ѝ оддадат последна почит на кралицата.
Иако кралот Чарлс Трети и кралското семејство продолжуваат со периодот на жалост, за Британците кои настанот ќе го следат преку телевизиски пренос, погребот претставува кулминација на помпезните церемонии кои се спроведуваат откако кралицата почина на 8 септември во нејзината резиденција во Шкотска.
Нејзината смрт ја запре политичката активност во земјата само неколку часа откако премиерката Лиз Трас објави пакет помош за граѓаните кои се соочуваат со зголемени трошоци за живот.
Крајот на владеењето што започна во 1952 година, пред да се родат 85 отсто од населението во земјата, беше голем удар во овие неизвесни времиња. Обединетото Кралство сè уште се бори со последиците од пандемијата, како и од брегзит, што дополнително ги поттикна шкотските аспирации за независност.
Сепак, ваквите проблеми денеска ќе бидат ставени настрана. Повеќе од 2.000 истакнати гости, од претседатели на држави до лидери на иницијативи кои кралицата ги поддржуваше, ќе учествуваат заедно со граѓаните во испраќањето на кралицата.
Видни гости од целиот свет
Свое присуство најавија многу членови на европските кралски семејства и претседателите на Франција, Германија, Италија, Бразил и Израел. Американскиот претседател и првата дама, Џил Бајден, во неделата ѝ оддадоа почит на кралицата во Вестминстерската палата пред да се потпишат во книгата на жалост во државната заграда во близина на Бакингемската палата, каде што присуствуваа на прием кај кралот.
„Таа беше иста личност приватно и јавно - пристојна, чесна и посветена на должноста“, рече Бајден, кој додаде дека кралицата го потсетувала на неговата мајка.
Во неделата ширум Велика Британија беше одбележан Денот на националното сеќавање, при што Биг Бен се огласи еднаш во осум часот навечер за да го одбележи почетокот на едноминутното молчење и повторно во осум часот и една минута за да го одбележи неговиот крај.
Денешната церемонија се очекува да трае еден час, а ќе ја предводи игуменот на Вестминстер, Дејвид Хојл. Проповед ќе ја одржи и надбискупот од Кентербери, Џастин Велби. Кралицата, која формално ја извршуваше функцијата бранителка на верата и врховна гувернерка на Англиската црква, беше позната по својата религиозност.
Во своето прво годишно божиќно обраќање во 1952 година, таа им порача на своите поданици: „Молете се за мене Бог да ми даде мудрост и сила да ги исполнам ветувањата што ќе ги дадам и верно да му служам Нему и вам во сите денови од мојот живот“.
Учесниците на погребот треба да бидат облечени во црни одела, а жените во црни фустани и капи. Воените службеници на должност можат да бидат облечени во воени униформи, но не смеат да носат мечеви.
Национален настан
Денешниот ден е неработен во Англија, Велс, Шкотска и Северна Ирска. Многу бизниси, вклучително и супермаркетите, ќе бидат затворени за вработените да можат да присуствуваат на погребот. Повеќе од сто летови од аеродромот „Хитроу“ ќе бидат одложени за да се спречи бучавата да ја наруши церемонијата и да се овозможи во Лондон да се испочитуваат двете минути национална тишина по погребната церемонија.
При носењето на ковчегот на кралицата во опатијата, хор ќе пее стихови од Светото писмо кои се стандардни на секој државен погреб во Обединетото Кралство од 18 век. За првото читање е задолжена бароницата на Шкотска и главна секретарка на Комонвелтот, а за второто премиерката. Потоа ќе се свири свечената химна „Господ е мојот пастир“ (анг. The Lord's my Shepherd). Церемонијата ќе заврши со рецитал на „Последната објава“ (Last Post) и со жалопојка што ќе ја свири личниот гајдаџија на кралицата.
Ќе се одржи и процесија од Вестминстерската опатија до Велингтон Арч, кочијата со ковчегот ќе биде придружувана од кралот Чарлс Трети и членовите на кралското семејство. Ѕвоната на Биг Бен ќе бијат во интервали од една минута за време на поворката.
Ковчегот на Елизабета Втора потоа ќе биде префрлен во погребална кола и ќе патува по патот до замокот Виндзор. На верската служба ќе присуствуваат 800 луѓе, меѓу кои и светски претставници.
Во седум и пол навечер семејството на кралицата на приватна церемонија ќе ја погреба кралицата покрај нејзиниот сопруг Филип. Војводата од Единбург, кој кралицата го опишуваше како нејзина „сила и поддршка“, почина во април 2021 година на 99-годишна возраст.
Датумот на крунисувањето на кралот Чарлс Трети, најстариот син на четирите деца на кралицата Елизабета, кој автоматски стана крал по смртта на неговата мајка, сè уште не е одреден. Со 73 години тој е најстариот престолонаследник во британската историја. Во изјавата од Бакингемската палата во неделата, кралот посочи дека тој и неговата сопруга се трогнати од тагата на светот за кралицата.