Арктичкиот студ што следната недела се очекува да надвисне над Западна Европа ќе биде првиот тест за тоа колку луѓето се подготвени да го одложат вклучувањето на греењето во обид да заштедат енергија и да го олеснат домашниот буџет.
Температурите во Лондон ќе бидат речиси пет степени под просекот, паѓајќи до 6,5 Целзиусови степени во текот на ноќта на 27 септември, според синоптичарот Maxar Technologies Inc. Во Франкфурт на 28 септември ќе биде 3,5 Целзиусови степени под просекот, додека делови од Франција и Шпанија исто така ќе се соочат со температури од три до четири степени под сезонската норма.
Операторите на мрежата прават планови како да ја рационализираат потрошувачката на енергија доколку тоа се покаже како неопходно во текот на зимата. Паралелно со можностите за замена на руските резерви на природен гас, другата опција е да се намали побарувачката. Идеално, потрошувачите би го направиле тоа доброволно, но ако не, постојат неколку чекори што може да ги преземе мрежната компанија, од кои најекстремниот е организирано исклучување.
„Ќе стане уште постудено на почетокот на следната недела бидејќи арктичкиот воздух ќе се движи кон југ, а силните северни ветрови ќе го засилат студот“, соопшти британската Метеоролошка служба.
Грејната сезона официјално започнува дури во октомври кога температурите треба да се вратат во нормала, но ова ќе биде реална проверка за дисциплината во потрошувачката на енергија во регионот, додека владите се обидуваат да ја намалат употребата во сите делови на економијата. Европската унија разговара за задолжителна цел за намалување на електричната енергија.
Додека владите издвојуваат милијарди евра за поддршка на потрошувачите кои се борат со зголемени трошоци за енергија, постои надеж дека многу луѓе ќе ги исклучат термостатите дури и во постудените месеци.
„Постојат одредени знаци за намалување на побарувачката на домаќинствата поради зголемувањето на малопродажните цени“, велaт од EnergyScan, платформата за анализа на пазарот на Engie SA. „Но, тоа допрва треба да се потврди во следните недели“, забележуваат од таму.
Со оглед на тоа што многу луѓе се враќаат по канцеларии, побарувачката за енергија треба да го достигнува врвот во раните утрински часови и доцните попладневни часови, особено со повеќето вклучени светла како што деновите стануваат пократки.
Во Британија, постојат знаци дека побарувачката на гас рано наутро расте веќе оваа недела, според податоците од мрежниот оператор National Grid Plc. Производството од ветер беше исто така ниско, што само покажува колку мирното време во комбинација со ниски температури може да биде незгодно оваа зима.
Нормалните температури треба да се вратат до почетокот на октомври, кога ќе се зголеми и производството на енергија од ветер.