Во првиот квартал од годинава претплатниците во мобилната телефонија просечно во тек на еден месец иницирале 103,38 повици, а просечно зборувале над четири часа (243,67 минути).
Најголем дел од разговорите се остваруваат во сопствената мобилна мрежа и изнесува 157,74 минути (64,74 проценти).
Сообраќајот кон други мобилни мрежи во државата е значително помал и изнесува 80,98 минути (33,23 проценти).
Според податоците на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), во првите три месеци од годинава, споредено и со првиот и со четвртиот квартал минатата година има намалување на волуменот на сообраќај кон сите дестинации.
Извештајот на АЕК за развојот на пазарот на електронски комуникации во првиот квартал годинава покажува дека вкупниот број активни претплатници во мобилната телефонија изнесува 1.920.834, што претставува пад од 1,06 проценти во однос на претходниот, четвртиот квартал лани, кога беа регистрирани 1.941.352. Во однос на првиот квартал минатата година, пак, има раст од 2,61 процент.
Заклучно со 31 март годинава во државава имало 1.403.888 претплатници со пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилни мрежи (2G/3G/4G), или за 0,92 проценти помалку споредено со претходниот квартал. Со пристап до интернет со широк опсег, пак, се регистрирани 499.331 претплатници односно раст од 0,11 процент во однос на четвртиот квартал од 2021 година, додека споредено со првиот квартал од 2021 година бројот на активни претплатници е зголемен за 4,53 проценти.
Уделот на мобилните оператори на пазарот на мобилна телефонија по број на активни претплатници заклучно до 31 март годинава покажува дека „А1 Македонија“ учествува со 48,14 проценти, „Македонски Телеком“ учествува со 47,45 проценти, „Лајкамобајл“ има пазарен удел од 3,12 проценти, „Роби“ има пазарен удел од 1,22 проценти, додека „Греен Мобиле“ има пазарен удел од 0,07 проценти.