Голем број деловни луѓе, клучните бизнисмени во Македонија, директори на државни институции, финасиски институции, министри, премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, присуствуваа вчера на претставувањето на „Блумберг Адрија“ во Скопје.
Ова е прва мултиплатформска мрежа за деловни вести во Југоисточна Европа, која работи под лиценца на светскиот бизнис-лидер во областа на медиумите, престижниот бренд „Блумберг“.
„Блумберг Адрија“ обединува пет редакции од пет земји во регионот, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија.
Повеќе од 50 новинари и аналитичари од дигиталната редакција и аналитичкиот тим и дополнително уште 50 од телевизијата создадоа тим што донесе нова свежина во медиумскиот простор во регионот. За Македонија, „Блумберг Адрија“ е нова инспирација и носи нов пристап во обработката на бизнис-информациите.
На настанот присуствуваа претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, и потпретседателката на Комората, Јелисавета Георгиева Јовевска, која се обрати во име на Комората. Таа ги пренесе честитките за новата информативна мрежа, фокусирана на деловни и финансиски вести.
„Блумберг е глобално познат по веродостојни деловни информации и експертски анализи на кои бизнисот им верува. И ваква платформа е многу значајна во нашата земја, особено што сега добиваме поврзување на информациите од целиот регион, од Југоисточна Европа, но и од целиот свет, на едно место. Нам како Комора особено ни е важна комуникацијата со медиумите кои имаат голема општествена улога, го формираат јавното мислење, воспоставуваат трендови и секако создаваат публика. Очекуваме ’Блумберг Адрија’ да биде местото каде што ќе се споделуваат мислења, анализи и информации што ќе ја обликуваат економијата во регионот и ќе му помогнат на бизнис-секторот во тековната работа, но и подолгорочно, полесно да носи одлуки за идни инвестиции во нашата земја и пошироко во регионот“, рече Георгиева Јовевска.
Само Ошина, главен извршен директор на „Блумберг Адрија“, сподели каков е концептот и какви се плановите на овој медиум, единствен од ваков вид во регионот.
„Сигурен сум дека сите сме свесни за важноста од точни, квалитетни, навремени и пред сè релевантни информаци. Ви претставуваме нова мултимедијална платформа со деловни и финансиски содржини. Нашата мисија е да им бидеме десна рака на сите оние што го носат бремето на менаџерските одлуки односно бизнисмените, инвеститорите, лидерите или всушност сите вие што сакате да добиете вистинска слика на целиот економски екосистем на настани, не само во нашиот регион туку и глобално. Ние си ја земаме таа одговорност да ве информираме, да анализираме, што се случува на пазарот и да ви обезбедиме најдобра можна основа за донесување вистински одлуки“, рече Ошина.
Весна Дамјаниќ, главна и одговорна уредничка на телевизијата „Блумберг Адрија“, истакна дека тимот секојдневно, во текот на денот, презентира вести и анализи и се обидува да даде поширок контекст на глобалните и домашните настани што се важни за бизнис-заедницата во регионот.
„Ние направивме еден целосен производ и произведуваме телевизиска програма во текот на целиот ден. Наутро стартуваме со проекции за клучните економски движења, разговори во живо со релевантни соговорници, навечер со осврт на целокупните случувања во текот на денот. Користиме мислења од новинари на ’Блумберг’ низ светот и инсистираме на аналитички пристап во информирањето. Создаваме содржини за луѓе што знаат што сакаат, кои се многу зафатени, и преку една од нашите 30-минутни емисии ги пренесуваме низ целиот регион и даваме поголема слика“, рече Дамјаниќ.
„Блумберг“ е различен од сите светски медиуми поради аналитичкиот пристап во обработката на информациите. Оваа редакција е прв новинарски тим што кога било во нашата медиумска историја ќе користи податоци од терминалот на Блумберг.
А терминалот направи револуција во индустријата со тоа што донесе транспарентност на финансиските пазари. Повеќе од четири децении тој е врвот на иновативноста, брз пристап на информации, нуди уникатен увид и алатки за тргување, кои им помагаат на водечките носители на одлуки да го претворат знаењето во акција.
Даниел Фазлиќ, главен и одговорен уредник на дигиталната редакција, рече дека во концептот „digital first“, по кој функционира „Блумберг Адрија“, медиумот обезбедува квалитетна содржина од пет земји.
„Со еден пристап до платформата можете да читате и да гледате бизнис-вести подготвени од 50 новинари од дигиталниот тим и аналитичарите кои се составен дел од проектот. Ова е впрочем прв ваков медиумски проект, кој функционира од пет земји, на пазар со над 18 милиони луѓе. Новинарите покрај тоа што ги покриваат актуелните случувања, бараат одговори на клучното прашање зошто? Зошто се случуваат работите околу нас, што значи тоа за нас и како да се подготвиме за тоа“, рече Фазлиќ.
„Тој стандард е факт дека сме единствен регионален медиум што има тим на аналитичари. Сите наши вести, текстови и разговори со надворешните соговорници постојано се подготвуваат во соработка со аналитичарите. Сите информации важни за вашите деловни одлуки сега можете да ги најдете на едно место. На пример, ако следите вест за БДП кај нас, ќе видите и што тоа значи за вас. Земете ги нашите бројки и вградете ги во вашите планирања. Тоа е само една можност од сите што ги нудиме“, рече Кнез.
„Блуммберг Адија“ ја претставува регионалната соработка помеѓу „Блумберг медија“ (Bloomberg Media) и „Мтел Свис“ (Mtel Swiss) - радиодифузер во мнозинска сопственост на Телеком Србија. Повеќе од 130 новинари, аналитичари, финансиски и други експерти секојдневно носат деловни и финансиски вести и анализи во редакциите во Белград, Загреб, Љубљана, Скопје и во Сараево.
„Блумберг Адрија“ ја користи силата на 2.700 новинари и аналитичари на „Блумберг њуз“ (Bloomberg News) од 120 земји и создава содржина што комбинира локално известување со опширно покривање на економиите и пазарите низ светот. Се состои од преведени содржини на „Блумберг њуз“, како и од свои извештаи, произведени во специјализирани уредувачки центри во пет земји.