Во масовно пукање што започнало во центар за дневна грижа во североисточниот дел на Тајланд загинаа 36 лица, од кои повеќето се деца, тврдат официјални лица.
„Триесет и четиригодишен поранешен полицаец употребил автоматско оружје за да пука во центарот лоциран во провинцијата Нонг Буа Ламфу, во близината на границата на Тајланд со Лаос, во четвртокот попладне, убивајќи 23 деца“, изјави по телефон Џакрапат Виџитвајтаја, службеник во локалната полиција.
Мотивот за злосторството е нејасен, но, како што рече Џакрапат, се верува дека осомничениот, идентификуван како Панја Камраб, бил под дејство на дрога. Откако избегал од местото на настанот, според Џакрапат, напаѓачот застрелал повеќе луѓе додека се враќал кон својата куќа, каде што ги убил сопругата и детето пред да си го одземе животот.
Министерот за правда Сомсак Тепсутин соопшти дека во нападот има и неколку повредени.
Премиерот Прајут Чан-Оча нареди истрага за, како што кажа, страшното злосторство, барајќи полицијата да ја забрза истрагата. Властите наредија затворање на сите центри за дневна грижа во областа.
Иако масовните пукања не се многу вообичаени во Тајланд, минатиот месец војник застрела двајца свои колеги во воен објект во Бангкок. Во 2020 година беа убиени дваесет и девет лица за време на масовно пукање во североисточниот дел на Тајланд.
Новоименуваниот полициски началник Дамронгсак Китипрапас, кој отпатува на местото на нападот, рече дека напаѓачот претходно бил отпуштен од службата откако бил уапсен поради поседување дрога.