Македонија доби четири милиони долари од продажбата на заедничкиот имот на поранешна Југославија во Њујорк, а ќе се искористат за потребите на МНР за купување објект за нашата мисија во Њујорк, информира денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи.
„Тие средства пред два дена легнаа на сметката на нашата мисија во Њујорк и во меѓувреме Владата на својата седница во вторникот, на предлог на МНР, донесе одлука во рамки на тие средства и со остатокот од средствата во регионот да се купи објект за нашата мисија во Њујорк. Така што, одиме кон искористување на средствата коишто доаѓаат од сукцесија директно за потребите на МНР“, рече Османи.
Досега со сукцесијата МНР доби неколку објекти како што се резиденцијата во Париз која што веќе е наша амбасада, потоа станови во Рим, Трст, дел од објектот во Њу Делхи и во Бразил, објект во Камбера, во Хараре и сите тие треба да бидат ставени во функција на нашата дипломатска мрежа.
Запрашан во однос на тоа до каде е процесот на сукцесија, Османи информира дека остануваат уште објекти на поранешна Југославија коишто треба да се поделат, меѓу кои се објекти во Романија, во Албанија, но и во други држави.
„Тој процес продолжува и се разбира ние сме дел од петорката која што разговара за поделба на имотот, меѓутоа се разбира и на веќе добиените, како да ги ставиме во функција на дипломатијата. Ќе се реновира објектот во Њу Делхи со цел да биде амбасада за да не плаќаме кирии. Истото се случува во Бразилија, во Атина итн,“, рече министерот Османи.