Лук Скајвокер води армија на дронови во војна.
Ова можеби изгледа како синопсис за следниот дел од франшизата „Војна на ѕвездите“ (Star Wars), но се случува во реалниот живот. Актерот Марк Хамил, кој го толкуваше ликот на џедајот во оригиналната трилогија на Џорџ Лукас, која дебитираше во 1977 година, сега има улога на амбасадор за собирање средства во украинскиот проект „Армија на дронови“ (Army of Drones) во борбата против руската инвазија, откако минатиот месец добил барање од претседателот Володимир Зеленски.
„Многу е едноставно: на Украина ѝ се потребни дронови. Од нив зависи исходот во војната, ја штитат нивната земја, нивниот народ, ја надгледуваат границата, тие се очи на небото“, рече Хамил во интервју со Џо Матју во Sound On на радиото Bloomberg.
„Бев навистина шокиран затоа што ми даваат информации за состојбата најмалку два или три пати неделно и велат дека добиле над 500 дронови откако започнав со кампањата“, додава тој.
По разговорот со Зеленски преку „Зум“ (Zoom), Хамил почнал да работи со United24, официјалната група за собирање средства на украинската влада, за опремување на војската со беспилотни летала. Познати личности, вклучувајќи ги Лив Шрајбер и Барбра Стрејсенд, исто така, го поддржаа United24 помагајќи да се соберат средства за иницијативи фокусирани на медицинска помош.
Претходно месецов, Хамил на „Твитер“ објави слика X-Wing фајтер, модел со кој лета неговиот лик Скајвокер, во сино-жолта боја на знамето на Украина, насочен кон флота на Star Destroyer-и на империјата на злото.