Се случува секоја година. Со преминот кон зимско сметање на времето кон крајот на есента, поголемиот дел од северната хемисфера одеднаш запаѓа во предвечерен мрак, па нас, како и милиони други, нè мачи истото прашање - дали ова вознемирувачко годишно поместување на часовникот е навистина неопходно.
Покрај тоа што менувањето на часовникот е поврзано со намалена продуктивност и зголемен број на срцеви удари, сообраќајни несреќи, па дури и криминал, наследството од Првата светска војна во обидот да се максимизира работното време и натаму се одржува, иако експертите се сомневаат во неговата ефикасност. Институциите на Европската унија го ставија укинувањето на практиката на поместување на часовникот во втор план затоа што ЕУ е фокусирана на решавање на итните прашања, како што се Ковид-19, брегзит, војната во Украина и енергетската криза.
Меѓутоа, сега во Европа се појави нов и многу актуелен аргумент за откажување од поместување на часовникот двапати годишно. Имено, укинувањето на оваа практика би можело да ја ублажи енергетската криза во регионот. Со оглед на тоа што војната во Украина ги зголеми цените на енергенсите, активисти и политичари од неколку земји укажуваат на фактот дека зимското сметање на времето може да ја зголеми побарувачката за гориво. Во Италија, италијанското здружение за еколошка медицина повика на крај за поместување на часовникот, истакнувајќи дека дури и негово пролонгирање од крајот на октомври до крајот на ноември ќе ѝ заштеди на земјата 70 милиони евра од трошоците за гориво. И еден ирски сенатор повика да се откаже поместувањето за да се заштеди енергија, додека ирскиот министер за здравство коментираше дека владата би размислила за таков потег доколку Ирска остане временски усогласена со остатокот од ЕУ и Велика Британија.
Се чини дека интересот за укинување на поместувањето на часовникот, особено во Ирска го поттикна професорката Аојиф Фоли, експерт за енергетски системи од Универзитетот Квинс во Белфаст, која неодамна сподели резултати од истражување за практиката и потрошувачката на енергија за време на гостувања во радио емисии во Ирска и Северна Ирска, уште пред да бидат официјално објавени. Работејќи со мал тим од студенти на постдипломски студии и фокусирајќи се на просечните домаќинства и модели на трошење, Фоли пресметала дека укинувањето на зимското сметање на времето може да им заштеди на домаќинствата во Англија, Шкотска и Велс меѓу 1,2 и 2,3 милијарди фунти годишно, во зависност од тарифата што ја плаќаат. Оваа финансиска заштеда би била и победа за животната средина. Фоли пресметала дека Ирска може да ги намали емисиите на јаглерод за 3,48 проценти само со намалување на потрошувачката на електрична енергија во домаќинствата.
Причината зошто укинувањето на промената на времето може да донесе јасни придобивки, како што сугерира Фоли, е многу едноставна. Колку подоцна се стемнува, толку подоцна луѓето палат светло. Во Британија и Ирска, дневната побарувачка на енергија достигнува максимум помеѓу 17 и 19 часот, а зимската побарувачка почнува да расте нешто пред 16 часот кога сончевата светлина исчезнува во текот на мрачните зимски денови. Без поместување на часовникот, самракот би почнувал дури околу 17 часот, што би го одложило и прераспоредило дневното зголемување на потрошувачката на електрична енергија кон крајот на денот.
Очигледната замка во овој аргумент е дека поместувањето на часовникот може едноставно да ја префрли таа потрошувачка на електрична енергија во сега помрачните утрински часови, така што на крајот нема намалување на потрошувачката. Тоа нема да се случи, објаснува Фоли, бидејќи дури и со поместени часовници, домаќинствата во Британија и Ирска сè уште ги вклучуваат светилките во зимските утра, бидејќи е премногу темно без вклучено светло. Исто така, таа сугерира дека многу луѓе одат на работа пред целосно да се раздени. Со други зборови, потемните утра не мора да значат значително поголема употреба на осветлување, бидејќи повеќето британски и ирски домаќинства и онака ги имаат светлата вклучени во тоа време.
„Поместувањето на часовникот е наследство од 20. век и тоа беше одговор на тогашните околности, многу поразлични од оние во кои живееме денес“, објаснува Фоли.
„Кога го вовеле минатиот век, луѓето станувале рано, бидејќи им требало повеќе светлина за да работат. Но, тогаш немале развиена електрична мрежа или опции за домашно осветлување какви што имаме денес. Исто така, требало да одат на работа кога ќе се раздени, бидејќи немале јавно осветлување како што имаме сега. Денес условите на патиштата и автомобилите се подобри, а пешачките патеки се побезбедни за користење“.
Реакциите на истражувањето на Фоли покажуваат колку навистина постои интерес за оваа тема. Нејзините наоди се проширија низ британските и ирските медиуми по само две појавувања на локални радио станици и пред таа официјално да ги објави резултатите од истражувањето.
Оваа зима, недостигот на струја низ Европа може да биде толку тежок што германските здруженија препорачуваат пократко работно време во деловните субјекти за да заштедат енергија, а многу германски градови се откажуваат од божикно украсување. Британските домаќинства, исто така, би можеле да се соочат со недостиг на електрична енергија, што ќе предизвика пораст на продажбата на батерии за домаќинствата, додека Шпанија ги ограничи температурите за греење и ладење во јавните згради. Така, откажувањето од транзиција кон зимско сметање на времето може да донесе релативно лесна победа.
Но сето ова не значи дека на поместувањето на часовникот му дојде крајот. Договорот на ЕУ за укинување на поместувањето на часовниците склучен во 2019 година сè уште не е спроведен. Делумно се виновни сивите зони во хиерархијата на одлучување во ЕУ, но во суштина тоа се должи на фактот што во последните хаотични години членките на ЕУ имаа поголеми пожари кои требаше да се изгаснат. Со оглед на околностите, темата за поместувањето на часовникот разбирливо се лизна на крајот на листата на меѓународни проблеми што треба да се решат.
Сепак, има сè повеќе докази дека поместувањето на часовникот е непријатност, со можни геополитички ефекти, па се чини дека на ваквата застарена навика ѝ оттчукува часовникот низ Европа. Исланд, Турција, Русија и Белорусија веќе се откажаа од неа.
Наша забелешка: И во Македонија се отвори дебата за задржување на летното сметање на времето поради енергетската криза, но по направените анализи Владата одлучи дека зимава, сепак, нема промена во досегашниот систем на сметање на времето, односно, како и секоја година во последната недела од октомври стрелките на часовникот ќе се поместат еден час наназад.