Суми од милијарди долари заработени преку криминал се перат преку коцкарски автомати во пабови и клубови во најголемата австралиска сојузна држава, покажа официјална истрага која препорачува построга контрола на индустријата за игри на среќа.
Повеќе од 86.000 електронски машини за игра, преку кои минатата година се свртеле 95 милијарди австралиски долари (61 милијарда американски долари), се едно од последните засолништа за криминалците да „перат“ валкани пари, објави Комисијата за спречување криминал во Нов Јужен Велс. Недостатокот на податоци значи дека е невозможно да се знае вистинскиот обем на нелегални активности, иако несомнено тој изнесува „повеќе милијарди долари секоја година“, се вели во извештајот.
Најголем дел од „валканите пари“ доаѓаат од нелегална продажба на дрога, според Комисијата. Нејзините препораки вклучуваат задолжителен систем за игри на среќа без готовина за борба против перењето пари преку апаратите за коцкање.
Наодите создаваат поголем притисок врз австралиската индустрија за коцкање по реперкусиите врз казино-операторите Crown Resorts Ltd. и Star Entertainment Group Ltd. за пропусти, вклучително и за лоша контрола за перење пари. Доколку акцијата се прошири низ други сојузни држави, ќе влијае на финансиите на илјадници клубови и пабови во заедниците низ целата земја.
Австралијците имаат едни од најголемите коцкарски загуби по жител, во светот. Околу 75 отсто од машините за коцкање кои не се по казина се лоцирани во Австралија, според Sydney Morning Herald.
Комисијата откри дека користењето на слот машини за перење, а потоа и враќање во оптек на големи количини „валкани пари“ е високоризично и неефикасно. Иако се случува во пракса, сепак не е меѓу најпопопуларните начини за перње пари, објаснуваат од таму.