Луксузниот производител „Ролекс“ (Rolex SA) ги зголеми малопродажните цени на своите часовници во Европа по вторпат годинава, поради валутните флуктуации, а особено силниот американски долар.
Производителот на познатите модели „дејтона“, „сабмаринер“ и „ојстер перпетуал“, со седиште во Женева, соопшти дека ги зголемил цените на континентот за околу 5 отсто. Ова следува по сличното зголемување во Британија од септември, како одговор на падот на вредноста на британската фунта, што ги направи посакуваните часовници продавани во Британија многу поевтини за американските купувачи што купуваат во долари.
Од почетокот на овој месец „има усогласување на цените во еврозоната поради валутните флуктуации“, се вели во соопштението на компанијата.
За илустрација, најевтиниот модел на хронограф „ролекс дејтона“, кој во јануари беше со цена од 13.900 евра, сега чини 14.600 евра, што претставува зголемување од 5,04 отсто.
Преку овој потег, „Ролекс“ по вторпат годинава ги зголемува малопродажните цени. Во јануари, производителот ги зголеми цените на повеќето пазари во просек за околу 3,5 отсто, но некои популарни челични спортски модели станаа поскапи дури за 10 отсто.
Претходно годинава вредноста на еврото падна под паритет со американскиот долар, во услови на зголемени знаци на економска слабост низ континентот, зголемена инфлација и очекувања за агресивна монетарна политика од Федералните резерви.
„Ролекс“ е најпопуларниот швајцарски бренд за луксузни часовници, со пазарен удел од близу 29 отсто и годишна продажба од околу осум милијарди швајцарски франци (7,9 милијарди долари). Компанијата со седиште во Женева произведува околу милион часовници годишно, а побарувачката за повеќето модели ја надминува понудата, што предизвикува со некои часовници да се тргува над малопродажните цени на секундарниот пазар.