Фудбалски навивачи кои преку Лондон летаат во Катар на Светското првенство може да се соочат со прекин на летовите на аеродромот Хитроу откако синдикатот што ги претставува вработените во компаниите за управување со багаж рекоа дека ќе има тридневен штрајк поради платите.
Околу 700 вработени во компаниите Dnata Aviation Services и John Menzies Plc, кои нудат услуги за опслужување на авионите на земја, вклучувајќи ги компаниите Qatar Airways и Emirates PJSC, ќе штрајкуваат од 18 ноември, пишува во соопштението од синдикатот. Се очекуваат проблеми на терминалите број два, три и четири на Хитроу, со посебен фокус на Qatar Airways, од каде закажаа 10 дополнителни летови неделно во текот на фудбалскиот турнир, кој започнува на 20 ноемрви.
„Неизбежно е дека штрајкот ќе предизвика проблеми, доцнења и откажување на летовите на Хитроу, а посебно ќе бидат погодени патниците за Светското првенство“, рече регионалниот службеник на синдикатот, Кевин Хол. Компанијата Dnata Aviation Services на персоналот му понуди зголемување на платите од пет проценти, додека компанијата John Menzies Plc понуди покачување меѓу два и шест отсто, рече претставникот на синдикатот, тврдејќи дека тие понуди се далеку под моменталните стапки на инфлација.
Индексот на потрошувачки цени во Велика Британија порасна за 10,1 отсто во септември, мерено на годишно ниво. Работниците кои ќе штрајкуваат се оператори на земја, превозници и персонал задолжен за багаж.
Штрајковите би биле скапи, смета директорот на Dnata Aviation Services, Алекс Дојсноу. Смета дека синдикалните барања се неодговорни и дека сигурно ќе имаат долгорочно влијание на способноста за работодавецот да делува во најдобар интерес за своите вработени.
Инаку, не се очекува дека од овој штрајк ќе биде погоден авиопревозникот British Airways, кој лета од терминалот број пет, но може да бидат погодени големите авиокомпании како Virgin Atlantic Airways Ltd, Singapore Airlines Ltd и Cathay Pacific Airways Ltd.
Штрајкот се поклопува и со Денот на благодарноста, па може да ги загрози и патниците кои одат во САД.
Портпаролот на Хитроу рече дека се разговара со компаниите за соодветен резервен план за оваа непредвидена ситуација, со цел прекините да се сведат на минимум.