Атмосферата се вжештува и расте еуфоријата пред утрешниот натпревар на македонската женска ракометна репрезентација, прв на ова Европското првенство, смета Гордана Нацева, амбасадорка на Европското првенство, која беше гостинка во Блумберг Адрија ТВ. Македонија е еден од организаторите на годинешното Европско првенство, заедно со Словенија и Црна Гора.
„Самото организирање на овој настан е голем предизвик, како од организациски, така и од резултатски аспект. Веќе се чувствува атмосферата дека сме само на еден ден пред првиот натпревар на македонската репрезентација. Очекувам дека ќе успееме да се покажеме како добри домаќини и организацијата ќе биде на високо ниво“, вели Гордана Нацева.
Во однос на резултатските очекувања, Нацева е оптимистка. Таа вели, дека дното е достигнато, сега можеме само нагоре.
„За жал, немавме среќа да бидеме во една полесна група, имаме исклучително тешка група, каде што противниците се од самиот европски врв, како што се Холандија и репрезентацијата на Франција, но нема предавање. Очекувам дека девојките ќе го дадат својот максимум. Спортот е момент на една висока инспирација, а нашите девојки ќе го имаат тоа, бидејќи се игра на домашен терен и очекувам извонредна атмосфера. Македонија имаше европски шампион во клупска категорија, а имавме и забележителни успеси на репрезентативно ниво на европските и светските собири, каде што стигнавме до седмото место. За жал, не го задржавме тоа ниво и мислам дека пред пет-шест години македонскиот женски ракомет го достигна самото дно. Но, кога си таму, не можеш подолу, едноставно може да се оди само нагоре и еве, полека но сигурно, ракометот почнува да го враќа својот сјај и токму во вистинско време ни доаѓа Европското првенство“, вели Нацева, која беше дел од најславната генерација македонски ракометарки.
Таа потенцира и на друг проблем, што се однесува на вложувањата во спортот, особено во женскиот ракомет, кои, според неа, одат паралелно со резултатите, односно поголеми вложувања значат и поголеми резултати. Нацева смета дека женскиот ракомет заслужува да се вложува во него. Засега инвестициите во женскиот ракомет се десеткратно помали од тие во машкиот, но таа очекува дека по првенството ќе се поместат работите во позитивна насока, како за вложувањата, така и кога станува збор за интересот на младите да го одберат овој спорт.
Погледнете го видеото со целиот разговор на Блумберг Адрија ТВ со Гордана Нацева, амбасадорка на Европското ракометно првенство.