Повеќе од 100 светски лидери пристигнаа во Шарм ел Шеик на годишниот самит на ОН за климатски промени, обидувајќи се да го задржат моментумот во битката за ограничување на штетните емисии со цел да се избегне затоплување на планетата.
И покрај пробивот за првпат на дневен ред да се стави прашањето за компензација на посиромашните земји поради влијанието на климатските промени, делегатите се скептични дека ќе бидат преземени нови големи обврски.
Зголемувањето на цените на енергијата, забрзано со руската војна во Украина, доведе до тоа многу влади приоритет да стават на безбедноста на снабдувањето пред транзицијата кон почиста енергија.
Глобалните емисии треба да почнат брзо да опаѓаат пред 2030 година за светот да има барем некакви шанси да го задржи глобалното затоплување под два Целзиусови степена. Но, тие најверојатно ќе постигнат рекорд оваа година. Земјите, од Пакистан до САД, беа погодени од невидени климатски катастрофи.
Во пресрет на конференцијата COP27, Мохамед Адоу, истакнат активист и директор на енергетскиот и климатски тинк-тенк Power Shift Africa, ја обвини ЕУ дека го користи континентот како „бензинска пумпа“ додека се обидува да ја прекине својата зависност од руските фосилни горива.
Тој посебно го издвои германскиот канцелар Олаф Шолц и рече дека европската трка по гас се заканува да ја заглави Африка „до гуша“ во фосилни горива, наместо да се поттикне потрагата по зелени алтернативи, како што се обновливите извори на енергија. Германија и ЕУ се обидуваат да дојдат до нови испораки на гас од земји како Алжир и Сенегал, а еврокомесарката за енергетика Кадри Симсон ја охрабри северноафриканската земја да спроведе повеќе истражувања за гас.
„Нашиот континент е на крстосница“, рече Адоу на прес-конференција заедно со Climate Action Network. „Пораката што сакаме да му ја испратиме на Шолц додека тој доаѓа овде е дека деновите на колонијализмот завршија. Нема да прифатиме енергетски колонијализам“, додаде тој.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Риши Сунак се меѓу најзвучните имиња најавени на почетокот на двонеделниот настан. Американскиот претседател Џо Бајден и новоизбраниот претседател на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, треба да се појават подоцна.
Францускиот претседател Макрон во изјава рече дека САД, Кина и другите неевропски богати држави мора „да го платат своето“ за да им помогнат на посиромашните нации да се справат со климатските промени.
„Потребно е САД и Кина поодлучно да пристапат“, рече Макрон на маргините на самитот COP27 во Египет, пренесе АФП.