„Покрај успехот на Мартин Саздов-Сакса и освоеното прво место во ’Дота 2’, треба да се нагласи и дека македонската е-спорт репрезентација две години по ред е европски шампион во ’Кантер страјк’, a минатата година го освоивме и првото место на Светското првенство во Израел, на ниво на кое се натпреваруваат држави и претставници на државите“, изјави за „Блумберг Адрија“ претседателот на Македонската е-спорт федерација, Бобан Тотовски. Според него, е-спортот во Македонија е во голем подем.
„Разликата меѓу е-спортот и другите спортови, како фудбалот, кошарката и ракометот, е во тоа што тие се развивале оддолу нагоре и зад себе имаат долг развоен период, додека е-спортот е млад спорт, кој постои две децении, и се развива одгоре надолу, бидејќи веќе има еден сегмент каде што постојат издавачи на игрите, професионални организатори на турнири, а во долното, аматерско ниво структурата воопшто не е поставена како што треба“, вели Тотовски.
Тој нагласува дека главната дејност на е-спорт федерациите во светот е да го решат таквиот проблем и да воведат ред.
„Благодарение на нашата федерација, Македонија е претставувана на сите светски натпревари, почнувајќи од Сингапур во 2005 година, па до следниот, кој ќе се случи во Бали за три недели“, посочи Тотовски. кој изрази надеж дека нашите репрезентативци ќе успеат да го одбранат златото од минатата година и да постигнат високи резултати на светската сцена.
Тој нагласи дека за една е-спорт репрезентација добро да функционира потребни се голем број луѓе што ќе работат околу неа, со што се отвораат нови работни места.
„Бројот на вработени во е-спортот во Македонија во наредните десет години ќе расте експоненцијално, во зависност од тоа какви се нашите ангажмани и колкава е поддршката од страна на државата, а предноста дека сме единствена држава во регионот што е целосно признаена и од Олимпискиот комитет и од Агенцијата за млади и спорт е огромна и се надевам дека и другите земји од регионот Адрија ќе го следат тој пример“, рече претседателот на Македонската е-спорт федерација.
Целиот разговор со него проследете го во видеото во рамките на оваа објава.