Просечниот македонски граѓанин купува онлајн еднаш-двапати во три месеци и прави нарачки најчесто до 50 евра, а најмногу нарачува од домашни е-трговци. Онлајн најмногу купува облека, а најмалку мебел и храна (испораки од ресторани).
Ова го покажува последниот извештај на Асоцијацијата за е-трговија, насловен „Преглед на анализата на е-трговијата (2022) во Република Северна Македонија и споредба со регионот и европските земји”, а кој денеска го презентира претседателката на Асоцијацијата, Нина Ангеловска, на петтото јубилејно издание на конференцијата за е-трговија, под мотото „E-commerce: Accelerate!“.
„Вредноста на трансакциите што Македонците ги реализирале кон домашните е-трговци во првата половина на 2022 година изнесува 12 милијарди денари и е за 22 отсто повисока споредено со првото полугодие во 2021 година. За охрабрување е и фактот дека во првата половина од годинава се отворени 110 нови е-продавници, што укажува на тоа дека продолжува трендот на зголемување на бројот на уреди што примаат платежни картички на виртуелни места на продажба“, се наведува во извештајот.
Во однос на навиките за користење на услугите од електронското банкарство, во Северна Македонија се забележува значителен пораст од 31 отсто од населението што користи интернет, но нашата земја е подобра само од соседните земји, додека 66 проценти од Европејците го користат интернетот за е-банкарство.
Но 85 проценти од Македонците го користат интернетот за социјални мрежи и се во горниот ранг. Сите балкански интернет-корисници најмногу сакаат да зборуваат, а помалку да праќаат електронска пошта. Црногорците отскокнуваат во учеството на социјалните мрежи, праќањето инстант-пораки и читањето онлајн вести, Србите во барање информации за производи/услуги и информации поврзани со здравјето, додека Босанците за продавање производи и услуги онлајн, иако речиси во сите други активности на интернет се на последното место.
Ангеловска во својот говор истакна дека иако бројките и податоците покажуваат раст на е-трговијата во државава, сепак уште сме рангирани на дното споредено со европските земји, а и зад некои од земјите од регионот кај повеќето индикатори.
„Податоците покажуваат раст речиси на сите индикатори, така на пример 46 отсто од интернет-корисниците купуваат онлајн, има значителен пораст во користењето на интернет-банкарството и понатамошен раст на онлајн трансакциите, меѓутоа сепак тоа е мал раст во споредба со земјите од Европската Унија. Затоа, мораме да го забрзаме развојот на е-трговијата, за да отскокнеме од дното неколку места напред“, додава Ангеловска.